X
 06.02.2018 Живот

Срцепарачко: Педијатар истражувал на што најмногу се радувале терминално болни дечиња


Детенце со крем на лицето
(Фото: Stock Budget)


Палијативниот педијатар Алистер Мекалпин, кој својот живот и кариера ги посветил на најтешката работа на светот – лекување и грижа за деца чии болести напреднале до терминална фаза, спровел едно необично истражување.

Овој педијатар од Јужна Америка ги прашувал болните дечиња на возраст од четири до девет години во што најмногу уживале и на што најмногу се радувале во текот на нивниот краток престој на земјата. Нивните одговори ги објавил на „Твитер“.

Сакаат дружење и смеење, особено со нивните миленичиња

Голем број деца ги споменувале своите домашни миленичиња. „Го сакам Руфус, неговото смешно лаење секогаш ме смееше“; „Сакам кога Џини ќе се стисне до мене и ќе почне да преде“; „Најсреќен бев кога го јавав Џејк на плажата“.

Многу се загрижени за своите родители


Повеќето деца ги споменуваат своите родители изразувајќи загриженост за нив: „Се надевам дека мојата мајка ќе биде добра. Изгледа многу тажна“; „Тато не треба да се грижи. Ќе се видиме повторно, и тоа наскоро“; „Бог ќе се погрижи за моите мајка и татко кога мене ќе ме нема“.

Објаснуваат и зошто сакаат сладолед


Како педијатар, Мекалпин често се сретнувал со прашањето зошто тешко болните деца толку многу сакаат сладолед? Им го поставил и тоа прашање. Најголем број деца одговориле дека го сакаат затоа што студениот сладолед им помага при мукозитисот, запаление на мукозните мембрани во устата кое се јавува како последица од хемотерапијата. На другите, сладоледот им е омилен извор на шеќер кој им го зголемува прагот на болката. Најголем број деца сепак одговориле дека го сакаат зашто едноставно им е супер.

Сите сакаат книги

Меѓу одговорите што изненадиле бил и тој дека речиси сите рекле дека сакаат да читаат книги или сакаат некој друг да им чита. Најмногу сакаат кога тоа го прават нивните родители: „Поради Хари Потер, станав похрабар“; „Сакам приказни за вселената“; „Кога ќе оздравам, би сакал да станам голем детектив, како Шерлок Холмс“.

Зошто се грижат што мислат другите

Голем број деца рекле дека би сакале помалку да се грижат за тоа што другите деца мислат за нив, а повеќе да се грижат за луѓето што ги третираат нормално: „Моите вистински пријатели не се вознемирија премногу кога ми падна косата“; „Џејн ме посети во болницата веднаш по операцијата. Воопшто не ја забележа лузната“.

Сите деца сакаат плажа и море, особено болните. Тие обожаваат да пливаат: „Направив голем дворец од песок“; „Да се влезе во разбранувано море е толку возбудливо. Дури и очите не ме печеа“.

Најмногу од сè ја ценат добрината

Мекалпин напишал дека речиси за сите деца добрината е најголема доблест: „Мојата баба е толку добра со мене. Секогаш ме засмејува“; „Џони ми даде половина од неговиот сендвич кога го изедов мојот. Тоа беше многу убаво од него“; „Најмногу сакам кога е тука онаа мила сестра. Многу е нежна. И тогаш помалку ме боли“.

Смеењето ја намалува болката

Речиси сите ги сакаат луѓето што ги засмејуваат: „Тој магионичар е пресмешен! Кога му паднаа панталоните на подот, не можев да престанам да се смеам!“; „Татко ми прави смешни гримаси кои едноставно ги обожавам“; „Детето од креветот до мене прдна! Хахахах“. Тоа им ги намалува болките.

Тој пишува и колку децата ги сакаат своите играчки и суперхерои: „Мојата кукла Софија ми е омилена“; „Јас го сакам Бетмен“; „Јас сакам да се галам со моето мече“.

За крај, порака упатена до сите


Доктор Мекалпин, за крај, на сите свои пријатели на „Твитер“ им задал домашна задача: „Бидете добри. Читајте книги. Поминувајте повеќе време со вашето семејство. Шегувајте се. Одете на плажа. Гушнете го вашето куче. Кажете ѝ на таа посебна личност дека ја сакате. Ова се работите за кои децата жалат што не ги правеле почесто. Сè друго е само ситница. И да,  јадете сладолед. Крај“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот