X
 01.02.2018 Здравје

Проф. д-р Драган Ѓорѓев: Загадувањето е поврзано со 2.000 изгубени животи годишно

Aерозагадувањето има исклучително штетно влијание врз здравјето на луѓето од повеќе аспекти. Штетните ПМ-честички, покрај тоа што имаат докажано канцерогено дејство (докажан ризик-фактор за појава на рак на бели дробови), влегувајќи во крвните садови, може да ги затнат крвните садови и да предизвикаат срцев или мозочен инфаркт, и да предизвикаат т.н. оксидативен стрес и оштетување речиси на сите органи и системи, а не само на дишните патишта, вели проф. д-р Драган Ѓорѓев



Загадувањето на воздухот е речиси секојдневие во многу делови од државава во овој период. Колку многу се опасни отровните честички во воздухот, чие здравје е најзагрозено, колку животи годишно нè чини загадениот воздух, помагаат ли маските за уста и скапите домашни прочистувачи и како да се избираат, се само дел од темите во разговорот со проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје - ИЈЗ

Како загадувањето на воздухот влијае врз нашето здравје?
- Аерозагадувањето има исклучително штетно влијание врз здравјето на луѓето од повеќе аспекти. Штетните ПМ-честички, покрај тоа што имаат докажано канцерогено дејство (докажан ризик-фактор за појава на рак на бели дробови), влегувајќи во крвните садови, може да ги затнат крвните садови и да предизвикаат срцев или мозочен инфаркт, и да предизвикаат т.н. оксидативен стрес и оштетување речиси на сите органи и системи, а не само на дишните патишта. Поситните, ПМ 2,5 честички, поминувајќи ја крвно-мозочната бариера, можат да доведат до развој на невродегенеративни болести, како што се Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест. Особено е под ризик здравјето на најмалите и најмладите - децата. Тие се афектирани од загадениот воздух уште додека се во матката на мајката. Изложеноста на фетусот интраутерино доведува до подоцнежна појава на психолошки промени и промени во однесувањето - анксиозност, синдром на хиперактивност и недостиг на внимание. Кај нив може да дојде и до предвремено раѓање, раѓање со помала родилна тежина, помал раст или помалку развиени бели дробови. Можен е и застој или нарушување на развојот на мозочното ткиво и на интелектуалниот развој на децата, што подоцна ќе им направи, меѓу другото, и пречки во учењето и во следењето на наставата.

Кои граѓани се најзагрозени кога станува збор за загадувањето?
- Има повеќе ризични, ранливи групи население. Меѓу нив секако во прв план се децата (имаат поинтензивно дишење, а со тоа и поголем внес на загаден воздух), потоа старите лица, болните од хронични кардиоваскуларни болести и астматичарите. Секако, особено се на удар и работниците што работат на отворено (посебно во градежништвото и земјоделството), бремените жени и др. Исто така, не треба да заборавиме дека еколошките хазарди, како што е аерозагадувањето, носат поголеми последици врз сиромашните слоеви население, кои немаат материјални средства за живот во еколошки напредни услови на домување и лична заштита.

Дали имаме претстава колку овој проблем ги полни болниците?
- Точните бројки баш и не ги знаеме или ги дознаваме многу подоцна, кога се доставуваат болничките извештаи. Но тоа (бројките), според мене, и не е толку важно, особено ако се земе предвид дека добар дел од граѓаните боледуваат во домашни услови, без да се јават на лекар и така да бидат евидентирани. Кај децата знаеме дека повеќе од 50 отсто од посетите на лекар се должат на тешкотии во дишењето и белодробни инфекции, кои секако се поврзани и со аерозагадувањето. Не треба да заборавиме дека во овој период, кога има аерозагадување, се појавуваат и грипот и сличните вирози, кои исто така ги полнат здравствените установи.




Колку животи се загубени или се губат, а тоа е поврзано со големото загадување?
- Хазардно е влијанието на загадениот воздух врз смртноста на населението. Во светски рамки се смета дека аерозагадувањето е поврзано со повеќе од три милиони смртни случаи годишно (меѓу нив и многу деца). Во европскиот регион повеќе од 400.000, а кај нас околу 2.000 изгубени животи се должат на аерозагадување годишно, од кои повеќе од половина во Скопје. Над 90 проценти од сите смртни случаи се случуваат во градовите. Секојдневно луѓето страдаат и од респираторни болести (астма, хроничен бронхитис и др.), кои се причина за повеќе илјади изгубени продуктивни години живот. Со вклучување на сите видови „здравствени“ трошоци, се пресмета дека загадувањето со честички ја чинело македонската економија околу 253 милиони евра, или 3,2 проценти од БДП во 2011 година (како резултат на високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението и отсуството од работните места на граѓаните).

За колку би се намалил бројот на починати ако се намали загадувањето?
- Институтот за јавно здравје изврши и процена на ефектите од аерозагадувањето во постојните услови, како и при различни сценарија на намалување на нивото на честички во воздухот. Првите процени укажуваат дека ако се намали постојната годишна просечна концентрација на ПМ 2,5 само за 5 микрограми на кубен метар, ќе дојде до намалување на смртните случаи (пред сè од кардиоваскуларни болести), во Скопје за 131 (или 39,62 на 100.000 жители). Ако се намалат, пак, постојните годишни концентрации на ПМ 2,5 до ниво на нормите на ЕУ (10 микрограми на кубен метар), ќе се намали вкупниот број на смртни случаи во Скопје за 847 (или 254 на 100.000 жители).

Дали маските за уста помагаат да се заштитиме? Кој е Вашиот став и за домашните прочистувачи на воздухот што се продаваат, а воопшто не се евтини?
- Во услови кога има отсуство на системски мерки и акции на повеќе нивоа, како и кога се на сцена нездравите и нееколошки навики на населението, а и кога аерозагадувањето е постојано на највисоко ниво, се препорачуваат некои мерки за лична заштита - маски (но такви што имаат хепа-филтер и не ги пропуштаат опасните ПМ-честички) и апарати за прочистување на воздухот во затворен простор (кои исто така треба да имаат и претфилтер и хепа-филтер). Со оглед на тоа што во услови на аерозагадување често се зголемуваат и вирусните инфекции, па и грипот, засилувањето на имунолошкиот систем со соодветни суплементи, пред сè мултивитамини (антиоксиданси како витамин Ц, бета-каротеноиди, селен, цинк и др.) може да биде од извесна корист. Сепак, таквите мерки јас ги нарекувам алтернативни и вистински знак за неуспех на едно општество да го заштити квалитетот на воздухот што го дишат граѓаните.




Како најлесно и најбрзо можеме да си помогнеме?
- Неодговорното однесување на граѓаните во интерес на својот комодитет исто така придонесува кон ова опасно загадување на животната средина. Покрај преземањето на мерките за своја заштита, како рестрикција на активностите на отворен простор или притоа користење на веќе споменатите маски, граѓаните и граѓанските здруженија мора да работат повеќе на подигнување на свеста за еколошко однесување во смисла на рационална, рестриктивна употреба на возилата и управување на сметот.

Што мислите, како треба да се решава проблемот со загадувањето?
- Аерозагадувањето мора да се решава координирано и интегрално на повеќе нивоа одеднаш. Неколку чинители имаат сериозна улога во преземање и спроведување мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето. Владата на Република Македонија, покрај улогата на координатор на акциите, треба да обезбеди активно учество на секој сектор, хумани и материјални ресурси, да донесе интервентни прописи насочени кон најголемите загадувачи, како погрешното урбано планирање, регулација на сообраќајот, но и активно да ги мониторира големите загадувачи што се во нејзина надлежност. Локалните власти, исто така, треба да се насочат кон загадувачите кои се во нивна надлежност, да ги ревидираат локалните урбанистички планови во правец на обезбедување поголем простор за вентилација на населбата, да обезбедат заштитни мерки на местата каде што се гради, натамошно субвенционирање на економски маргинални групи домаќинства за воведување еколошки тип на загревање итн. За улогата на граѓаните веќе споменав. Стручните и научноистражувачки институции и поединци, пак, треба да бидат поддржани со хумани и материјални ресурси за истражувања на мерките за заштита на квалитетот на воздухот, но и за неговото влијание врз здравјето. Сите овие мерки се веќе наведени и во последната Одлука на Владата на Република Македонија и мора паралелно да се применат, без оглед колку тоа чини. Сепак, здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина за сегашните и идни генерации немаат цена. Секој друг пристап нема да даде речиси никакви резултати.
Подготвил: Наташа З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје