X
 16.01.2018 Култура

Виктор Ефтимов, колумнист на Факултети.мк: Веста дека сум ваш избор ме поттикна повеќе да читам и да пишувам

Омилен автор засекогаш ќе ми остане мајка ми, Лилјана Ефтимова, чии зборови, сега и секогаш, ќе ги доживувам како нејзини последни

По три месеци поминати во исчекување, потрага по инспирација и контакт со публиката, Факултети.мк го избра најдобриот колумнист. Виктор Ефтимов има само 21 година, студира на ФЕИТ, но во него наѕира голем талент и речиси изграден стил.


Tе израдува ли веста дека ти си изборот на Факултети.мк за најдобар колумнист?
- Кога се пријавив на конкурсот, па дури и за време на целото тоа колумнистичко искуство, во главата непрестајно ми се вртеше едно смешно прашање: што ако победам? Отпрвин, тоа се чинеше невозможно бидејќи зад себе немав никакво слично искуство, ниту пак кондиција да истраам 12 недели, но не и неостварливо. Тогаш ќе ви кажев дека наградата ми нема никакво значење зашто се сметав за недоволно созреан во поглед на пишувањето, а уште побитно - пишувањето на сериозни дела. Меѓутоа, како што одминуваа неделите, уочив дека можеби грешам и дека доколку навистина сакам да бидам писател, тогаш ова е совршената шанса за таков почеток. Веста дека јас сум изборот за најдобар колумнист не само што ме израдува туку и ме поттикна уште повеќе да читам и да пишувам, бидејќи, после сè, пишувањето е занает.

Дали веќе имаш идеја какво дело би пишувал, раскази, роман, тема...?
-Замислата ми е да напишам роман. Темата што ќе ја опфаќа веќе подолго време се испишува во мене и на некој начин ми претставува должност и ветување да ја преточам на хартија. Како тоа би изгледало на крај - навистина не знам, но верувам дека целата слика ќе ја добијам со текот на самото пишување.


Што, за тебе, претставува пишувањето?
- Само по себе, пишувањето претставува занает. Верувам дека со доволно вложен труд секој може да научи да пишува и тоа на доста завидно ниво. Но, исто така, пишувањето бара и дарба, и понекогаш, во рацете на оној што навистина умее да пишува, тоа прераснува во уметност.

Имаш ли омилени автори?
- Книгите никогаш не сум ги читал во зависност од нивниот автор. Притоа, се случувало да налетам на автор чија наратива многу ми се допаднала и тоа ме натерало да прочитам уште негови дела. Како такви, можам да ги издвојам Франц Кафка, Херман Хесе и др. Но, омилен автор засекогаш ќе ми остане мајка ми, Лилјана Ефтимова, чии зборови, сега и секогаш, ќе ги доживувам како нејзини последни.

Дали отсекогаш си сакал да пишуваш?
- Иако пишувањето, на овој или на оној начин, отсекогаш било присутно во мојот живот, не можам да го кажам истото и за мојата желба за пишување. Имено, уште за време на моето основно образование писмените по македонски јазик ми ги пишуваше сестра ми. Некаде околу средината на средното образование почнав со пишување поезија и тоа ми стана пасија. Никогаш досега немам сериозно пишувано проза и затоа пишувањето на овој роман ми претставува голем предизвик.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Култура