X
 01.02.2018 Живот

Виктор Франкл: „Кога веќе не можеме да ја промениме ситуацијата, предизвикани сме да се промениме себеси“


Виктор Франкл
(Фото: Youtube printscreen)


Познатиот австриски психијатар напишал психолошки мемоари во кои низ личните, но и низ искуствата на другите логорувачи во „Аушвиц“ ја претставил својата логотерапевтска теорија според која смислата, а не успехот или среќата, е силата што го движи човечкиот живот.

Тој пишува: „Животот не е неподнослив поради околностите, туку поради недостиг на смисла и цел“.

Тој цврсто верувал дека човечкиот дух може да се издигне над околностите што не можат ни да се замислат.

„Кога веќе не можеме да ја промениме ситуацијата, предизвикани сме да се промениме себеси.“

Логотерапијата помалку се занимава со минатото и испитувањето на свеста затоа што е свртена кон иднината и смислата на сопствениот живот, кон што треба да сме насочени. На прашањето што е смислата на животот, тој вели:

„Смислата на животот се разликува од човек до човек, од ден до ден, од час до час. Затоа и не е толку важна општата смисла на животот колку што е важна специфичната смисла на животот во специфичен момент. Да се постави толку воопштено прашање би било како да прашаме шаховски велемајстор кој потег во шахот е најдобриот на светот. Едноставно, нема најдобар, дури нема ни добар потег кој не бил зависен од ситуацијата во играта и од особините на противникот.“

„Не можеме да ги избираме околностите, но можеме да го избереме својот став.“

Франкл истакнал дека кога сè ќе му се одземе на човекот, тој и натаму ја има својата последна слобода – „слободата да го избере својот став во каков било склоп на околности“.

„Ние носиме одлука како ќе продолжиме натаму, да продолжиме да се будиме и да го живееме својот живот секој ден затоа што веруваме дека постои некаква повисока цел – и дека нашите страдања не се залудни.“

„На некој начин, страдањето престанува да биде страдање во моментот кога ќе добие смисла, каква што е смислата на жртвувањето.“

Љубовта е чувар на смислата.

Смислата може да потекнува од различни извори, но ниту еден не е посилен од љубовта. Франкл пишува дека во рововите на „Аушвиц“ ја доживеал вистината на старото, познато клише - „сè што ти треба е љубовта“. „Мисли на саканите“ – пишува Франкл – „тоа на човек му дава чувство на благосостојба макар за момент, дури и кога ништо друго не му преостанало.“

„Првпат во животот ја почувствував вистинитоста на она што толку мудреци го навеле како крајна мудрост во својот живот и што толку многу поети го опеале: дека љубовта е последното и највисокото нешто кон што човечката егзистенција може да се вивне.“

Но животот инсистира и на смисла за хумор.

Франкл верува дека смеењето и смислата за хумор, повеќе од што било друго, можат да помогнат да се издигнеме над секоја ситуација.

„Обидот да се внесе хумор и перципирањето на сите нешта во хумористично светло создаваат вештина што се нарекува уметност на живеењето.“

Успехот и среќата не се крај и немаат крај.


Франкл истакнал дека жали за фактот дека современото општество се опишува преку постигнувањата, што ја намалува вредноста на оние што не се нужно толку успешни и среќни како другите. Неговиот совет за среќен и успешен живот е да не трчаме по успех, туку да се посветиме на нешто што е поголемо од самите нас и да дозволиме успехот да нè следи како неизбежен нуспроизвод на тие залагања.

„Не стремете се кон успехот. Што повеќе се стремите и од него правите цел, повеќе ќе го промашувате. Затоа што успехот, како и среќата, не може да се пронајде, туку мора да се создаде, а се создава само како последица на личната посветеност на нешто што е поголемо од самиот човек или како нуспроизвод на нечие целосно предавање на друга личност. Среќата мора да се случи, а истото важи и за успехот, морате да дозволите да ви се случат така што нема да мислите на нив.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот