X
 31.01.2018 Образование

Тест-прашање што ги збуни кинеските ученици, а ќе ве збуни и вас

кина
Фото: iStock

Испитно прашање ги збуни кинеските ученици од областа Шунцинг. Прашањето: „Ако на еден брод има 26 овци и 10 кози, колку е стар капетанот на бродот?“ - се појави на неодамнешниот тест наменет за деца од петто одделение.

Оваа недела на интернет се појавија слики со прашањето, заедно со обидите на учениците да го одговорат. Прашањето предизвика дебата и за брзо време го преплави интернетот.

Образовните службеници подоцна изјавија дека прашањето не е грешка, туку било наменето да ја потенцира „критичката свест“ кај учениците.

„Капетанот има најмалку 18 години бидејќи тој мора да биде возрасен за да управува со бродот“, е одговорот на еден ученик.

„Капетанот има 36 години, бидејќи 26+10 е 36, а капетанот сакал животните да ја покажат неговата возраст“, претпоставува друг.

Трет ученик, пак, се откажал. „Возраста на капетанот е... Не знам, не можам да го решам ова“.

„Прашањето нема никаква логичка смисла. Дали самиот наставник го знае одговорот?“, вели еден корисник на „Веибо“, кинеска платформа за микроблогирање.

„Ако училиштето има 26 наставници, од кои 10 не размислуваат, колку е стар директорот?“, прашува друг.

Има и такви што го бранат училиштето, велејќи дека прашањето промовира критичко размислување.

„Целата поента е да се натераат учениците да размислуваат“, вели една личност.

„Прашањето ги тера децата да го објаснат своето мислење и им дава простор да бидат креативни. Потребни ни се повеќе вакви прашања“, вели друг корисник.

Одделот за образование објави дека тестот имал намера да ја испита критичката свест и способност учениците да размислуваат самостојно.

„Некои истражувања покажуваат дека учениците во основно училиште во нашата земја немаат чувство на критичка свест во однос на математиката“, се вели во изјавата. Традиционалниот кинески метод на образование во голема мера нагласува фаќање белешки и повторување. Критичарите велат дека ваквиот метод го попречува креативното размислување.

И секако, секогаш постои личноста што ги знае сите одговори.

„Вкупната тежина на 26 овци и 10 кози е 7.700 килограми, врз основа на просечната тежина на секое животно“, вели еден корисник на „Веибо“.

„Во Кина, ако возите брод што има повеќе од 5.000 кг товар, треба да имате лиценца за брод пет години. Минималната возраст за добивање дозвола е 23 години, така што личноста што управува со бродот има најмалку 28 години“, вели корисникот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование