X
 06.02.2018 Култура

Тажни приказни на оставените деца во Кина

deca
Фото: „Мама си замина од дома бидејќи тато се дрогира. Сега тато работи надвор од домот, но не знам каде е. Баба и дедо се грижат за мене“ - Заомин, 7 години
.

Повеќе од 3 години фотографот Рен Шишен патувал низ Кина портретирајќи ги оставените деца - се проценува дека во Кина околу девет милиони деца моментално растат без мајка и татко. Неговата цел е да ги расветли психолошките последици од економскиот бум во Кина - оние што ги чувствуваат руралните деца чии родители ги напуштиле своите села за да работат во кинеските градови, често останувајќи со години, оставајќи им ги своите деца на бабите и дедовците или на другите роднини.

„Многу родители го напуштиле домот кога нивните деца имале една или две години. Кога тие се јавуваат дома, децата не креваат на телефон. Повеќе не постои никаква емоционална врска“, вели Рен Шишен.

Загриженоста за товарот што го носат овие деца и за руралната сиромаштија се засили минатиот месец откако кинеските интернет-корисници го запознаа осумгодишното момче од Кина кое пешачело речиси 5 километри за да стигне на училиште и да ги направи завршните тестови. Фотографијата од момчето Ванг Фуман, чии лице и коса се прекриени со мраз, го заобиколи интернетот.

2
Фото: „Тато, кога се враќаш? Пред една година татко ми замина да работи во Баијин. Мама готви и работи во полето“ - Зао Џинбао, 7 години.

Рен проценува дека направил портрети на повеќе од 100 деца што биле оставени од еден или од двајцата родители, повеќето од нив од покраината Гансу, најсиромашната во Кина. Тој добил дозвола од старателите на секое дете пред да ги фотографира.

Она што е неверојатно во неговите слики е нивната впечатлива сличност - секое дете позира во училница со порака до своите отсутни родители, напишана на таблата одзади. Децата изгледаат несреќно, со кредата в рака и училишниот ранец до нозете.

1
Фото: „Негувајте го животот во задгробниот живот. Мојата мајка изврши самоубиство по расправијата со татко ми. Ми недостига“ - Ли Гоуџун, 14 години.

Во 2017 година Рен освои трето место на натпреварот за фотографии „Сони“ за неговите портрети.

Во текот на работата тој слушнал доста тажни приказни од децата.

„Кога разговарам со нив, нивните зборови се шокантни. Никој не се грижи за нивниот внатрешен свет“, вели тој.

Во 2015 година Рен го запознал 14-годишното момче Ли Гоуџун, чија мајка извршила самоубиство. Тој не знаел каде е неговиот татко. „Негувајте го животот во задгробниот живот. Мојата мајка изврши самоубиство по расправијата со татко ми. Ми недостига“, напишал Ли на таблата.

Кога Рен запрашал друго момче која е пораката до неговата мајка, момчето рекло дека сака да ја убие со нож бидејќи го напуштила татко му додека тој работел.

„Ми недостигаат мама и тато. Мама и тато отидоа да работат. Не сум ги видел 3 години“, напишал осумгодишниот Ванг Зиксуан од основното училиште во Гансу.

Официјалните бројки од 2016 година покажуваат дека 9,02 милиони деца под 16 години живеат без родители во рурална Кина. Претходните бројки, базирани на пописот од 2010 година, покажуваат дека 60 милиони деца под 18 години живееле без еден или беа двајцата родители.

kina
Фото: CNN

Истражувањата покажуваат дека оставените деца се под поголем ризик од злоупотреба, самоубиство и ментални проблеми и страдаат од проблеми со однесувањето.

Во 2016 година Кина објави збир на насоки за заштита на децата што ги оставиле родителите, барајќи од руралните службеници да ги следат и повикувајќи ги родителите да останат во контакт со нив преку телефон или видеоразговор.

Оставените деца честопати имаат и други проблеми. Омразениот систем во Кина наречен хуку ги регистрира семејствата или како рурални или како нерурални.

Повеќето мигранти не можат да ја променат регистрацијата на домаќинството кога ќе се преселат и поради тоа, тие се борат за пристап до социјалните услуги, како што се државните училишта во урбаните средини. Токму поради ова, родителите ги оставаат своите деца дома со бабите, дедовците и другите роднини.

Рен вели дека се чувствува напредок во справувањето со сиромаштијата во руралните области, животниот стандард во овие области се подобрува, а фокусот во образованието повеќе е ставен на оставените деца. Сепак, тој додава дека на овие деца им е потребна многу подобра психолошка поддршка.

„Иако сега има повеќе начини за комуникација, потребни се вистинска љубов и грижа“, вели Рен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура