X
 07.01.2018 Живот

Најсреќниот човек во светот ве учи како да медитирате

медитација
Фото: Printscreen

Тибетскиот будистички монах Матие Рикар, познат и како најсреќниот човек во светот, вели дека е невозможно да не се чувствуваат позитивните ефекти од практикувањето одредена форма на медитација: особено онаа фокусирана на сочувството.

Рикар почнал да го проучува будизмот како докторски студент на престижниот Институт „Пастеур“ во неговата родна Франција. Откако докторирал, одлучил да отпатува за Хималаите, каде што станал монах на возраст од 30 години. Оттогаш, му станал десна рака на далај-лама, еден од најпродаваните автори на книги.

Постојат многу различни видови медитација - и за медитацијата, како и секоја друга вештина, потребна е пракса. Во продолжение тој го споделува неговиот најосновен совет за секој што е заинтересиран за општите практики на медитацијата, пред да биде подготвен да научи нијанси на разни техники.

„Нема ништо мистериозно. Не треба да се обидувате да го ’испразните‘ умот со темјан околу вас под дрво од манго“, вели тој.

Најпрво треба удобно да се сместите, со затворени очи, полека вдишувајќи и издишувајќи, фокусирајќи се на вашиот здив. Како што мислите минуваат низ вашиот ум, немојте активно да се обидувате да ги игнорирате, туку оставете ги да пловат, без да се поврзувате со одредена мисла. Ако се чувствувате расеано, фокусирајте се на вашето дишење.

Кога ќе бидете доволно релаксирани, помислете на некој што ве прави среќни. Фокусирајте се на вашата алтруситичка љубов кон таа личност.



„Сите имаме безусловна љубов кон дете или кон некој што ни е драг. Овие моменти на љубов обично траат 10, 15 секунди, 1 минута, а потоа се насочуваме кон нешто друго, започнуваме да си ја работиме работата. Вие треба да го зграпчите тоа убаво силно топло чувство и наместо да дозволите да исчезне за 15 секунди, го чувате 5, 10 минути, заживувајќи го“, вели тој.

И тоа е тоа. Откако ќе ја практикувате таа едноставна вежба за медитација, можете да започнете да го ширите тоа чувство кон одредени луѓе или непознати луѓе за вас, или одреден дел од светот.

Како што докажале многуте истражувања во кои учествувал Рикар, умот реагира на овој тип медитација, а мозокот развива посилна способност за емоционална контрола.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот