X
 27.01.2018 Образование

Групите во градинките смеат да се шират, но кога треба да се каже доста?

Во Законот за заштита на децата е предвидено групите во градинките да бидат со помалку деца за разлика од реалните состојби. Дозволено е ширење, но никаде не е прецизиран максималниот број на деца.


Фото: Pixabay

Законот за заштита на децата предвидува по колку деца може да има во групите во градинка зависно од возраста, како и тоа дека бројот може да биде поголем или помал во зависност од потребите, но никаде нема ограничување до каде може да се оди со бројката.
Затоа, во некои градинки во земјава по една негувателка и воспитувачка се грижат за дури 40 деца. Како што објави Факултети.мк воспитувачките и негувателките што чуваат над 30 деца веќе во девет часот се преморени, а децата почесто се разболуваат бидејќи се сместени во мали простории. Ваквата состојба може да биде и опасна бидејќи е тешко да се контролира толкав број на деца.
- Дали законот дозволува и зголемувањето на бројот на деца да биде поголемо од 100 отсто од предвиденото? Па, наместо 25, да има 52 деца во група? Или ако не пишува, значи сѐ може – вели родител.

На список има и по повеќе од 40 деца

До нашата редакција пристигнаа голем број поплаки од родители токму поради бројноста на групите во кои одат нивните деца. Нашата анкета покажа дека вистинска реткост е група од 20 деца, а најчесто се над 30. На списоците во некои градинки каде што има голем интерес за упис има и над 40 деца.
Дали има потреба во Законот да се ограничи колку е максималниот број на деца што може да бидат во иста просторија цел ден во градинките? Родителите велат да, бидејќи вака може да се оди во недоглед со бројките.
Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека јавните детски градинки основани од општините се посебни правни лица и тие немаат надлежност за постапување во случај на запишување/примање деца.
- Ако во детската градинка има пријавено поголем број на деца отколку што има слободни места, за приемот решава комисија за прием на деца. Составот и начинот на работа на комисијата, како и поблиските критериуми за прием на деца во градинката, ги утврдува Управниот одбор на градинката во согласност со Советот на Општината и Советот на Град Скопје – велат од МТСП.


Фото: Pixabay

Инаку, во Законот за заштита на децата групите во градинките се предвидени да бидат со помалку деца за разлика од реалните состојби. Кога се во прашање хомогените групи, до 12 месеци се предвидени групи од шест до осум деца, над 12 до 18 месеци групите треба да бројат од осум до десет деца. Над 18 месеци до две години групите треба да бројат од десет до 12 деца, а над две до три години од 12 до 15 деца. Од 15 до 18 деца треба да имаат групите од три до четири години, а од 18 до 20 групите со четири и петгодишни деца. Групите од пет до шест години треба да имаат максимум до 25 деца.

Аеродром ја проширува градинката „Буба Мара“

 Една од општините во кои градинките се преполни со деца и ги надминуваат капацитетите за сместување е Аеродром. Прашавме и таму какви се плановите за решавање на овој проблем со оглед на тоа што е општина што забрзано се развива и се гради. Во оваа општина има и голем број млади брачни парови. Оттаму велат дека сегашната состојба во Општината е директна последица на непланското градење. Отсега, при изработката на новите детално урбанистички планови ќе се земаат предвид потребите на новите жители, ни изјавија од Општината.
- Во моментов правиме анализа, утврдуваме во кои региони од Општината има недостиг на капацитети и изработуваме стратегија за следните четири години. Целта е да обезбедиме квалитетно образование и воспитно-згрижувачки услови за сите жители на оваа Општина.
Една од градинките и нејзините клонови што имаат најмногу деца е „Буба Мара“, но од Општината велат дека минатата година почнале со изградба на нов објект во рамките оваа градинка.
- Објектот ќе содржи 8 занимални со сопствени санитарни јазли и кујна, на вкупна површина од 1.500 квадратни метри. Средствата за новата детска градинка од околу 40 милиони денари се обезбедени од буџетот на Општината. За оваа година имаме одвоено средства за доградба на градинката „Црвенкапа“ на ЈДГОА „Срничка“ – ни изјавија од Општината.
За зголемување на капацитетите, тие се надеваат и на соработката со Министерството за труд и социјална политика, а разгледуваат и можности за пристап до странски фондови за подобрување на условите во објектите.


Фото: Pixabay

Се градеа спортски сали, заборавија на градинките

- Дваесет години се градеа само провизорни спортски сали заборавајќи дека децата, додека да дојдат до нив, растат во градинки. Ниту една градинка не се прошири со простории за повеќе групи, туку се правеа списоци со листи за чекање – вели револтиран родител.
Светските практики покажуваат дека кога се во прашање градинките, соодносот воспитувач-дете најчесто е 1/6.
Во Австралија, на пример, еден воспитувач се грижи за најмногу пет деца.
Во Норвешка, според државниот просек, за секои шест деца во градинка се грижи по еден вработен. Најчесто во малите групи до тригодишна возраст има најмногу по 5 деца на една воспитувачка. Во Англија, бројот на децата во групата зависи од големината на градинката, при што најчесто групите бројат од 15 до 20 дечиња. Кај помалите групи до 2 години една воспитувачка е одговорна за најмногу 3 деца, додека кај поголемите групи една може да се грижи за максимум 4 деца.
Македонка што работи во Монтесори-градинка во Велика Британија вели дека на 20 деца се шест вработени во една група.
- Така е законски и не смееме да имаме ниту едно дете повеќе. А ако има уште едно дете плус, ќе мора да дојде уште еден вработен дополнително – вели таа.

И покрај несоодветните стандарди и долгите листи за упис, Македонија има многу низок опфат на деца во предучилишно воспитание споредено со европските земји. Сегашниот опфат на децата од 0 до 6 години во предучилишно образование, во просек, е само 29 отсто, а кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10 проценти. Од МТСП сметаат дека тоа е недоволно и има негативно влијание врз идниот развој на Македонија. Целта на Министерството е во следните 4 години за 50 проценти да се зголеми бројот на деца опфатени во предучилишно образование.
- Затоа се подготвува прецизен план за проширување на мрежата на градинки низ Македонија. Со инвестицијата ќе опфатиме реконструкција и изградба на нови градинки во голем број урбани и рурални општини – ни изјавија од Министерството.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование