X
 07.01.2018 Живот

10 најважни математичарки на сите времиња

Во текот на историјата жените немале иста можност за образование како мажите, дури немале ни право да одат на универзитет и да работаат како професорки. За среќа, тие времиња, барем во поголемиот дел од светот, се променети. Во продолжение прочитајте ги имињата на некои од најистакнатите математичарки на сите времиња:

фотоизвор: buka.com

1. Хипатија од Александрија (350/370 – 415)

Првата жена што дала значаен придонес во развојот на науката. Родена во Александрија, се занимавала со математика, филозофија и астрономија. Оставила свои коментари во грчките учебници, а достигнала извонредност со оглед на времето во кое живеела. Се смета дека ја убиле припадници на христијанска секта поради паганизам и сатанизам.

3. Емили ду Шателе (1706-1749)

Француска физичарка, математичарка и писателка. Живеела во време кога на жените не им биле отворени вратите од високото образование, но таа завршила студии и учествувала во научни дискусии. Објавила книга за филозофија и наука, а го превела и делото на Њутн - „Математички принципи“.

3. Мариа Ањези (1718-1799)

Италијанска математичарка, филозоф и теолог. Прва жена што е именувана за професорка на еден универзитет и прва жена авторка на математички прирачник. Најпознато нејзино дело е „Основата на анализата за употреба на италијанската младина“, што е прва книга во која се расправа за диференцијалната и интегралната сметка. Умрела во сиромаштија и е погребана во масовна гробница со тела од уште 15 лица.

4. Софи Жермен (1776-1831)

Една од пионерките на теоријата за еластичност, а остварила и значајни резултати во теоријата на броеви. Поради нерамноправноста во тој период, се допишувала со други математичари под машки псевдоним. Соработувала и со математичарот Гаус. Прва жена што е наградена од Француската академија за наука.

5. Ада Лавлејс (1815-1852)

Англиската математичарка Августа Ада Бајрон Кин е позната и како првата ИТ-програмерка. Ада го опишала методот на пресметување на низата Бернулиеви броеви. Тоа е првата компјутерска програма. Во нејзина чест има и програмски јазик со нејзиното име – „Ада“. Нејзиниот татко е познатиот поет Лорд Бајрон. Починала од рак на 37 години.

6. Софија Ковалевскаја (1850-1891)

Математичарка од Русија, научник и борец за женски права. Склопила фиктивен брак за да може да оди и да студира во друга држава. Докторирала во Берлин, па се смета за првата жена со докторат од математика во Европа. Во Русија не можела да најде работа, па заминала во Шведска да предава. Нејзино најголемо достигнување е теоремата Кочи-Ковалевскаја од областа на парцијалните диференцијални равенки.

7. Еми Ноетер (1882-1935)

Се смета за најзначајната жена во историјата на математиката. Најважни достигнувања на Германката се од областа на апстрактна алгебра и топологија. Исто така, се истакнала на полето на физиката. 15 концепти и теореми во математиката го носат нејзиното име. Со многу напор станува професорка на Универзитетот во Готинген, а со доаѓањето на Хитлер била протерана и заминува во САД, каде што ги поминала последните 2 години од животот.

8. Мери Картврајт (1900-1998)

Британска математичарка, прва членка на Британското кралско друштво за унапредување на науката и прва добитничка на Силвестеровиот медал. Авторка на повеќе од 100 труда, а е прва жена претседател на Лондонското математичко друштво.

9. Џулија Робинсон (1919-1985)

Американска математичарка позната по својата работа на Хилбертовиот десетти проблем. Имала многу здравствени проблеми, но успеала да стане првата математичарка во Националната академија за наука, како и прва претседателка на Американското математичко друштво.

10. Шафи Голдвасер (1958-)

Американско-израелска математичарка која предава електротехника и компјутерски науки на МИТ во Масачусетс и на Институтот „Вајзман“ во Израел. Се занимава со компјутерска теорија на комплексност, криптографија и компјутерска теорија на броеви. Добитничка е на Годеловата награда, и тоа два пати.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот