X
 31.01.2018 Живот

Испитуваат ДНК за да дознаат дали се нечии родители, деца, браќа или сестри

За да проверат дали навистина ги нашле децата дадени на посвојување, биолошките родители, браќата или сестрите, кога не се сигурни и немаат доволно информации, прават и проверка на ДНК. Во истражувачкиот центар за генетичко инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во последните неколку месеци имало четири барања за вакви испитувања на фамилијарно сродство, а претходно две. Резултатите од испитувањата се тајна.


Извор: Pixabay

Најсигурно се докажува родителството

На социјалните мрежи има цела низа објави за тоа како некој некого бара - биолошки родители, деца дадени во дом, па потоа посвоени, браќа или сестри кои не се познаваат, деца за кои роднините се сомневаат дека се украдени... Се бара помош од луѓе кои можеби слушнале за слични приказни во околината и може да помогнат со информација. Според нашите закони, речиси е невозможно институционално да се бараат роднини за деца дадени на посвојување. За барањата најчесто се пишува на „Фејсбук“ во групи оформени за таа намена.

Д-р Емилија Шукарова-Стефановска од истражувачкиот центар објаснува дека најчесто се проверува релацијата мајка-деца, или дали се сестри или браќа.
- Најсигурно може да се покаже родителството – вели Шукарова-Стефановска.

Колку ќе биде веројатноста за браќа или сестри, зависи од тоа колку деловите од ДНК-низата се повторуваат кај оние за кои се проверува.
Лабораторијата, како што објаснува нашата соговорничка, е акредитирана за вакви испитувања.

Триста евра за проверка

Проверка на родителство се прави преку анализа на крв, како и преку брис од уста. Научниците објаснуваат дека најдобро е кога биолошки материјал ќе се земе и од мајката, и од таткото, и од детето. Но, анализата може да се направи и преку ваков материјал од татко и дете или на мајка и дете. Роднинство може да се испитува до второ колено, а за резултатите од испитувањето се чека 3-4 работни дена.

Испитување на фамилијарно сродство за тројца (на пример, мајка, татко и дете) во МАНУ чини 18.300 денари. За четврти и секој нареден член се доплаќа по 6.100 денари.

Од државните установи, ДНК-испитувања може да се прават и на Институтот за судска медицина.

За да се олесни барањето, невладината организација „Клик акција“ на средината од минатата година поднесе иницијатива до Министерството за труд и социјална политика со која се бара законска промена со која посвоените деца, кога ќе навршат определена годишна возраст, да имаат право да добијат информации за нивното биолошко потекло. Во самата иницијатива е предвидена и заштитата на приватноста на биолошките родители, зашто со потрагите преку социјалните мрежи тие на некој начин не се заштитени. Меѓутоа, оттогаш изгледа како ништо да не се случува на ова поле.

Поврзани информации:

Нема ден, а некој на „Фејсбук“ да не бара биолошки родители, посвоени деца, браќа и сестри

Отворено со Ѓоко Танески и сестра му Елена, која ја бараше 10 години: „Помина времето за плачење, ни пораснаа и семејството и среќата“
Подготвил: Н.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот