X
 16.01.2018 Култура

„Ромео и Јулија“ на Пројковски - најдобра претстава во Турција

Театарската претстава „Ромео и Јулија“ во продукција на Националниот театар од Истанбул, а во режија на Дејан Пројковски, е прогласена за најдобра претстава за минатата година во Турција, јави Макфакс. Наградата ја доделува најголемото и најпрестижно списание за театарска уметност „Тијатро“ во Турција.


Списанието „Тијатро“ секоја година организира доделување театарски награди, а врачувањето било синоќа во „Гранд Пера“ во Истанбул, во присуство на голем број личности од јавниот живот на Турција.

Турската театарска критика ја оцени со суперлативи претставата на Пројковски.
- Претставата што произлегува од кинематографската перцепција на режисерот треба да се разгледа во две фази – првата е длабочината на сцените што нè водат во магијата на љубовта, а втората е извонредниот спој на музиката и играта во водата. Приказната што е ставена во еден чин, а трае повеќе од 2 часа, не остава простор за потреба од пауза бидејќи секако ќе ја гледате во еден здив - напиша во својата рецензија Јашам Каја, еден од најреномираните театарски критичари во Турција.
„За да ја опишам оваа претстава, нема да згрешам доколку го искористам зборот совршена“, додава тој.


Премиерата на претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски се одржа на 17 октомври 2017 година, а до крајот на годината веќе имаше 30 изведби.
Освен Пројковски, во проектот беа вклучени и други уметници од Македонија. За костимите се погрижи Олга Панго, за музиката - Горан Трајковски. Асистент на режија е Атила Клинче. Месецов се закажани 12 изведби на претставата и сите се распродадени.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура