X
 12.01.2018 Култура

Трите клучни секунди што ќе останат запаметени во светот на спортот

Прочуена победа, невидена неправда, „студена војна“ во спортот, кражба на медали или генијална игра?

фотоизвор: Getty Images

„САД победија. Но, момент... судиите го вратија времето на три секунди до крајот. Уште три секунди! На семафорот гледаме погрешна информација. Играта не е завршена, има уште време“, вели советскиот спортски коментатор.

1972 година, арената „Руди Седлмајер – Хал“ во Минхен и финален натпревар во кошарка на Олимписките игри. На паркетот се машките репрезентации на Советскиот Сојуз и на Соединетите Американски Држави. Во тие три секунди се случува нешто што потоа ќе се смета како почеток на „студената војна“ во спортот – едно од најдраматичните случувања во историјата на светската кошарка.

Кон крајот на декември во кината во Русија почна да се прикажува спортскиот хит „Движење нагоре“, кој само за девет дена заработи двапати повеќе од вложените средства (7,8 милиони долари). Овој филм сигурно нема да им се допадне на Американците.

До 1972 година американските кошаркари ни еднаш не изгубиле на Олимписките игри. Биле непобедливи. Според правилата од тоа време, на Олимпијадата не можеле да учествуваат професионални кошаркари. Затоа репрезентацијата на САД се состоела од 20-годишни играчи во студентски клубови. Кај Советите ситуацијата била различна: главни играчи биле ветераните од кошарката, кои официјално не биле членови на спортски клубови. Првото полувреме во финалето во Минхен завршило со резултат 26:21 за СССР. За 12 минути, до крајот на играта, паркетот го напушта главната ѕвезда на американскиот тим - Двајт Џонс. Но, последните 6 минути Американците крваво се борат и за 3 секунди до крајот успеваат да поведат со 50:49. Потоа следуваат хаотични настани, времето брзо тече. Американците сметаат дека е крај и почнуваат да слават.

Помошниот тренер на СССР, Сергеј Башкин, барал на екранот да се вратат 2 секунди изгубени во нападот кој не бил ни реализиран: топката била воведена во игра иако селекторот Владимир Кондрашин барал тајмаут. Судиите го прифаќаат тоа бидејќи генералниот секретар на ФИБА, Вилијам Џонс, дозволил изгубеното време да се врати и да се повтори нападот.

Следува прецизно додавање на топката на Александар Белов преку целиот терен. Тој бил сам под кошот и постигнал поени. Во тие последни секунди репрезентацијата на СССР ја добива победата. По натпреварот, Американците цела ноќ се обидувале да се изборат за „правда“ . Но, резултатот останал непроменет, а Американците не се појавиле ниту да го земат среброто.

Во 2002 година од „Ејч-би-о спорт“ снимиле документарец во кој овој натпревар е наречен „најголема перверзија над спортскиот фер плеј“. Според мислењето на авторот на филмот, генералниот секретар на ФИБА, Вилијам Џонс, немал право да се меша во играта. Што се однесува до ѕвездата на таа вечер, Александар Белов, тој е првиот странски кошаркар што во 1992 година влегол во Куќата на славните американски кошаркари, како и во Куќата на славните во ФИБА во 2007 година. Починал во 1978 година, на возраст од 26 години.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура