X
 28.01.2018 Технологија

Што ни носи новата голема надградба за iOS?


Ајфон
(Фото: Pixabay)


Сопствениците на мобилни уреди од „Епл“ наскоро ќе ја добијат надградбата 11.3, која носи три интересни новитети.

„Епл“ на девелоперите штотуку им ја издаде бета верзијата на новата надградба за iOS – верзија 11.3. Според нивните зборови, оваа верзија на оперативниот систем за производи од „Епл“ донесува низа нови функции.

Првата работа која ќе ги воодушеви сите е конечната поправка за автоматизираното забавување на системот поради кое „Епл“ беше константно критикуван. Нивното решение, имено, намерно го забавуваше системот за да може истиот да функционира на постарите батерии. Според зборовите на авторите,таа функција служи да спречи непосакувани замрзнувања и рестартирања на оперативниот систем, пишуваат од „The nest web“.

Ако инсталирате iOS-11.3 на „ајфон 6“ или некоја друга понова верзија на уредот, ќе можете да видите детални информации за батеријата во точките од менито, но исто така ќе можете и да го исклучите автоматското забавување на системот. „Епл“ нагласува дека исклучувањето на оваа функција не се препорачува, со оглед што може да предизвика чудно однесување на апаратот.

Вториот новитет во 11.3 е таканаречениот „Бизнис чет“ кој им овозможува на корисниците директно да праќаат пораки до службите за корисници на разни компании, да договараат  состаноци или да плаќаат услуги преку „Епл пеј“. Компанијата ги најави овие додатоци на минатогодишниот WWDC, а моментално ги тестира со помош на Lowe`s, Discover, Hilton и Wells Fargo.

Конечно, тука е и подобрената „Хелт еп“ што ќе ви овозможи да го гледате сопствениот здравствен картон доколку ја поддржува здравствената установа што сте ја посетиле. Ова се однесува и на резултатите добиени од лабораторија, препишаната терапија и здравствени совети. Сите овие податоци корисниците ќе можат да ги заштитат со лозинка.

Ситниците кои доаѓаат со овие поголеми новитети се нови емоџи-симболи, подобро мапирање на нерамни површини, а со самото тоа и подобрено искуство на проширената реалност.

Јавна бета-верзија се очекува наскоро, што значи дека сите ќе имаме можност да го испробаме новиот iOS. Се планира, верзијата 11.3 и официјално да биде достапна најдоцна до месец март.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија