X
 29.01.2018 Живот

Како Ким Јонг-ун успеа да ги претвори Зимските олимписки игри во свое пропагандно оружје


Ким Јонг Ун
(Фото: AFP)


На Зимските олимписки игри што ќе се одржат во Јужна Кореја, Пјонгјанг, меѓу „армијата“ од 400 члена на делегацијата, ќе испрати и 22 спортисти меѓу кои ќе бидат и атрактивни девојки што се најавени како навивачки. Девојките биле внимателно избрани меѓу илјадници кандидатки и сериозни тестирања составени од неколку елиминациски кругови. Во рамките на тоа биле вклучени курсеви за историјата на земјата и величината и значењето на нејзиниот сакан водич Ким Јонг-ун. Покрај интелектуалните вежби, тие морале да прават и интензивни физички вежби за да изградат врвна форма заради успешно изведување на пропагандната мисија на југот.

Семејното потекло како пресуден критериум

Ова не е првпат Северна Кореја да испрати слична навивачка екипа јужно од својата граница. Меѓутоа, разликата е во тоа што првпат испраќа убавици надвор од својата територија. Имено, Ким Јонг-ун најдобро знае колку е важен изборот на овие девојки – една од учесничките на Игрите во 2005 година била и Ри Сол Ју, која четири години подоцна му станува сопруга.

Повеќето од атрактивните навивачки доаѓаат од уметничките школи во земјата, вклучително и Академијата за драмска и филмска уметност во Пјонгјанг. Првиот критериум бил физичкиот изглед, висината/тежината и семејното потекло. Последниот критериум, откако кандидатките ќе ги исполнеле претходните два, бил пресуден: во привилегираниот круг можеле да влезат девојки што доаѓале од проверени локални семејства, како знак на претпазливост дека некоја од нив не би посакала да остане на капиталистичкиот југ.

Во овој период на намалување на тензиите на Корејскиот Полуостров се огласиле САД со шокирачка порака. Имено, директорот на ЦИА, Мајк Помпео, во еден пригоден говор во Вашингтон предупредил дека претседателот Трамп нема да ѝ допушти на Северна Кореја продолжување на развојот на ракетната програма и атомското оружје што би овозможило да напаѓа цели во САД. Помпео предупредил дека САД ги одредиле нивните црвени линии што Северна Кореја не би смеела да ги премине, во спротивно, САД би биле присилени да ја неутрализираат севернокорејската атомска опасност.

Сите предвидуваат дека Северна Кореја нешто подготвува

Доставувачот на комерцијални сателитски слики, DigitalGlobe, објавил фотографии на кои се забележувала војската на Северна Кореја како подготвува голема воена парада, под претпоставка дека се подготвува во пресрет на ЗОИ.

Дека навистина нешто се подготвува, покажала и најавата од Пјонгјанг дека прославата во чест на Корејската народна армија наместо на 25 април, е поместена за 8 февруари, односно еден ден пред почетокот на Игрите. Инаку, Северна Кореја вообичаено ги користи парадите за презентација на ново оружје, а во овој случај најверојатно се работи за прикажување на интерконтиненталните балистички ракети.

Заеднички настап на двете Кореи

Минатата недела во националниот центар за тренирање во Јинчеон стигнала женската хокеарска репрезентација на Северна Кореја за да одржи заеднички тренинг со своите јужнокорејски колешки. На хокеарскиот турнир, спортистките од Северна Кореја ќе настапат во заеднички тим со репрезентативките на Јужна Кореја.

Веднаш по одлуката Пјонгјанг да испрати учесници на ЗОИ, во Јужна Кореја пристигнала делегација од Северна Кореја за да ги дефинира сите детали во врска со доаѓањето и престојот на нејзините спортисти. Предводничка на делегацијата била Хијон Сонг Вол, политички моќна шефица на контроверзниот севернокорејски женски состав „Моранбонг бенд“. Таа неколку дена подоцна ја предводела севернокорејската инспекција од осум члена што ги прегледувала терените и условите во кои ќе живеат нивните спортисти со своите придружби во времетраењето на Игрите.

Плакати што повикуваат на помирување и солидарност

Делегацијата на Северна Кореја, на свое изненадување, ги посведочила новите плакати кои промовираат интеркорејска соработка и го рекламираат учеството на севернокорејските спортисти на ЗОИ.

Наместо плакати со милитаристички и антиамерикански пораки, на оние што се објавени на веб-страниците се повикува на помирување, солидарност, самодоверба и обединување. На еден од плакатите било истакнато знаме на „единствена Кореја“, со неподелен Корејски Полуостров и група луѓе од едната и од другата Кореја како се движат едни покрај други. На плакатот пишува: „Да дозволиме активно да се формира атмосфера насочена кон помирување и обединување“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот