X
 29.01.2018 Живот

Нема ден, а некој на „Фејсбук“ да не бара биолошки родители, посвоени деца, браќа и сестри

Нема ден, а на социјалните мрежи да не осамнат нови постови за тоа дека некој некого бара, биолошки родители, деца дадени во дом, па потоа посвоени, браќа или сестри кои не се познаваат, деца за кои роднините се сомневаат дека се украдени... Се бара помош од луѓе што можеби слушнале за слични приказни во околината и може да помогнат со информација. Според нашите закони, речиси е невозможно институционално да се бараат роднини за деца дадени на посвојување, а иако овие луѓе бараа промена на законската регулатива, за тоа сè уште се молчи.


Фото: Pixabay

Така, најчесто по групи оформени за таа намена некои бараат, не криејќи си го идентитетот, па објавуваат и слики и информации што мислат дека може да се од корист во потрагата, други им пишуваат пораки на администраторите на групата за тие да објават наместо нив и инсистираат на анонимност, а за некои објавуваат пријатели. Се пишуваат и приказни од кои се прави грутка во грлото и ретко кого остават без солзи. Осудите се забранети, а секоја информација за тоа дека се нашле роднини се дочекува со овација. Многу болка се собрала во ваквите групи на интернет. И одвреме-навреме има радосни вести.

На интернет сè е полесно

Триесет и двегодишната Весна Стојкова е основач и администратор на групата „Потрага за биолошки родители, дете, брат, сестра“ на „Фејсбук“, во која членуваат повеќе од 60.000 луѓе. Весна е посвоена, имала прекрасен живот со родителите, како што вели, но сепак сакала да ги пронајде биолошките родители и успеала во тоа.

- Дојдов до идеја да оформам ваква група бидејки на „Фејсбук“ е најлесно да се најде некој што се бара. Претходно каде и да прашував за моите биолошки родители, во Домот за деца и доенчиња во Битола, во социјалните центри или во болницата каде што сум родена, одговорите беа дека ништо не знаат или дека не смеат ништо да кажат. По 11 години талкање успеав преку социјалната мрежа. Колку е поголема групата, толку повеќе се зголемува можноста да се дојде до информација. Моите посвоители се мои родители, но сметам дека имам право да знам за биолошките – вели таа.

Во групата најчесто се бараат биолошки родители, деца, браќа, сестри, а поретко некој бара роднина.
- Има случаи кога се пронајдени биолошки родители, деца, браќа или сестри. Благодарение на групата, околу 420 луѓе имаат дознаено информации кои им помогнале во потрагата. Толку барем ми пишале. Има мајки што дале деца на посвојување и бараат анонимно да објавам за да не ги осудуваат или затоа што не им знаат семејствата за тоа. Потоа, ако некој реагира на напишаното, со нивна дозвола јас им давам контакт. Искрено се надевам дека ќе се промени законот и ќе им олесни на сите како нас. Тоа е порив, потреба, сакаш да знаеш сè за себе – вели Весна.

И тажна и среќна

Љубинка Илиевска дознала дека е посвоена кога имала 11 години. Родена е во Штип, во ноември 1986 година, а била посвоена во Делчево. Информацијата ја дознала од роднини, а потоа и потврдиле и родителите. Сега сака да се запознае со биолошката мајка.
- Долго време како да не ми беше толку битно кои се моите биолошки родители. Ја имав прашано мајка ми од каде потекнувам и само ми кажа дека ме зеле кога сум била стара три дена, од болница. Не зборувавме многу за тоа. Бев, од една страна, вознемирена и тажна, а, од друга, среќна зашто да не биле моите родители, којзнае каде ќе сум била – вели таа.

Родителите ѝ починале пред осум години. Тогаш таа посакала да ја најде биолошката мајка, да дознае дали има браќа или сестри.
- Сакам да знам и поради здравствени проблеми. На лекар никогаш не можам да одговорам на прашањето за наследни болести. Пријателка на мајка ми ми кажа дека мојата мајка живеела во струмичкиот крај и се зборувало дека треба да замине во странство. Многу сакам да ја најдам. Не сакам ништо од неа, сакам да знам само од каде потекнувам. Мислам дека тогаш ќе бидам мирна – вели Љубинка.

Си ја нашла сестрата

Македонка Јанкулоска успеала да ја пронајде својата полусестра. Вели дека и двете се пресреќни зашто се запознале и таква среќа им посакува на сите што си бараат некого. - Две години објавував за мојата потрага, ама немаше никаков успех. Таа го знаела моето име и презиме, ѝ го кажала тетка што го видела во првиот извод и го запаметила. Кога ме посвоиле на две и пол години моите прекрасни родители, за наша среќа, не ми го промениле името. Мојата полусестра побарала од администраторот да напише пост во групата. Името и презимето се поклопуваа, ама не и годината на раѓање. Не изгубив надеж. Како да чувствував дека некој може лошо запаметил. Кога се потврди и името на мојата мајка, знаевме дека сме полусестри. Верувајте, се вознемирив, па плачев, па се радував. Купишта испомешани чувства. Потоа, кога исконтактиравме, се поклопија и други податоци што ги знаевме, а се поклопи и датумот на раѓање. И ете, помогна тоа што не ми го промениле името – вели Македонка. Полусестрите се сретнале и редовно комуницираат.

- Среќни сме зашто се најдовме. Запознав прекрасно семејство. Тоа чувство може да го знае само некој што бил во нашата кожа. Како да ви фали дел од вас, да сте го нашле и мозаикот да се склопил – раскажува Македонка.

„Знам каде ми е детето, но не можам да го земам“

Кога го дала детето на посвојување, дала половина од себе, раскажува членка на групата која сакаше да е анонимна. Имала лош брак и била жртва на семејно насилство.

- Кога се вратив кај моите родители, ме притискаа да го дадеме детето на посвојување. Тврдат дека погрешно сум разбрала дека ќе добијам поддршка од социјалните служби и помош за работа. Не сум ни видела дека сум потпишала за затворено посвојување, а мислев дека ќе може да си го вратам детето по некое време. Мајка ми замешала прсти на лош начин и кога умираше, ме молеше да ѝ простам. Сега знам каде ми е детето, знам сè за него, но немам никакви докази со кои може да си го земам – вели таа.

Друга членка вели дека само сака да ја види биолошката мајка и да ја прегрне.
- Јас не сум посвоена. Растев со татко ми и жена за која сум убедена дека не ми е мајка, иако таа не признава. Немав со нив многу убав живот. Имам премалку информации зашто никој во семејството не сака да зборува за тоа. Со години трагам по мојата биолошка мајка, но попусто. Се надевам дека еден ден ќе ја запознам, ќе ја прегрнам. Ретко која мајка тукутака остава дете без потоа да го види. Сега јас имам свое семејство, прекрасни деца, среќна сум со нив, но нема да се смирам ако не ја дознам вистината – вели таа.

Природни, биолошки и психолошки врски меѓу родителите и децата

Помеѓу децата и родителите, особено помеѓу мајките и децата, објаснува психологот Лидија Зорба, постојат природни, биолошки и психолошки врски кои со одвојувањето на децата од мајките се прекинуваат. Овој прекин, особено ако детето е одвоено од мајката набрзо по породувањето, е трауматски.

- И покрај тоа што многу биолошки родители доброволно и со многу аргументи решаваат да го дадат детето на посвојување, а посвоителите може да бидат одлични родители (иако тоа не е секогаш така), порано или подоцна сите посвоени деца чувствуваат желба и потреба да ги запознаат вистинските родители – вели Зорба.

Различни очекувања и многу вина

Децата имаат многу фантазии околу тоа какви се нивните биолошки родители и имаат различни очекувања. Некои очекуваат многу срдечни средби, некои имаат потреба да ги казнат биолошките родители затоа што ги оставиле, а некои едноставно се љубопитни.
- Од друга страна, според она што го покажува практиката, повеќето родители што дале дете на посвојување чувствуваат вина и имаат потреба да се уверат дека нивното родено дете е добро и да му кажат дека му се вистински родители. Тоа е почесто кај мајките, додека татковците ретко изразуваат таква желба. Тогаш обично почнуваат потрагите кои, поради законските регулативи, се тешки и ретко водат кон наоѓање на децата – објаснува психологот.

Трауми и за посвоителите

Посвоителите, пак, минуваат низ тешки ситуации додека се случуваат барањата и средбите на нивното дете со биолошките родители.
- Тоа се трауматски ситуации за сите засегнати страни, особено ако посвоителите го лажеле детето дека е нивно. На оваа тема многу се дискутира особено во доменот на етиката и правата на децата и има многу дилеми и спротивставени ставови и мислења. Но, тоа не го менува фактот дека повеќето посвоени деца и нивните биолошки родители сакаат да се сретнат и да се запознаат. Практиката покажува дека тие средби најчесто не се пријатни – додава Зорба.

Побарана измена на законските правила

Невладината организација „Клик акција“ на средината на минатата година поднесе иницијативата до Министерството за труд и социјална политика со која се бара законска промена со која посвоените деца кога ќе навршат определена годишна возраст, би имале право да добијат информации за нивното биолошко потекло. Во самата иницијатива е предвидена и заштитата на приватноста на биолошките родители. Со потрагите преку социјалните мрежи, тие, на некој начин и не се заштитени. Меѓутоа, оттогаш изгледа како ништо да не се случува на ова поле.
Подготвил: Н.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот