X
 29.01.2018 Живот

Берни Сандерс: „Наместо омраза и поделба, мора да се понуди порака за надеж и солидарност“

„Еве каде се наоѓаме како планета оваа 2018 година: по светските војни, револуцијата и меѓународниот самит од минатиот век, живееме во свет во кој група неверојатно богати поединци имаат несразмерно високо ниво на контрола над економскиот и политичкиот живот на глобалната заедница.

фотоизвор: www.slate.com

Иако тоа звучи неверојатно, факт е дека 6 најбогати луѓе на планетата денес поседуваат поголемо богатство од долната половина на светската популација, која опфаќа 3,7 милијарди луѓе. Исто така, најбогатиот 1% од луѓето денес имаат повеќе пари од останатите 99% заедно. Околу 29.000 деца секој ден умираат од болести како маларија и воспаление на белите дробови.

Истовремено, во светот, корумпираната елита, олигарсите, трошат милијарди долари на апсурдна екстраваганција. Султанот од Брунеј има над 500 автомобили „ролс-ројс“ и живее во најголемата палата на светот, чија вредност се проценува на околу 350 милиони долари. Спротивно на тоа, 29 милиони деца живеат во беда и без пристоен покрив над главата, чиста вода и квалитетна храна.

Во САД, најбогатиот човек, Џеф Безос, воедно и најбогат човек на светот, располага со повеќе од 100 милијарди долари. Поседува 4 палати и троши 42 милиони долари за изградба на часовник во внатрешноста на планина во Тексас, кој би требало да работи 10.000 години. Неговите работници работат тешко и прекувремено, а платени се толку малку, што мора да се потпираат на маркици за храна и јавни станови кои ги обезбедуваат американските даночни обврзници.

Во време на огромна нееднаквост, луѓето во светот ја губат вербата во демократијата, во власта на народот. Сведочиме на вознемирувачки подем на авторитаризмот и десничарскиот екстремизам, кој се храни, експлоатира и го зголемува незадоволството на оние што се заборавени од системот и поттикнува етничка и расна омраза.

Потребно е, повеќе од кога и да е, сите што веруваат во демократија и прогресивно владеење да се обединат околу програмите кои ќе ги одржуваат вистинските потреби на луѓето. Наместо омраза и поделба, мора да се понуди порака за надеж и солидарност. Мора да се развие интернационално движење кое ќе се спротивстави на алчноста и идеологијата на милијардерската класа и ќе нè одведе во свет на економска, социјална и еколошка правда. Борбата не е лесна, но не смееме да ја избегнеме.

Новото меѓународно прогресивно движење мора да се посвети на елиминирање на структурната нееднаквост помеѓу и во државите. Мора да се почне и од еколошката катастрофа што се заканува да ја загрози нашата планета како последица на климатските промени.

Ако заедно се работи на елиминацијата на даночните злоупотреби, новите приходи од данокот би биле доволни за да му се стави крај на гладот во светот, да се создадат милиони нови работни места и значително да се намали екстремната нееднаквост во приходите и богатството. Овие приходи би се искористиле за агресивно поттикнување на земјоделството и убрзана трансформација на енергетските системи во однос на користењето обновливи извори на енергија.

Ова е клучен момент во светската историја. Со експлозивниот раст на напредната технологија, денес конечно имаме можност значително да го зголемиме светското богатство. Средствата за елиминирање на сиромаштијата, продолжувањето на животниот век и создавањето еколошки одржлив глобален енергетски систем ни стојат на располагање.

Тоа е она што можеме да го направиме ако имаме храброст да се обединиме и да се соочиме со моќни интересни групи кои сакаат повеќе за себе. Тоа е она што треба да се направи за доброто на нашите деца, внуци и за иднината на нашата планета“.


Берни Сандерс
„The Guardian“, 14.01.2018
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот