X
 11.01.2018 Живот

Тајната на Лале Соколов - мајсторот за тетоважи во „Аушвиц“

Лале Соколов повеќе од 50 години живеел со голема тајна. Поради работата што ја имал и местото каде што ја извршувал, Соколов во текот на Втората светска војна го видел најлошото од човештвото. Со години никому не кажувал што и каде работи. Кога наполнил 80 години и се оддалечил од местото каде што работел, ја открил својата тајна.


Соколов бил мајстор за тетоважи во „Аушвиц“. Денес е жител на предградие во Мелбурн. Лале ги тетовирал рацете на луѓето во логорот кои не биле испраќани во плинските комори, а ја чувал својата тајна поради уверувањето дека има нешто за криење. За овој човек годинава ќе излезе и книга.

Цел живот живеел во страв и параноја поради хорорите што ги гледал додека работел во логорот. Тој сметал дека ако проговори јавно, луѓето ќе го сметаат за соработник на нацистите. Ја раскажал приказната откако неговата жена Гита починала, велејќи дека неговата приказна е за преживување, но и за голема љубов.

Како 26-годишник е одведен во „Аушвиц“, најголемиот концентрационен логор. Таму името му е заменето со „32407“, а е ангажиран како градежник. Работел на проширување на капацитетот на логорот бидејќи бројот на луѓе постојано растел. Набрзо заболел од тифоидна треска, па за него се грижел францускиот научник Пепан. Тој му го истетовирал идентификацискиот број на Соколов. Кога оздравел, почнал да работи со Пепан и започнал и самиот да тетовира. Потоа, Пепан исчезнал. Соколов зборувал словачки, германски, руски, француски, унгарски и полски јазик, па добил напредување како главен мајстор за тетоважи. Во секој момент бил надгледуван од полициски службеник. Спиел во еднокреветна соба, а по работното време имал право на слободни активности. На себе никогаш не гледал како на соработник на нацистите. Го работел тоа за да преживее, не можел да избира, а бил благодарен затоа што тоа му гарантирало дека наредното утро повторно ќе се разбуди.

И покрај тоа, често добивал смртни закани од разни генерали, кои постојано го тероризирале. До пролетта 1943 година сите затвореници биле тетовирани и нумерирани. Додека му бил асистент на Пепан, во 1942 година, добил задача да го напише бројот „34902“ на кожата на млада жена. Лале не сакал, но Пепан му рекол дека ако не го направи тоа, нацистите ќе го убијат. Додека го тетовирал бројот на нејзината рака, таа го тетовирала својот број на неговото срце, рекол Соколов. Затвореничката се викала Гита и бил сместена во женскиот логор во Биркенау. Со помош на еден чувар, Лале ѝ испраќал писма, а тие писма довеле и до тајни средби. Потајно ѝ давал дополнителни намирници, па дури и ја префрлил на подобро работно место. Гита немала толку надеж како Соколов, кој сметал дека ќе преживее.

Ја користел својата позиција за да прехрани што повеќе луѓе. Во 1945 година Гита исчезнала од животот на Лале. Била меѓу одбраните што го напуштиле логорот. Благодарение на накитот што го украл од нацистите, успеал да стигне до своето родно место Кромпахија, во тогашна Чехословачка. Се упатил кон Братислава и чекал на железничката станица, но не ја видел Гита. Шефот на станицата му рекол да се провери во Црвениот крст. Додека одел натаму, млада жена поминала покрај него. Неговото лице му било познато. Исто и нејзините очи. Гита го пронашла.

Се венчале, а Лале потоа започнал трговија со текстил. Некое време бизнисот бил успешен, но кога власта открила дека тајно испраќа пари во движењето за воспоставување еврејска држава, бил испратен во затвор. За време на едно привремено пуштање од затворот тој и Гита побегнале од Чехословачка.
Некое време живееле во Виена, па се преселиле во Париз, за на крајот да стигнат до Австралија. Лале таму повторно започнал трговија со текстил, а Гита почнала да дизајнира фустани. Првото дете го добиле во 1961 година. Во Мелбурн останале до крајот на животот. Гита, пред да почине во 2003 година, неколку пати ја посетила Европа, но Лале никогаш не се вратил.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот