X
 23.01.2018 Образование

Родителите од ОУ ,,Димитар Поп Георгиев-Беровски“: Дечињата немаа можност ни да се збогуваат со наставниците

Родителите бараат прием кај градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, а писма испратиле до Министерството за образование и наука, до Државниот просветен инспекторат, до Општината и до училишниот одбор. Тие бараат да им се обноват работните договори на наставниците.



Второодделенците од училиштето ,,Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во скопската општина Ѓорче Петров и денеска ќе ја бојкотираат наставата поради одлуката донесена за време на распустот двата одделенски наставника да бидат сменети. Родителите на 31 дете од второ А одделение се едногласни. Велат дека политиката не ги интересира. Тие сметаат дека директно се загрозени правата на децата. Родителите испратија писмо до медиумите во кое посочуваат дека на пет (од десет) наставници што работеле со договор на определено време не им се продолжени договорите. Од тие пет, двајца се одделенски наставници од исто одделение – второ А.

- Моето дете е едно од децата што се директно засегнати од оваа ненајавена промена. Фрустрира фактот што ние, како родители, не само што не бевме информирани за промената туку не бевме ниту консултирани колку сме задоволни од досегашната работа на наставниците. Не би сакала да се политизира овој настан бидејќи навистина се работи за политички независен случај. Замислете, дечињата немаа можност да се збогуваат со наставниците, а поради самата возраст на децата, тие ги гледаат како свои родители – објаснува мајка на едно од децата.

Таа потенцира дека никој не ги прашал родителите какво е нивното искуство со наставниците во однос на образовниот процес, напредувањето и развојот на нивните деца. – Не нè известија ни кои ќе бидат следните наставници, дали и тие се со договор на дело, па во иднина дали нè чека истата судбина. Ние, како родители, наместо да бидеме информирани од официјален извор за релевантните случувања во училиштето каде што се образоваат нашите деца, собираме информации од каде ќе стигнеме, бидејќи релевантните не беа во состојба навреме да нè информираат. Од сево ова најголема штета трпат децата. Ние веќе имавме слична ситуација кога на почетокот од годината ја сменија едната наставничка, исто така без најава. Свесна сум дека ова е резултат на досегашната долгогодишна неправилна работа на надлежните, меѓутоа, ова исто така е можност да се променат работите што не се одраз на демократијата, на квалитет, на функционалниот образовен систем. Искрено се надевам дека надлежните ќе имаат слух за нашите барања – вели загрижената мајка.

Родителите бараат прием кај градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, а писма испратиле до Министерството за образование и наука, до Државниот просветен инспекторат, до Општината и до училишниот одбор. Тие бараат да им се обноват работните договори на наставниците.
- Сите родители сме едногласни. Свесно ја бојкотираме наставата, иако знаеме дека е на штета на нашите деца. Ќе бојкотираме сè додека не нè прими градоначалникот. Реагираме и до повисоки инстанции зашто мора да се воведе посоодветен начин за да се вршат вакви промени, каде што мислењето на родителите ќе се земе предвид – вели мајката.

Ова не е изолиран случај во ова училиште. Факултети.мк неофицијално дознава дека во последните 3,5 години во едно одделение се смениле дури пет наставници. Наставниците во секое основно училиште ги назначува директорот на образовната институција. Нивните плати се обезбедуваат од блок-дотациите што ги исплаќа МОН до секоја општина, која потоа ги префрла парите до секое училиште.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование