X
 09.01.2018 Култура

Како холивудските скандали влијаеја врз наградите „Златен глобус“?


Вајнстајн и Спејси
(Фото: Getty images)


Серијата скандали на сексуално вознемирување што го стресоа Холивуд минатата година резултираа со тоа што беа изземени од номинации за годинашниот „Златен глобус“ неколку филмови и ТВ-серии чии машки протагонисти беа меѓу главните обвинети во настаните.

Филмот на Ридли Скот, „All the money in the world“, доби три номинации – за најдобар спореден актер, режисер и актерка. Скот и филмското студио „Сони“ донесоа одлука без преседан да го отстранат Кевин Спејси од филмот во кој се зборува за киднапирање на 16-годишниот Џон Пол Гети, поради што деловите од филмот се одново снимени. За потсетување, Спејси е обвинет за сексуално вознемирување на почетокот на минатата година, а овој потег очигледно вродил со плод.

Серијата „House of cards“ оваа година не доби ниедна номинација, за разлика од претходната кога имаше дури осум номинации. Спејси во 2015 година освои еден „Златен глобус“, а неговата колешка Робин Рајт – во 2014 година. Со оглед на обвинувањата, „Нетфликс“ соопшти дека Спејси нема да игра во шестата и последна сезона на оваа серија.

Без номинација остана и комедијата „Transparent“ на Џил Саловеј, во која игра Џефри Тамбер, кој исто така е обвинет за сексуална злоупотреба, иако претходно имал седум номинации. Иднината на серијата е неизвесна бидејќи Тамбер изјавил дека не знае како ќе се врати, со оглед на тоа што неколку жени од серијата, меѓу кои и Трејс Лисет, го обвиниле за непристојно однесување.

Филмот „Three billboards outside ebbing, Missouri“, во кој една мајка бара правда за својата силувана ќерка, наиде на пофалби поради темата што ја обработи во време на скандалите со Вајнстајн. Филмот понесе шест номинации, меѓу кои за најдобра драма и најдобра актерка.

И покрај скандалот со креативниот директор Џон Ласетер, анимираниот филм „Coco“ беше номиниран за најдобар анимиран филм. Ласетер минатиот месец соопштил дека ќе земе шестмесечно отсуство, откако бил обвинет за сексуално вознемирување.

Генерално, со номинации се закитија главно ТВ-серии во кои главната улога ја толкува жена што се бори против сексуално насилство. Меѓу нив се најдоа: „Big little times“ со шест номинации, „Handmaid’s tale“ со две номинации, „13 reasons why“ со една номинација, „Glow“, „The deuce“ и „The marvelous Mrs. Maisel“.

Свеченото прогласување на победниците се одржа на 7 јануари, а ако сте го пропуштиле овој настан, номинациите и победниците може да ги видите на следниот линк.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура