X
 07.01.2018 Наука

Како реагира мозокот на мајката кога ќе го чуе плачот на детето?

Мајките многу брзо учат да препознаваат што значи плачот на нивните бебиња. Бебињата различно плачат кога се гладни, кога не им е удобно и кога се преплашени. Плачот на бебињата им е единствено оружје за преживување. Веќе по неколку моменти откако ќе станат мајки, жените почнуваат да учат како да ги препознаат разликите во плачот на новороденчето, а тоа им помага да разберат што му треба на бебето. Како што се покажало, постои причина зошто мајките брзо учат да го препознаат плачот на бебето. Мозокот на мајката се адаптира за да одговори на потребите на бебето.


Постојат низа интересни студии за тоа што се случува во мозокот на мајката кога бебето плаче. Иако изгледа како едноставен процес, бебето плаче – мајката реагира, една студија објаснува дека всушност постои неверојатна количина на мозочна активност и кореспондирачки систем кој учествува во реакцијата на мајката.

Студија од 2011 година објаснува дека постојат различни подрачја во мозокот што се вклучуваат кога бебето ќе заплаче. Студијата толкува како мозокот на мајката се „вклучува“ при плач на бебето. Научниците претпоставуваат дека во нејзиниот мозок се случуваат многу мали промени уште за време на бременоста, а важно е и значењето на порастот на хормонот допамин, кој му помага на мозокот да се подготви за родителство.

Освен допаминот, голема улога во регулацијата на мајчиното расположение и одговор на плачот на бебето има и окситоцинот. Кога мајката го става бебето на градите, окситоцинот го преплавува мозокот на мајката и промовира поврзување, сочувство, но и хормони на „добра волја“, кои помагаат во создавањето блиска врска помеѓу мајката и детето. Многу хормони му помагаат и на системот за наградување, исполнувајќи го мајчиниот мозок со среќа и грижа за бебето. Тоа е природен пат кој овозможува мајките да уживаат додека се грижат за своите новороденчиња.

Истата студија утврдила дека постојат разлики и во лачењето на хормоните и нивната регулација помеѓу мајките. Мајките што родиле деца по природен пат покажуваат посилна реакција во мозокот за време на плачот на детето, 2 до 4 недели по породувањето, отколку мајките што родиле со царски рез. Мајките што дојат се почувствителни на мозочно ниво отколку мајките што им даваат вештачко млеко. Тоа не значи дека тие се подобри мајки, туку само дека имаат мали разлики во хормоните.

Мозокот на мајката реагира само на плачот на сопственото дете и автоматски го филтрира плачот на другите деца, за мајката да може да се фокусира на своето. Неодамнешна студија потврдила дека промените што се случуваат во мозокот се вистински и се случуваат кај сите мајки. Со нив, мајката се грижи за детето и прави сè што треба за да ги задоволи неговите потреби.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука