X
 08.01.2018 Наука

Климатските промени го променија распоредот на преселба на птиците?


Штркови во гнездо
(Фото: Pixabay)



Во последните децении голем број птици го промениле своето однесување во поглед на преселбите, а се потврдува дека најголемо влијание врз тоа имаат климатските промени. Дополнително, нивната судбина зависи и од тоа колку ќе го усогласат своето однесување со другите членови на екосистемот.

На пример, штрковите, едни од птиците преселници што патуваат на големи далечини, одлучиле да ја скратат преселбата. По правило, зимуваат јужно од Сахара, но сè повеќе се задржуваат на подрачјето на западното Средоземје поради поблагите зими. Други видови, пак, се враќаат порано на своите подрачја на вгнездување. Видот црноглаво грмушарче во овие предели се враќа значително порано во текот на пролетта. Исто така, сè порано од зимување се враќаат и славејот, гулабот гривнаш, ластовицата и циганчето (мала врапчевидна птица).

Досегашните истражувања на пролетната преселба на кукавицата во другите европски земји дале различни резултати. На некои подрачја во Европа е забележан значаен тренд на нејзино подрането враќање. Меѓутоа, некои автори зборуваат за неповрзаност помеѓу годините на истражување и датумот на враќање од зимување. Сепак, ластовиците, обичниот сколовранец и белата тресиопашка се враќаат по старо, но се истакнува дека белата тресиопашка се враќа многу порано на подрачјето на Североисточна Шкотска.  

Сè уште се бара одговор на прашањето зошто различни видови, но и поединечни популации на ист вид, различно реагираат во текот на долгогодишниот период на климатски промени.

Исто така, на стручните лица им е проблем воопшто да ја сфатат таа појава и дали таа има штетни последици за птиците или е корисна за нив.

Некои автори даваат докази за негативно влијание на климатските промени врз светот на птиците, а други, во помал број од првите, документираат позитивни импликации. На пример, некои автори расправаат за падот на бројноста на единките на далекупреселните видови, додека други сугерираат дека повисоките пролетни температури на воздухот во последните децении се причина за пораст на популацијата на гуските.

Се чини дека поединечни видови цицачи, во споредба со птиците, поинтензивно го поместуваат времето на репродуктивниот циклус. Некои истражувања покажале дека кај одредени видови песнопојки почетокот на вгнездување се поместил една недела порано, додека кај сивите сонливци (вид глодачи) се поместил дури еден месец порано.

Тоа би можело да ги загрози преселниците, конкретно црноглавото муварче, затоа што поместувањето на репродукцијата на сонливците во целост би можело да се поклопи со периодот на размножување кај овие птици, а со оглед на тоа што и двата вида своите млади ги чуваат и ги одгледуваат во дупки, сонливците, како „посилен“ вид, би можеле да ги истераат видовите помали птици што ги затекнуваат во дупките.

Поради тоа, би можело да дојде до значителен пад на популацијата на кукавиците. Имено, кукавицата е натрапник кој во Европа паразитира на гнездата на 125 видови од редот врапчевидни, поради што мора да се „усогласи“ времето на „користење“ на гнездата.

Се заклучува дека се потребни понатамошни истражувања, а опстанокот на некои птици зависи од нивната приспособливост на климатските промени.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука