X
 21.01.2018 Живот

Мрачна исповед на најдобриот олимпиец на сите времиња: „Со денови седев затворен во соба, не сакав да бидам меѓу живите“

felps
Фото: Reuters

Најдобриот олимпиец на сите времиња, Американецот Мајкл Фелпс, отворено зборуваше за депресијата и самоубиствените мисли на конференцијата за ментално здравје во Чикаго што се одржа оваа недела. Во интервјуто за Си-ен-ен, Фелпс искрено сподели за неговите успеси, меѓутоа, и за тешките денови што следувале по големите успеси.

„Размислувате за самоубиство“, раскажува во интервјуто Фелпс, потсетувајќи се на некои од најмрачните моменти на депресија што ги доживеал. Тој раскажуваше за вродениот нагон што му помогнал да стане најодликуван олимпиец во историјата, со 28 медали освоени на пет летни Олимписки игри.

Откако во 2000 година во Сиднеј му побегнал медалот, Фелпс се форсирал до крајни граници за да биде што подобар. Наградата за труд пристигнала во форма на шест златни медали на Олимписките игри во Атина. Но потоа работите тргнале на лошо. Со оглед на тоа дека тој бил најуспешен период во неговиот живот, тогаш почнал да се соочува со проблеми со менталното здравје.

„По секоја Олимпијада мислам дека паѓав во тешка депресија. Забележав дека цела низа чувства едноставно не беа како што треба, и тоа одреден период во годината, на почетокот на октомври и ноември. Мислам дека во 2004 година поминав низ првиот период на ужасна депресија“, раскажува тој.

2
Фото: Reuters

Фелпс смета дека му било најлошо по Олимписките игри во 2012 година. „Повеќе не сакав да се занимавам со спорт. Всушност, повеќе не сакав да бидам меѓу живите“, раскажува тој. Со денови седел затворен во собата, не сакал ништо да јаде додека депресијата сè повеќе го обземала. На крајот сепак побарал помош.

Откако прифатил помош и добил терапија за депресија, полесно се соочува со сопствените емоции. Денес сфаќа дека е сосема во ред да има денови кога не се чувствува најдобро, како и тоа дека менталните болести ги следи стигма со која сè уште секојдневно се бори.

Тој се надева дека неговата отвореност ќе ги поттикне другите отворено да зборуваат за проблемите и да побараат помош, а со тоа да си го спасат животот.

Уште од раното детство пливањето за Фелпс претставувало еден вид бегство од животните проблеми со кои не можел да се соочи. Родителите Дебора и Мајкл Фред се развеле кога Фелпс имал девет години и оттогаш тој практично не го гледал својот татко. Во една пригода раскажа дека неговиот тренер Боуман му станал сурогат татко и го учел работи што не можел да ги научи на друго место, како возење автомобил и врзување вратоврски.

felps
Фото: Reuters

Со оглед на сè што се случувало, се формирал како самотник, задлабочен во својот свет и често несвесен за околината. Во шесто одделение му биле дијагностицирани нарушувањето хиперактивност и дефицит на вниманието, што било уште една причина да се посвети на пливањето. Откако пред неколку години најави дека ќе си замине во пензија, Фелпс сфати дека во него се крие исплашена личност без идентитет и без јасна претстава за тоа што сака да направи во животот.

„Не се грижев за ништо. Немав самодоверба, ниту спознание за сопствената вредност. Мислев дека светот би бил подобро место без мене. Во еден момент помислив дека најдоброто нешто што можам да го направам е да му ставам крај на мојот живот“, раскажува Фелпс. Пред да побара помош, утеха побарал во алкохолот, но набрзо бил уапсен поради возење во алкохолизирана состојба, па се пријавил во клиниката „Медоус“ во близина на Феникс, каде што 45 дена се лекувал од психолошки трауми.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот