X
 10.01.2018 Образование

Децата, религијата, државата, образованието - каде е мерката?

Дали е можно религијата да се одвои целосно од државата? Дали треба религијата да не се споменува воопшто во текот на образованието и да биде целосно одвоена од развојот на човекот? Дали е во ред одвојување на државните и религиските институции во едно општество? Можно ли е тоа? Постојат ли истражувања кои покажуваат дека учењето на религијата навистина ја зголемува толеранцијата? Кои се тие содржини кои треба да се учат во училиштето?


Според УНЕСКО во73  држави постои религиско образование како задолжителен предмет. Во 53 земји, во првите шест години од образованието во просек се учи 388 часови или околу 8% од вкупното време определено за учење. Во Саудиска Арабија е 31% од времето. Во Европа ситуацијата е следна: Полска 456 часови (10,3%); Норвешка 332 часови (8,7%); Австрија 380 часови (8,2%); Белгија (Француска заедница) 360 часови (6,9%); Финска 228 часови (6,1%); Данска 240 часови (5,6%); Велика Британија, Англија 243 часови (5%); Исланд 209 часови (5%); Грција 210 часови (4,8%); Романија 170 часови (4,3%); Литванија 143 часови (3,8%); Турција 144 часови  (3,3%); Словачка 59 часови (1,4%).

Прашањето за религијата во образованието е поврзано со интерпретацијата на правото, дефинирањето на улогата на државата, јавните и приватните образовни институции и религиските организации. Клучниот елемент на недоразбирањата се случува во оној момент кога ќе почне да се интерпретира моментот на индоктринација, односно кога тоа е неприфатливо за верувањата, уверувањата и идеологиите на родителите.

Ние сме од оние држави во кои правата на родителите за образованието на нивните деца  не се почитува. Ние припаѓаме на оние системи од социјалистички држави во кои родителите беа правно задолжени да ги воспитуваат и образуваат своите деца во училишта кои беа поставени на марксистичката идеологија. Пред втората светска војна, католичката црква во некои европски земји барала сите училишни предмети во сите училишта, па дури и математиката и природните науки, да бидат поврзани со католицизмот. Сличен пример има и во Иран во 1979 г., каде што целиот наставен план и програма морале да бидат исламизирани.

Правото на родителите да ги образуваат своите деца во склад со своите лични религиски или филозофски уверувања е дадено безусловно во меѓународните документи од 1989 г., кога е усвоена Конвенцијата за правата на детето. Оттогаш, ова право е ограничено бидејќи Конвенцијата ги обврзува државите да почитуваат две различни работи: 1. „право на детето на слобода на мислење, совест и вероисповед“ (член 14.1) и 2. „право и должност на родителот да овозможи насочување на детето во исполнување на неговото или нејзиното право на начин кој е во согласност со  развојот на способностите на детето“ (член 14.2).

Проблемот се појавува што Конвенцијата не дефинира што се подразбира под способност на децата. Одговорите на овој недостаток на Конвенцијата денес се бараат во невро-науките и расправата за постоење на духовна, емоционална и друга интелигенција.

Дали треба да има религиско учење во училиштето? Според Советот на Европа „да“ треба да има. Во 1999 г., Советот на Европа во своите Препораки за религијата и демократијата посочува дека „Образованието е клучниот начин за борба против незнаењето и стереотипите. Училишните и универзитетски наставни планови и програми би требало да се ревидираат така што да се промовира подобро разбирање на различните религии. Потоа се препорачува:

-Да се воспостави учење за религиите како низа на вредности кон кои младите луѓе мораат да развиваат различен пристап во рамките на своето образование,

-Промовирање на учењето на компаративна историја на различни религии, со фокус на нивното потекло, сличност во некои вредности и разлика на нивните обичаи, традиција, празници, итн.,

-Соработка со религиски образовни институции,

-Избегнување на конфликти помеѓу државата која промовира образование на религиите и верата на семејството, со цел да се почитува слободната одлука на семејството за ова чувствително прашање.

Оваа препорака им дава на творците на политиката референца по прашањето дали учењето на религиите би требало да се прави во училиштето или не.

Но, одговорноста е во Министерството за образование или локалните училишни власти кои ги прават наставниот план и програми, ги подготвуваат наставните материјали и ги бираат наставниците. Тука треба да се бара мерката и културата на соработка помеѓу религиските заедници, училиштата, наставниците и локалните политичари.

Во Италија, наставниците кои се задолжени да ги предаваат сите предмети, имаат право на „приговор на совеста“ што им дозволува да бидат изземени од обврската да предаваат католичка религија. Во Англија и Велс постои клаузула според која наставниците можат да одлучат ако е спротивно на нивното уверување да не предаваат религиско образование.

Во САД, молитвата и побожното читање на Библијата се забранети во јавните школи, но учениците имаат право да се молат „на начин кој не ги вознемирува другите, согласно правилата во средината“. Учениците можат да ја читаат својата Библија или други религиски текстови, можат да се помолат пред оброкот, можат да разговараат и да ги убедуваат своите врсници за религиски теми, да учествуваат пред или после училиштето во настани со религиска содржина, и да го изразат своето мислење за религијата во форма на домашна задача, уметничка работа, и други писмени или усмени задачи.

Особено е интересен и вреден придонесот на социјалните антрополози во Велика Британија кои компаративно гледаат на улогата и влијанието на педагогијата а посебно на „интерпретацискиот процес“ од страна на учениците и учителите во религиското образование.

Но, остануваат клучните прашања:

Зошто религиското образование и во земјите каде што е забрането во јавните училишта и во оние каде што е дозволено самото по себе не е доволно да го подигне нивото на „религиската неписменост“ на новите генерации, не влијае значително во намалување на стереотипите и предрасудите, не ги намалува фундаменталистичките идеи, не ја подига толерантноста во современите мултикултурни и мулти верски општества.

Превземено од блогот на проф. д-р. Кирил Барбареев - Еуритмија

Извор:
https://www.opensocietyfoundations.org/sites/default/files/y_bosnian_0.pdf

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование