X
 19.01.2018 Образование

Ризван Бела, директор на БРО: Наставниците мора да се стимулираат со повисоки плати за да ги учат децата во 21 век

Уште првиот ден кога дојдов им кажав на моите колеги дека кога ќе одиме по училиштата, наставниците треба да се радуваат штом ќе нѐ видат, а не да се плашат од нас

Креирање нови наставни програми, чешлање на програмите од прво до трето, нов прирачник во граѓанското образование, ова се дел од активностите на кои е ставен фокусот на работата на Бирото за развој периодов. Од есенва нов директор на оваа значајна институција е Ризван Бела, долгогодишен професор по албански јазик и книжевност во основно и во средно образование. Работел и како раководител во секторот за Европската Унија, а бил и координатор на ИПА-проектите во МОН.
Со него разговаравме за предизвиците пред кои е исправен во оваа учебна година.

Ризван Бела

Раководите со една од најважните образовни институции. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате овие неколку месеци откако сте на чело на БРО?
- Чест ми е што сум именуван за директор на Бирото за развој на образованието. Тоа е многу значајна институција која повеќе од 50 години работи на унапредување на образованието во нашата земја. Изминатите месеци немав многу време за постепено запознавање со работата, туку веднаш се вклучив во решaвање на проблемите и предизвиците што се појавија на почетокот од учебната година. Требаше да се согледа до каде е реализацијата на одредени проекти, дали и како тие да продолжат, да се слушнат и разгледаат барањата на училиштата, наставниците, како и на други институции во однос на многу отворени прашања и да се најде вистинскиот одговор на нив, или доволно, за почеток, да почнеме да размислуваме за нивно решавање.

Повеќе од 15 години сте биле наставник во основно училиште. Изгледа ли многу различно од оваа страна, кога не сте директно вклучени во наставата?
- Гледајќи од денешен аспект, сега многу подобро ги сфаќам работите во образованието. Секогаш треба да се гледа од двете страни на медалот. Заедно со колегите овде треба да бидеме мостот што ќе ги поврзе учениците, наставниците, родителите. Се обидувам да бидам тој што ќе ги поврзе сите страни и ќе ја сложи таа сложувалка и дека ќе доведеме до поквалитетно образование. За тоа се потребни волја, услови, тим, експерти.

Имате ли добар тим за да го остварите тоа?
-Во Бирото најдов одлични соработници, експерти, некои дури и мои професори. Поделени сме во 16 подрачни единици во цела земја, некаде по пет вработени, а некаде само еден. Ни недостигаат човечки ресурси, веќе покренав иницијатива за нови работни места. Идејата ми е да ги вратиме нашите советници во училиштата и да ја играме најважната улога – советодавната! Уште првиот ден кога дојдов на оваа позиција им кажав на моите колеги дека кога ќе одиме по училиштата, наставниците треба да се радуваат штом ќе нѐ видат, а не да се плашат од нас. Кога бев во посета на Финска, се изненадив од фактот дека таму нема Државен просветен инспекторат. Кога ги прашав зошто немаат, ми одговорија дека немаат потреба, дека наставниците ги вршат задачите што им ги дава директорот на училиштето. Биро за советување имаат, зашто на секој му требаат совети. Треба да се вратиме во училиштата што поскоро, таму ни е местото!


Од пред три учебни години е воведена програмата „Кембриџ“, која ниту родителите, ниту децата, ниту наставниците не ја прифатија со радост. Наставниците реагираа дека немаат доволно обуки, дека не е соодветно приспособена за нашето поднебје. Има ли кој да го слушне гласот на наставниците?
- Факт е дека програмата не беше воведена сукцесивно и дека наставниците не беа доволно подготвени за да ги реализираат програмите, а исто така училиштата не се доволно опремени или немаат средства за наставните помагала потребни за успешна реализација. Проблемите и реакциите кај наставниците и кај родителите произлегоа од учебниците, од нивната неприспособеност, а не од наставната програма. Токму затоа МОН оваа учебна година ја одложи реализацијата на програмите „Кембриџ“ во средното образование. Потребно е, во меѓувреме, да се направат анализи, а и Министерството да даде насоки и да донесе одлука дали и како ќе се продолжи со имплементацијата на овие програми, за кои не може да кажеме дека не се добри, туку е потребно да се исполнат и други услови за нивна успешна реализација. Со министерката Рената Дескоска формиравме група од врвни стручњаци од Бирото, универзитетски професори, настaвници. Работиме на новиот концепт за наставните програми за од прво до трето и до крајот на месецов ќе излеземе со конкретни промени во овие учебници. За одредени предмети реално е да се очекува дека ќе има промени во учебниците од наредната учебна година. Учебниците не се наша нагледност, туку на Педагошката службa. Ние даваме стручно мислење дали се во согласност со програмата што сме ја донеле. Јас сум за тоа да работиме постепено, да не избрзуваме и да направиме грешки како што е направено претходно.


Каков, според Вас, треба да биде еден наставник/професор во 21 век?
- Пред некоја недела ѝ честитав роденден на мојата учителка од градинка. Сметам дека, како што вели една кинеска поговорка, кралевите им се поклонуваат на своите учители. И претседателот треба да се поклони пред својот учител. Улогата на наставникот отсекогаш била значајна во општеството. Покрај семејството, наставникот е тој што им ги пренесува не само знаењата туку и вредностите на животот, на општеството, на учениците и им дава насоки како да ги вградат тие вредности во своето секојдневие. Ние не треба само да ги учиме, туку и да ги научиме како да учат. За тоа се потребни големи заложби. Треба да ја приспособиме воспитно-образовната работа и програма за да ги задоволи потребите и интересите на учениците на 21 век. Сѐ повеќе ќе треба да се почитува индивидуалниот стил на учење, личноста на ученикот, децата денес брзо стигнуваат до информации и наставникот мора брзо да реагира на сите прашања. Наставникот ќе треба да ги прифати иницијативноста и самостојноста на новите генерации ученици, да им понуди различни извори на учење (не само учебникот), да ги вклучува учениците сѐ повеќе во процесот на наставата, во истражувачки активности, во дискусии, во оценувањето. Голем предизвик на наставниците ќе биде како да го привлечат и да го задржат вниманието на новите генeрации, со планирање интересни содржини, со заедничка работа, со почитување на искуството на учениците, со визуелен пристап и разни други стратегии за активно вклучување на учениците во наставата и учењето. Но, наставниците мора да имаат мотивација. Затоа, сметам дека Владата мора да направи напор да им ги зголеми платите!

Есента правевте истражување од областа на предучилишното воспитание и образование кое покажа дека на овој сегмент допрва треба многу да се работи. Кои беа најважните заклучоци?
- Утврдивме дека Македонија е една од ретките во регионот што немаат закон за предучилишно образование. Јас лично сметам дека ако не порано, ама барем на 5 години треба да биде задолжително одењето во градинка. Така децата ќе бидат поподготвени за на училиште. Предучилишното воспитание и образование е многу чувствителен и значаен потсистем кој ги дава основите за развој на секое дете. Во нашата земја за предучилишното воспитание и образование надлежни се министерствата за труд и социјала и за образование и наука и БРО како изготвувач на програмите. Голем дел од ингеренциите се испреплетуваат, потребна е поголема усогласеност за да може да се спроведат успешни реформи. По истражувањето, Бирото излезе со препораки до министрите на овие две министерства. Дел од нашите сугестии се вградени и во Стратегијата за развој на образованието 2018-2025. Сметаме дека треба да се донесе посебен закон за предучилишно воспитание и образование, да се издвојат точно ингеренциите на сите институции, да обезбедиме услови годината пред поаѓање во училиште да стане задолжителна, постојано да ја унапредуваме програмата за образование во предучилишните установи и тој сегмент да стане доминантен во нив, а не да доминира само згрижувачкиот сегмент во градинките и другите предучилишни установи. Голема поддршка во развојот на предучилишното образование дава и Канцеларијата на УНИЦЕФ и во делот на утврдувањето на стандардите за рано учење и развој, развивањето на програмата врз тие стандарди, во центрите за ран детски развој итн. Заложбите на Бирото ќе бидат во насока на јакнење на образовната и воспитна компонента во предучилишните установи, следење на реализацијата на програмата и обука на воспитувачите.


Кој образовен систем треба да го следи Македонија?
- Ние мора да се споредуваме со регионот, а не со Скандинавија. Мислам дека треба да се стремиме кон словенечкиот систем. Можеби ни е поблизок бидејќи некогаш живеевме во иста држава. И мојата последна посета на Словенија ми го потврди тоа. Тие се многу напред и би требало да ги следиме нивните чекори. Многу ми се допадна начинот на кој работат. Прво, наставниците и професорите во таа земја се многу поплатени од нашите. Ми беше интересно што директорите на училиштата имаа голем авторитет. Нас нѐ придружуваше деканот на Факултетот за физичка култура. Не смеевме без најава да влеземе во некое основно училиште. На патот кон училиштето рече дека за 10 минути ќе почне часот и дека ако не стигнеме навреме, ќе треба да чекаме, оти не смееме да прекинуваме час. Кај нас тоа не се почитува. Родителите, за жал, влегуваат кога сакаат. Наставниците го дозволуваат тоа. Треба да се подигне нивото на свест кај учениците и кај наставниците, а и кај родителите. Посетивме неколку училишта во Љубљана, за кои ни нагласија дека не се најдобрите во градот. Намерно не ни ги покажале најдобрите за да добиеме реална слика за образованието во Словенија. Интересно е дека во селата имаат дури и подобри услови за настава со помалку ученици. А кај нас е обратно. Во Словенија е привилегија да учиш во село.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Образование