X
 20.01.2018 Живот

Коментарот на Бранислав Нушиќ за филмовите за возрасните најдобро го опишува балканскиот морал

бранислав
Фото: RAS arhiva

Пред точно 80 години почина Бранислав Нушиќ, српски книжевник, комедиограф, писател на драми, приказни и есеи, основач на реториката во Србија.

Напишал околу 100 драмски дела, главно комедии, а најпозната е „Сомнително лице“. Меѓу многуте важни настани од неговиот импресивен живот е една интересна анегдота од 1908 година.

Првите „филмови за возрасни господа“ ги полнеле кината во доцните часови на Калимегдан на почетокот на 20 век, како на репертоарот да се наоѓала „Сомнително лице“. Во едно од таквите кино-театри навистина се нашло сомнително лице меѓу публиката.

Познатиот писател и новинар по тоа искуство објавил колумна, на 9 февруари 1908 година, со наслов: „Во кино-театарот“. Многу сметаат дека ова било првата вистинска критика на пикантните филмови и слики, како што ги нарекувал Нушиќ. Ви ја пренесуваме колумната.

„Пред некој ден во кино-театарот се прикажуваа пикантни слики на чии плакати пишуваше: ’Само за возрасни‘. Бидејќи се сметам себеси за возрасен, се разбира дека и јас отидов на претставата. Не ме интересираа толку самите слики.

Не отидов таму за сликите, туку за публиката. Сакав со мои очи да видам кој во Белград има ’пик‘ за пикантерии. Седнав и почнав да ја набљудувам непосредната околина. Од левата страна седеше една осигурана вдовица од внатрешноста. Не беше таа толку осигурана со тоа што седеа три господа, туку по тоа што на 40. ден од смртта на својот сопруг дошла во Белград да ја земе сумата на која нејзиниот маж бил осигуран. Замислете како таа тажна морала да ги набљудува тие пикантни слики - ни самото осигурување не можело да ја утеши.

Од мојата десна страна седеа една невеста и младоженец, венчани пред една недела. Нив дури и ги прислушував. Тој на уво ѝ ја објаснуваше секоја слика. Ги слушав неговите објаснувања, ѝ кажуваше само по два збора за секоја слика. Кога ќе се појавеше слика со маж во таква и таква поза, правејќи го тоа и тоа, тој ѝ велеше: ’Како јас!‘, а кога ќе се појавеше слика од жена, тој ѝ велеше: ’Како тебе!‘ Па ќе се појавеше слика од маж и жена како се фрлаат еден на друг во прегратка, а тој на својата жена ѝ велеше: ’Како нас!‘

На третата маса, зад мене, се наоѓаше поп. Што бара поп тука, Боже мој? Дека е возрасен, возрасен е. Тоа не може да се негира, но дали таквата претстава ја смета како некој вид бдеење или дошол за да има на што да се згади?

И тогаш уште повнимателно набљудував. Се однесуваше како што му доликуваше на повикот. Веднаш штом жената ќе се појавеше на платното, тој ги тргаше очите и го бараше погледот на вдовицата со осигурувањето. Сигурен сум дека овој поп кога ќе си оди дома, прво ќе го испрска креветот со темјан, па ќе ја прочита молитвата што ја брка треската и лекува, па ќе си легне и ќе се разбуди рано наутро.

Близу мене седеше и еден господин кој еднаш ми напиша долго писмо. Во писмото ми замери што понекогаш ја преминувам границата во моите мемоари и ги ’замрсувам‘ со понекоја пикантерија.

Тој господин остана до своето строго морално гледиште, толку што, иако е татко, еднаш го сретнав како седи со пејачка и слатко ѝ зборуваше. Тогаш му пријдов и му реков: ’Во право сте. Ќе се задржам во иднина да не пишувам така‘.

Но не е само тој. Постојано има други луѓе таму. Постојано има возрасни. Има татковци кои на вечера ги учат своите деца и им замеруваат за ова или за она, а потоа брзаат да ги гледаат овие слики за возрасни. Седум ноќи по ред не можев да добијам место во киното, од мајки и татковци, сестри и браќа, од професори и попови и сите други што толку силно го осудуваат моралот. Ми дојде да се качам на бината и да кажам: ’Во право сте. Ќе се задржам во иднина да не пишувам така‘“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот