X
 22.01.2018 Живот

Отворена првата продавница без продавачи и без редови за чекање наплата

Во американскиот град Сиетл е отворена првата продавница без продавачи и без редови за плаќање. Се работи за продавница на „Амазон Гоу“ која изминатата година ја тестираа вработените во „Амазон“, а денеска е отворена за јавноста.

фото извор: Business Insider

Како што јавува Би-би-си, новоотворената продавница користи низа камери кои ќе го идентификуваат купувачот, а и ќе ги препознаат артиклите што ги избира, со што се елиминира потребата за посебно читање и наплата на одбраните артикли на каса.

Сите артикли со кои купувачот ќе ја напушти продавницата автоматски се наплаќаат, а кредитната картичка мора да се пријави на влезот од продавницата со скенирање на апликацијата „Амазон гоу“ на паметниот телефон.

Сензорите на полиците ги додаваат артиклите на сметка како што купувачите ги земаат, односно ги бришат во случај на враќање на артиклот на полицата.

Концептот на продавниците без продавачи и редови за чекање за наплата е започнат уште во 2016 година, но продавниците на „Амазон“ во Сиетл досега ги користеле само вработените од компанијата, за да се уверат дека системот навистина функционира.

Се очекувало продавницата за јавноста да биде отворена и порано, а се одложи бидејќи системот имал проблем со идентификацијата на купувачите кои имаат сличен тип на тело, како и со децата кои ги враќале артиклите на погрешни места на полиците.

Се работи за своевидна револуција во малопродажбата, со оглед на тоа дека е општо познато оти купувачите се враќаат во продавниците во кои купувањето може да се заврши брзо и ефикасно. Би-би-си наведува дека избегнувањето на долгите редови за наплата во секој малопродажен синџир на маркети ќе даде голема предност пред конкуренцијата. Не треба да се заборави на фактот дека во такви продавници не мора да се вработуваат продавачи, што е дополнителна заштеда за синџирот на продавници.

Се планира да се отворат низа вакви продавници.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот