X
 17.01.2018 Живот

Нов закон во Европската Унија: Секој што ќе се заканува преку социјалните мрежи ќе биде казнет

фб
Фото: Y.Mok

Тој што на социјалните мрежи се заканува, не смее да помине неказнет. Но социјалните мрежи како „Фејсбук“ не треба сами да одлучуваат за тоа колку далеку треба да оди слободата на мислата, вели Крсто Лазаревиќ.

Замислете дека сте излегле од домот во вечерните часови. И - од една страна се наоѓа знамето на германскиот Рајх, а од друга страна - маж со мегафон кој вика: „Нека горат домовите за азилантите“. И додека сè уште сте во шок поради оваа сцена, непозната личност ви приоѓа од зад грб и на уво ви вели: „Знаеме каде живееш, лесно ќе те најдеме!“

Голем дел од луѓето изразуваат вакви ставови на социјалните мрежи, бидејќи оној што загрозува, шири омраза или навредува на социјалните мрежи, во принцип во Германија не мора да стравува од казнено гонење.

Пофалба од Русија за германскиот закон

Исклучок се случаите што предизвикуваат големо внимание во јавноста. Откако политичарот Јенс Маер од АфД на „Твитер“ изнел расистички навреди на сметка на Ноа Бекер, синот на Борис Бекер, берлинскиот регионален суд забранил така да пишува. Хронично преоптоварените германски судови обично не се занимаваат со навреди на помалку познати личности.

Германската влада го идентификувала проблемот, но, за жал, реагирала со еден од најглупавите и најопасните закони донесени во последните неколку години во Сојузна Република Германија - и покрај фактот што претходно сите експерти го критикувале.

Но имало и пофалби. Пратениците од партијата на Путин сметаат дека германскиот закон е толку добар, што веднаш би можел да се предложи и во Русија.

Законот за подобрување на примената на правата на социјалните мрежи во Германија стапил во сила од почетокот на годината - и со тоа започнало интензивно бришење на мислењата на социјалните мрежи. Неговите жртви се и политички и сатирични текстови што не се ни кривично-правно релевантни, ниту претставуваат говор на омраза. „Твитер“ покажа посебен недостиг на смисла за хумор и привремено ја блокира страницата на сатиричниот магазин „Титаник“.

Кога германската држава се заканува со казни, интернет-корпорациите работат по принцип - сомнеж против обвинетиот. „Фејсбук“, „Твитер“ и другите компании и пред законот ја проверувале нивната содржина. Проблемот со новиот закон е во тоа што оние што работат за компанијата сега побрзо бришат содржини и ги блокираат корисниците од кога било претходно.

Иронијата е во тоа што е можно и министерот за правда Хеико Мас да е жртва на сопствениот закон. Тој во ноември 2010 година, откако Тхило Саразин ја објавил својата „расна доктрина“ под наслов „Германија се укинува самата себе“, објавил твит: „За време на посетата на исламската заедница во Сарбрикен повторно ми стана јасно каков идиот е Саразин“.

Сатира или закана?

Едноставно е погрешно да се карактеризира Саразин како идиот бидејќи станува збор за поим од старогрчкиот јазик што означува личност што се држи настрана од јавните и политички работи, што, за жал, Саразин не го прави. Правилно би било да го карактеризира како лош писател и одвратен расист.

Првиот потег на новата влада би требало да биде укинување на овој закон. Притоа работата не би била решена бидејќи не е случајно тоа што најострите критичари на овој закон се десничарски популисти, десничарски екстремисти и неонацисти и тие сакаат да продолжат да шират расизам, сексизам и антисемитизам.

Затоа ни е потребна интернетска полиција. Не мислам дека треба постојано да се читаат глупави коментари на „Фејсбук“. Мислам на образованите луѓе кои прават разлика што е сатира, а што полемика, а што закана.

Бришењето постови нема да биде доволно

Проблемот на неказнивоста на интернет со новиот закон нема да биде отстранет, бидејќи се бришат само кривично-правно релевантните мислења, па германското судство и понатаму ќе биде преоптоварено. Потребни се повеќе ресурси и повеќе судии што ја разбираат тематиката.

Ако некој се заканува дека физички ќе ме нападне, не сакам само да се избрише заканата. Сакам таа личност да сфати дека такво нешто не може неказнето да помине. Ако некој напише „Евреите во комора“, тогаш сакам таа личност да одговара за ширење омраза, а не само да биде нервозна бидејќи ѝ бил избришан постот.

Интернет-полицијата би била значително поскапа отколку само трансфер на одговорност каква што има сега. Кој ќе плати? - ќе праша некој. Но постои модел според кој компаниите плаќаат данок во земјите во кои профитираат, така што тие се платени од државни расходи, како полицијата, училиштата или болницата. „Епл“, „Алфабет“ и „Фејсбук“ не се баш љубители на ваквиот модел, но тоа е друга тема.

Автор: Крсто Лазаревиќ, за „Дојче веле“
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот