X
 06.01.2018 Култура

Во пресрет на номинациите за „Оскар“, филмови со најголеми шанси да ја добијат наградата според критичарите

оскар
Фото: Printscreen

Овогодишната, деведесетта церемонија на доделувањето на „Оскарите“ ќе се одржи на 4 март во холивудскиот театар „Долби“. Официјалното гласање за најдобри филмови во сите категории, во кое учествуваат членовите на Американската филмска академија, почна вчера. Конечната листа со номинирани ќе биде објавена на 23 јануари.

До објавувањето на конечната листа со номинирани има повеќе од две недели, така што веќе започнаа шпекулациите за победниците. Како и секоја година, најинтересната категорија е онаа за најдобар филм. „ГолдДерби“, веб-страница што се занимава со предвидување на победникот на „Оскарите“, направи листа од 29 филмски критичари од познати светски страници, како „Ај-ем-ди-би“, „Ролинг Стоун“, „Ротен Томејтос“, „Венити Феир“ и други - секоја од овие страници направила своја листа со топ 10-филмови со најдобри шанси за освојување „Оскар“ за најдобар филм.

Во продолжение следуваат седум филма што, според критичарите, имаат најголеми шанси да освојат „Оскар“ за најдобар филм. Филмовите се рангирани по тоа колку критичари ги ставиле на прво место.

„Get Out“ (8 гласа)




Од 29 еминентни критичари, повеќето предвидуваат дека оваа година „Оскарот“ за најдобар филм ќе го освои „Get Out“, што е прилично неочекувано.

Имено, во досегашната практика филмовите објавени на почетокот на годината во најголем број случаи се игнорирани („Get Out“ излезе на 24 февруари). Хорор-филмовите никогаш не освојуваат „Оскар“ за најдобар филм („Кога јагнињата ќе стивнат“ беше првиот и единствениот хорор што освои „Оскар“ за најдобар филм). И по правило, режисерите дебитанти обично имаат минимални шанси.

Но режисерот Џордан Пиле ги прекршил сите правила. Неговиот хорор-филм со хумористични примеси е умно дизајнирана сатирична критика на современото општество. Филмот веќе има номинации за „Златен глобус“ во категоријата најдобра комедија и најдобар актер во филм-комедија (Даниел Калуја).

„Dunkirk“ (7 гласа)



Друг филм што е најголем кандидат за освојување „Оскар“ од критичарите е воениот спектакл на Кристофер Нолан. Нолан досега се покажа како доста успешен режисер, а голем дел од неговите филмови се наоѓаат меѓу топ-250. филма на „Ај-ем-ди-би“. „Dunkirk“ е првиот филм што го снимил според вистински настан, односно историски настан за спасување на речиси 400.000 сојузнички војници кои биле опколени од германската армија во Данкирк, град што се наоѓа на францускиот брег. И на оваа тема Нолан работел на свој специфичен и малку невообичаен начин.

Филмот е сиромашен со дијалози и карактеризација на ликовите. Наместо тоа, Нолан сакал да стави акцент на самата акција за на гледачите да им го долови чувството како изгледало да се биде таму, без многу објаснување за настанот. Некои од гледачите го критикуваа неговиот пристап, но критичарите ја изразија својата воодушевеност поради лирскиот пристап.

„The Post“ (5 гласа)



Секогаш кога Стивен Спилберг снима нов филм, се очекува да биде конкурент за „Оскар“ во неколку категории. Не е ништо поинаку и со „The Post“, за кој пет критичари предвидуваат дека ќе освои „Оскар“ за најдобар филм.

Спилберг докажа дека не се плаши од комплицирани теми. Овој пат ја пренесува вистинската приказна за невообичаеното партнерство меѓу Кетрин Грахам, издавач од „Вашингтон пост“, и уредникот Бред Бредли. И двајцата ја ризикуваат својата кариера и својата слобода во обид да ја откријат владината тајна што се провлекува три децении низ мандатот на четворица американски претседатели.

„Lady Bird“ (5 гласа)



Режисерот Грета Гервиг ги воодушеви критичарите, а за тоа доволно кажуваат и фантастичните 99 отсто од позитивните критики на „Ротен Томејтос“. Филмот е драма со елементи на комедија за растењето на една девојка и нејзиниот однос со мајка ѝ, инспирирана од животот на самата режисерка, за кој напишала и сценарио.

Критичарите укажуваат на квалитетот на глумата на Саорисе Ронан во главната улога, меѓутоа, најмногу импресионира режирањето на Грета Гервиг. Иако никогаш не посетувала филмско училиште, постои можност да освои „Оскар“, со што би станала петтата жена во историјата со „Оскар“ за најдобар филм.

„The Shape of Water“ (2 гласа)




Гилермо дел Торо направи уште една фантастична бајка во неговиот препознатлив и визуелен импресивен стил. Дејството на филмот е во Америка за време на Студената војна. Елиса е глувонема чистачка која работи во строго чувана владина институција.

Нејзиниот живот драматично ќе се промени кога ќе дознае дека владата во оваа тајна институција спроведува експерименти врз некое чудно подводно суштество. Работите дополнително се комплицираат кога Елиса се вљубува во суштеството.

Ваквите бајки обично не поминуваат добро на „Оскарите“, но Дел Торо веќе претходно докажал дека знае да ги поттикне членовите на Академијата да гласаат за неговите филмови. Неговиот „Pan's Labyrinth“ беше номиниран за „Оскар“ за најдобро сценарио. Со оглед на тоа што освои повеќе номинации за „Златен глобус“ од сите конкуренти, филмот е сериозен кандидат за „Оскар“.

„Three Billboards Outside Ebbing, Missouri“ (1 глас)



Режисерот Мартин Мекдона веќе доби „Оскар“ за најдобар краток филм за неговиот „Six Shooter“, а освои и номинација за најдобро сценарио за „In Burges“. Но се чини дека „Three Billboards Outside Ebbing, Missouri“ ќе се покаже како врв на неговата кариера.

Црната хумористична комедија ги следи напорите на една мајка, чија ќерка била убиена, да ја охрабри полицијата да го пронајде убиецот. За да го направи тоа, таа постави три билборди на влезот на нејзиното гратче.

Главната карактеристика на филмот е одличната актерска екипа: упорната мајка ја глуми оскаровката Френсис Мекдорманд, шерифот го глуми Вуди Харелсон, додека неговиот заменик го глуми Сем Роквел.

„Call Me By Your Name“ (1 глас)




Новиот филм на режисерот Лука Гвадагнина е романтична, иако контроверзна приказна базирана на романот на Андре Акиман. Приказната се случува во рурална Италија во текот на летото 1983 година, каде што 17-годишниот Елио ги поминува деновите со неговото семејство флертувајќи со убавиот сосед Марцио. Работите се комплицираат кога ќе се појави Оливер, пријател на таткото на Елио.

Иако Оливер е доста постар од Елио, меѓу нив почнуваат да се развиваат емоции низ кои Елио ја открива сопствената сексуалност. Станува збор за љубов на маж и тинејџер, а критичарите се согласуваат дека станува збор за меланхолично и моќно прикажување на првата љубов.

„Call Me By Your Name“ е еден од најдобро оценетите филмови за минатата година со високи 97 отсто позитивни критики на „Ротен Томејтос“.

Целосната листа со филмови можете да ја погледнете ТУКА.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура