X
 27.01.2018 Култура

Кандидати за „Оскар“: Kолкаво е влијанието на општествените случувања врз изборот?


Оскари
(Фото: Getty images)


Годината што е зад нас, најблаго кажано, беше невообичаена за Холивуд – полна со скандали, борби за човекови права, отпор и предвестување на револуција. Како никогаш претходно филмските работници се здружија во своето политичко и активистичко дејствување, создавајќи многу филмови и забележливи ролји кои ќе се натпреваруваат на годинашнава церемонија.

И тука неминовно се наметнува прашањето: Што е она што е клучно за еден филмаџија да ја освои најпрестижната холивудска награда оваа година? Критериумот е едноставен: ако сакате „Оскар“, направете филм кој ќе се занимава со актуелни теми и кој ќе го долови моментот во кој моментално се наоѓа општеството.

Сомнежите и прашањата што се надвиснуваат над годинашново, јубилејно 90-то доделување на наградите варираат од тоа како ќе се носи водителот Џими Кимел со актуелните скандали до тоа дали церемонијата ќе ги слави филмската индустрија и уметноста, или како и доделувањето на „Златниот глобус“, ќе преземе активна улога во општествените прашања.

На прв поглед, филмаџиите немаат дилеми – 2017 г. донесе бројни потенцијални кандидати кои претендираат да бидат првите добитници на „Оскар“ кои активно го користат филмскиот наратив за да поттикнат промени во општеството во кое живеат. Затоа и добар дел од филмовите кои се номинирани за наградата, можат да се стават под една рамка: филм кој се однесува на нашата (првенствено американската но и глобалната, ако се земе предвид универзалноста на сториите) моментална општествена сторија.

Па тогаш, кои се најсериозните кандидати за Оскар 2018?

Прв во низата филмови од овој образец е филмот на Џонатан Пил, „Get Out!“, од февруари 2017 година. Ова мало хорор ремек-дело ја разбранува јавноста и публиката веднаш по прикажувањето затоа што ги допира чувствителните, но сè уште актуелни и болни проблеми со кои се сочува афроамериканскиот дел од американското општество и нивниот раздор со современите белци-либерали меѓу кои, неретко се кријат екстремни десничари.

Веднаш потоа стигна и филмот „The Big Sick“ на Мајкл Шоуолтер кој се појави токму во летните месеци кога американската јавност се справуваше со случајот со здравствената нега и осигурување, одеднаш толку недостижни за голем број на граѓани. Освен тоа, филмот допира и прашања за расизмот и дискриминацијата на малцинствата во Америка денес.

Потоа следува и поројот што го предизвика филмот „Three Billboards Outside Ebbing, Missouri“ на Мартин Мекдона, кој ги потегнува прашањата за положбата на жената во современиот свет. Хероината се соочува со неправдата на патријархалното општество кое ја занемарува, заканувајќи ѝ се да ја совлада во секоја смисла. Кога се појави на фестивалите, на филмот му предвидуваа ловорики и награди, но по скандалот со сексуалните напади на водечките холивудски „фаци“ се чини дека шансите само се уште поголеми. Еден продуцент, кој немаше учество во филмот, го искажа она што можеби е најочигледно и најважно во трката за „Оскари“ – ова е филм кој најдобро го отсликува расположението меѓу женскиот дел на филмската индустрија.

Од друга страна, гласот на ЛГБТ-заедницата е претставен во филмот „Call Me by Your Name“ зад кој стои режисерот Лука Гвадањино. Класична приказна за созревањето која ги следи двата лика од кои едниот има само 17 години и тукушто ја открива сопствената сексуалност.

„The Florida Project“ на Шон Бејкер пак, се фокусира на класните разлики и нерамноправноста, како и на економската маргинализација.

Конечно, „The Post“ на Спилберг, со омилената холивудска ѕвезда Мерил Стрип, во прв план го става прашањето на новинарската етика и контрадикторното известување кое само привидно е сместено во 1971-та, но од него силно зрачи 2017-тата.

Но, сепак постојат и критериуми зад кулисите. Во трката за престижната награда подеднакво важен е и контекстот кој ги следи кандидатите надвор од кината – кампањата. Така маркетиншките тимови на некои филмови се потпираат и врз негативните импликации од кои Академијата на филмски уметности и науки сака да се ослободи, од кои некои се сè уште  нереално актуелни (како на пример, занемарлив број на номинирани афроамериканци).

Во овој поглед, поени собираат следните кандидати...

Така, Џордан Пил стана само петтиот Афроамериканец кој е номиниран за најдобар режисер, а за жал, годинава номинацијата за малку не ја доби и режисерката Ди Рис, за филмот „Mudbound“, со што би станала првата кога било номинирана Афроамериканка за оваа награда.

Сето ова, се разбира, не значи дека филмовите како „Dunkirk“ на Ноланд, „Phantom Thread“ на Андерсон и „The Shape of Water“ на Дел Торо, ќе бидат запоставени.

Сепак, фактот дека фаворитите за освојување на „Оскар“ оваа година ги предводат токму ваквите остварувања, покажува во колкава мера актуелниот општествениот контекст е круцијален за секое остварување што има амбиции да се натпреварува за најпрестижните награди. Дури и филмот „The Darkest Hour“, кој повеќе потсетува на филмскиот наратив во домен на филмот „The King`s Speech“, повеќе се перципира од аспект на имплицитна критика на денешните политичари отколку во кој било друг контекст.


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура