X
 25.01.2018 Живот

Ако сакате да успеете, излезете од вашата удобна зона!


Леонардо ди Каприо како „Волкот од Волстрит“
(Фото: Youtube printscreen)


Иако формулата за богатење е изненадувачки едноставна, сепак, ни оддалеку не е лесна. Најбогатите и најуспешните имаат импресивна работна етика и работат прекувремено, постојано излегувајќи од својата удобна зона, подготвени да го почнат својот работен ден пред изгрејсонце.

Исто така, тие прават дневни избори кои мнозинството ги избегнува по секоја цена: богатите луѓе не го следат „племето“, пишува „Индипендент“.

„Толку многу посакуваме да се претопиме, да се вклопиме во општеството, да бидеме дел од масата, што би направиле речиси сè за да избегнеме да се разликуваме, да стрчиме“, пишува Томас Корлеј во книгата „Change Your Habits, Change Your Life“.

„Тоа што не се издвојуваат од масата е причина зошто мнозинството луѓе никогаш не постигнуваат успех“, продолжува тој. „Масата ги запира на нивниот пат.“

Успешните луѓе создаваат сопствено „племе“, а потоа вовлекуваат и други во својата заедница, смета Корлеј, кој поминал пет години проучувајќи ги дневните рутини на богатите луѓе. „Ако сакате да се издвоите, создајте сопствено ’племе‘ во кое подоцна ќе влезат и други.“

Сепак, не е лесно да се направи вакво издвојување.

Всушност, ние дури и генски сме предодредени да се вклопуваме, објаснува Корлеј: „Тоа е нуспроизвод на еволуцијата на човечкиот геном. Во текот на раниот дел од човековото постоење брзо откривме дека кога сме дел од група, побезбедни сме и посигурни од напади на предатори. Племенската доктрина го обезбеди опстанокот на нашиот вид“.

Корлеј не е единствениот што тврди дека желбата за удобност има своја цена. И милионерот кој своето богатство го стекнал сам, Стив Сиболд, пишува: „Физичкиот, психичкиот и емотивниот комфор е примарна цел и начин на размислување на средната класа. Светската класа мислители рано сфаќаат дека да се стане милионер, не е лесно, а прво што треба да се жртвува е удобниот начин на живот“.

И покрај нашата предодреденост за вклопување, богатите го прават сосема спротивното: „На почетокот тоа е осамено патување“, пишува Корлеј. „Потребно е време, а и другите да ве забележат. Но ако имате добар производ или услуга, а притоа сте упорни, вашата заедница ќе расте, а вие ќе ја добиете својата заслужена награда.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот