X
 15.01.2018 Технологија

Во бекстејџот на „Фејсбук“ – колку заработуваат 500. работници што прегледуваат милијардa постови дневно?


Деловниот простор на „Фејсбук“ во Есен.
(Фото: Profimedia)


Компанијата „Фејсбук“ првпат ги отворила вратите на својот центар за бришење содржини во Есен во Германија.

Во петкатна зграда повеќе од 500 работници работат на секојдневно бришење коментари, фотографии и видеоснимки што ги кршат правилата на „Фејсбук“.

Вработените секојдневно мора да ги прегледуваат вознемирувачките снимки и фотографии, а голем дел од нештата што мора да ги избришат се однесуваат на говор на омраза, спамови и содржини кои содржат лажни вести, потврдил портпаролот на овој центар за бришење содржини во Есен.

Овој центар е задолжен за бришење содржини од целиот свет, не само од Европа.

Компанијата го отворила овој центар во октомври минатата година и е втор од овој вид во Германија, а првиот се наоѓа во западниот дел на Берлин.

Новинарите што биле во посета не смееле да разговараат со вработените во текот на 30-минутната посета, а работниците во тој период не работеле ништо од безбедносни причини.

Како и мнозинството од денешните компании, така и просторот во оваа зграда е од отворен тип, што значи дека сите заедно се сместени во голема просторија исполнета со бироа со компјутери.

Главната цел кон која се стреми „Фејсбук“ во контекст на елиминирање на содржините што се против правилата на користење е квалитетот. Имено, вработените се трудат да спречат ситуации при кои некоја содржина би била избришана од некој член, а друг ја оставил затоа што смета дека не ги крши правилата.

Во Есен не се прегледуваат содржини што спаѓаат во категоријата терористичка пропаганда, екстремно насилство и детска порнографија.

Почетната плата на работник во овој центар изнесува 10,5 евра од час, што значи дека на месечно ниво, ако сметаме дека се работат пет дена во неделата по осум часа, работниците можат да заработат 1.680 евра. За споредба, законски пропишаната минимална саатница во регионот Северна Рајна-Вестфалија е 9,10 евра.

Од „Фејсбук“ истакнуваат дека бројот на постови што корисниците ги пријавуваат се бројат во милијарди.

На овој линк можете да погледнете повеќе фотографии од центарот за бришење содржини на „Фејсбук“ во Есен.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија