X
 08.01.2018 Технологија

Дали животот во 2018 година е ист како што предвиделе пред еден век?

иднина
Фото: Wikimedia Commons

Луѓето на почетокот на 20 век се надевале на идните иновации и на она што тие би можеле да го донесат. Технологијата што излезе од Првата светска војна и зголемениот потенцијал на електрична енергија кажувале многу за тоа на каде ќе се движи иднината. Футуристите од почетокот на 20 век предвиделе неверојатен бум во технологијата што би ги трансформирал човечките животи на подобро.

Всушност, многу од тие предвидувања за иднината во која живееме не биле далеку, од пролиферацијата на автомобили и авиони до широко распространетиот пренос на информации. Секако, специфичноста за тоа како овие уреди ќе работат е различна. Сепак, овие предвидувања ни покажуваат колку нашата технологија напредувала во само еден век - и каде иновациите би можеле да нѐ однесат.


Повик во иднината


Во ладен февруарски ден во 1917 година пронаоѓачот Александар Греам Бел одржал говор пред дипломците од школата „Мекинли“ за рачна обука.

5

„Сега, интересно е и поучно да се погледне назад во неколку промени што се случиле и да се пронајде еволуцијата на сегашноста од минатото“, рекол Бел. „Со проектирање на овие линии, можете да ја прогнозирате иднината, до одреден степен и да препознаете некои од полињата што се корисни и што се отвораат за вас“.

Во 1876 година Бел го патентирал уредот денес познат како телефон. Како што уредот се ширел, така неговите способности овозможиле да се пренесуваат гласовите преку огромни растојанија. Во 1915 година еден ваков систем за „безжична телефонија“ му овозможил на човек од Вирџинија да зборува со друг човек во Париз, додека трет човек од Хонолулу ги слушал - растојание од 7.885 километри, поставувајќи го рекордот за најдолгата комуникација на далечина.

Бел се восхитувал од ова достигнување и од промената што веќе ја создал во светот, предвидувајќи дека ова достигнување еден ден ќе овозможи луѓето да разговараат од кој било дел од светот токму преку телефон.

Превозот во иднината

Пред еден век луѓето биле опседнати со превозните средства на иднината. До 1914 година компанијата „Форд мотор“ ја развила првата монтажна линија што овозможила да се произведат 300.000 автомобили во една година. Со транзитот кој овозможил да се трансформира општеството, футуристите почнале да замислуваат свет во кој секој човек од Мајами до Москва би можел да поседува сопствен автомобил. И не биле многу далеку од вистината - денес речиси секое домаќинство поседува автомобил. Но тие замислени автомобили изгледале малку поинаку од оние што ги познаваме денес.

На 6 јануари 1918 година една статија во „Вашингтон тајмс“ го опишала автомобилот на иднината. Водоотпорен, со страни направени целосно од стакло и седишта што може да се поместат каде било во возилото. Било опишано дека автомобилот имал серво-волан, сопирачки, греење и мала контролна табла за навигација.

4
Фото: Wikimedia Commons

Предвидувачите на иднината во почетокот на 20 век биле поттикнати од идејата дека нашето секојдневно патување нема да биде ограничено само на копно. Така, на пример, серијата разгледници изработени помеѓу 1899 и 1910 година од страна на францускиот уметник Жан-Марк Коте и неговите соработници прикажуваат како до 2000 година луѓето веќе ги колонизирале небото и морето - и веќе ги регрутирале животните за нашите транзитни цели.

5
Фото: Wikimedia Commons

Воздухопловството било најважно со оглед на тоа што браќата Рајт го направиле нивниот успешен лет со авион во 1903 година, поттикнувајќи ги другите пронаоѓачи и инженери да тестираат голем број дизајни на авиони пред Првата светска војна. Поттикнат од тоа, Коте замислувал дека до 2000 година речиси секоја форма на транспорт ќе биде во воздух.

Технологијата станува лична

Во 1900 година кустосот и писател Џон Елфрит Воткинс Џуниор напишал статија со наслов: „Што може да се случи во наредните сто години?“ Гледајќи напред, Воткинс замислувал свет во кој технологијата не била ставена во рацете на индустријата или војската - наместо тоа, таа се користела за забава и погодност на луѓето.

3
Фото: Wikimedia Commons

Иако не ја предвидел телевизијата во сегашна форма, Воткинс претскажал дека технологијата еден ден ќе донесе оддалечени концерти и опери во приватните домови. Тој исто така предвидел дека фотографиите во боја еден ден ќе можат за брзо да бидат пренесени низ светот.

Воткинс замислил дека технологијата ќе ги трансформира нашите домови и исхрана. Иако фрижидерот со механичко ладење не бил измислен до 1925 година и не бил широко употребуван до 40-тите години, Воткинс правилно предвидел дека во фрижидерите ќе се чуваат големи количини свежа храна во подолг период, а летечките фрижидери ќе доставуваат овошје и зеленчук низ целиот свет.

Некои од неговите предвидувања биле блиску до реалноста, но биле далеку од другите аспекти на животот во 21 век. Тој сметал дека човекот ќе ги истреби штетниците, како лебарките, глувците и комарците, како и сите диви животни.

Воткинс исто така мислел дека ќе се елиминираат буквите „С“, „X“ и „Q“ во англиската азбука бидејќи биле непотребни, а луѓето ќе се претворат себеси во супервид со физичко образование што ќе започнува уште од мали нозе, а тогаш кога мажот и жената не би можеле да одат ни 4 километри, би се сметале за слаби. За жал, нашиот проблем со глобалната дебелина покажува дека реалноста е сосема спротивна.

2
Фото: Wikimedia Commons

За футуристите од почетокот на 20 век, се чинело дека роботите и автоматизацијата ќе бидат од суштинско значење за луѓето од 21 век, кои би служеле како наши шофери, чистачи на домовите, домаќини, па дури и електрично би ни ги пренесувале нашите ракувања.

И Александар Бел го предвидел овој тренд. Во говорот до дипломците тој рекол: „Безбедно е да се каже дека научниците и техничките експерти се предодредени во иднина да заземат истакнати и чесни позиции во сите земји во светот“.

Иднината на чиста енергија


Можеби повеќето изненадувачки предвидувања од минатиот век се однесуваат на фосилните горива и на животната средина. Да, денес некои луѓе сѐ уште се спротивставуваат на транзицијата од фосилни горива и го игнорираат научниот консензус за климатските промени. Но, научниците од почетокот на 20 век почнале да поставуваат теории дека еден ден ќе мораме да се одвикнеме од фосилните горива.

2
Фото: Popular Mechanics

Уште во 1896 година научникот Сванте Арениус пресметал дека удвојувањето на концентрацијата на јаглеродниот диоксид во атмосферата ќе ја зголеми температурата на Земјата помеѓу 8 и 9  Целзиусови степени. Арениус бил инспириран од откритието на неговиот пријател Арвид Хогбом, кој сфатил дека човечките активности ослободуваат јаглероден диоксид со приближно иста стапка како и природните процеси. Поради брзината со која индустриските земји гореле јаглен во 1896 година, Арениус верувал дека затоплувањето предизвикано од човекот нема да достигне проблематично ниво илјадници години. Но, до моментот кога ја објавил книгата „Worlds in Making“ во 1908 година, што всушност бил обид да се објасни еволуцијата на универзумот на популарната публика, таа стапка толку се зголемила што Арениус бил убеден дека количината на јаглероден диоксид во атмосферата може да се удвои за неколку века.

Научниците не се сложувале со идеите на Арениус, ниту препознале дека фосилните горива имаат негативен ефект врз нашата планета. Сепак, дури и пред научниците да ги разберат ефектите на фосилните горива, футуристите предвидувале дека ќе треба да ја намалиме употребата на јаглен и нафта. „Јагленот и нафтата се користат сѐ повеќе и се строго ограничени во квантитет“, изјавил Александар Бел во својот говор во февруари 1917 година. Тој продолжил:

„Можеме да земеме јаглен од рудник, но никогаш не можеме да го вратиме. Можеме да извлечеме нафта од подземни резервоари, но никогаш не можеме повторно да ги надополниме. Што ќе правиме кога ќе немаме јаглен и нафта?“

Тој додал дека хидроенергијата во тоа време била ограничена и имплицирал дека еден ден би можело да се генерира енергија од плимата или брановите или преку сончевите зраци директно како извор на енергија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија