X
 06.02.2018 Економија

Што се случи со американската берза?

На „Вол стрит“ вчера главните индекси паднаа за повеќе од 4 проценти, што е нивен најголем дневен губиток во повеќе од 6 години. „Доу Џонс“ заврши со губиток од 1.175 бода или 4,60 проценти, на 24.345 бода, додека „S&P 500“ паднал за 4,10 проценти, на 2.648 бода, а индексот „Насдак“ е 3,78 проценти, на 6.967 бода.


Најголем губиток е забележан во финансискиот, здравствениот и во индустрискиот сектор. Падот на „Доу Џонс“ и „S&P 500“ за повеќе од 4 проценти во еден ден не е забележан од август 2011 година, кога пазарот беше под притисок од должничката криза во еврозоната и намалениот кредитен рејтинг во САД. Вчера паднаа и цените на сите 30 акции од составот на индексот „Доу Џонс“, кој во еден момент бил во минус од 6,3 проценти, или речиси 1.600 бода, а таков пад во еден ден не е забележан никогаш порано.

Остриот пад на тие индекси е последица на стравот на вложувачите од растот на инфлацијата и каматата. Веќе минатата недела цените на акциите остро паднаа откако беа објавени податоци за големиот раст на вработеноста и платата во САД. Тоа, имено, би можело да го поттикне растот на потрошувачката, а со тоа и инфлацијата, што би можело да ја наведе Американската централна банка за забрзување на темпото на зголемување на клучните каматни стапки. „Фед“ лани ги зголеми клучните каматни стапки во три наврати за по 0,25 процентни бодови, а се очекува оваа година дополнително да ги зголеми каматите во два до три наврати, почнувајќи од март. Поради тоа, последните денови брзо растат приносите на американските обврзници, па достигнале најголемо ниво од почетокот на 2014 година.

Поголемите приноси им штетат на акциите поради тоа што растат трошоците за задолжување на компаниите. Освен тоа, поголемите приноси претставуваат алтернатива за инвеститорите, кои би можеле да повлечат дел од средствата од акциите и да купат обврзници. На паниката на пазарот укажува растот на „VIX“ индексот на страв на берзата во Чикаго, кој изнесува 30,7 бода, што е највисоко ниво од август 2015 година.

Многу вложувачи што биле на пазарот во последните три-четири години никогаш не виделе таков пад. Дел од аналитичарите велат дека пазарот го поддржуваат добрите бизнис-резултати на компаниите, неодамна воведената даночна реформа и релативно силниот раст на американското сопствеништво. Други, пак, велат дека пазарот по повеќегодишниот силен раст и достигнување рекордни нивоа е преценет во контекст на растот на приносот на обврзниците и плановите на средните банки во светот оваа година да ги укинат поттикнувачките монетарни мерки.

Кој е во право, ќе покаже времето, но факт е дека индексот „S&P 500“ во моментов е во минус за дополнителни 2,5 процента, па се очекува цените на акциите дополнително да паднат.

И на европските берзи цените на акциите остро паднаа. Лондонскиот индекс „FTSE“ падна за 1,46 проценти, на 7.334 бода, додека франкфуртскиот „DAX“ потонал за 0,76 проценти, на 12.687 бода, а  индексот „CAC“ во Париз за 1,48 проценти, на 5.285 бода.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија