X
 07.02.2018 Образование

Факултети.мк ја посети градинката CoolKIDS – место кое ги инспирира децата да го истражат светот околу себе

Откако станав мајка, почнав да истражувам за различни активности и методи за работа со моето дете. Заклучив дека на детето му е потребен одреден и правилен стимул од најблиската околина за да ги усвои новите понудени знаења и вештини што ќе бидат база за сите негови успеси во текот на животот, вели Марија Николовска-Костов


Учење преку игра

Место каде што дечињата учат за елементарна добрина, за лична одговорност, самодоверба, емпатија, внимателност и љубезност. Место каде што секојдневно ќе можат да истражуваат, да прават експерименти од најмала возраст, да поминуваат време во природа. Ликовната уметност да ја впиваат преку изложби во Музејот на современата уметност, звукот на пијаното да го слушнат преку мини-концерт во живо.
Марија Николовска-Костов почнала да истражува откако станала мајка – во каква средина посакува да биде згрижено нејзиното детенце. Какви стандарди ќе ги обезбедат оптималните услови за тоа?

Марија Николовска-Костов

Така почнала идејата за градинката CoolKIDS. Се наоѓа во новоизграден објект во скопската населба Кисела Вода. Уредуван по високи стандарди, со големи занимални за да ги исполни условите за целодневен престој на дечињата. Објектот има целосна звучна и топлотна изолација, подно греење, прочистувачи на воздух, најнови дидактички средства за работа на активности по математика, литература и наука, богата библиотека со литература за деца, енциклопедии и свој приватен сончев двор.


За уметноста преку уметност

- Откако станав мајка, почнав да истражувам за различни активности и методи за работа со моето дете. Заклучив дека му е потребен одреден и правилен стимул од најблиската околина за да ги усвои новите понудени знаења и вештини што ќе бидат база за сите негови успеси во текот на животот. За да го постигнеме тоа, на прво место сме ние, родителите, а потоа и градинката што ќе ја одбереме за нашите деца. Така почна приказната... - вели Николовска-Костов.

Индивидуална работа со секое дете

Во градинката се згрижуваат деца од предучилишна возраст. Капацитетот е до 35 дечиња, поделени во групи според нивната возраст. За нив се грижат педагози со големо искуство во работата со деца. Марија вели дека тие се подготвени за меѓусебна и за соработка со родителите.
- Секојдневно правиме анализи за секое дете, разговараме во која област е најдобро, на што треба да се работи поединечно. Бидејќи е градинка со мал капацитет, можеме да работиме индивидуално со секое дете, во рамките на неговите интереси и можности, со активности приспособени на неговата возраст. Насмевките и силната прегратка од дечињата за нас се најголем мотив да продолжиме – вели таа.

Учење преку експерименти

Според неа, во периодот од раѓање до тргнување на училиште децата растат и се развиваат брзо во сите области. Секоја инвестиција во нив во тој период е клучна бидејќи сè друго во иднина е надградба на темелот што сме го поставиле во најраното детство.
Затоа избрале концепт кој им нуди на децата активности преку кои тие сами ги наоѓаат решението и заклучокот. А тоа треба да го осознаат од активноста, преку експерименти и нивна логика, апстрактни и конкретни примери.


„Мало училиште“

- Карактеристично за нашиот концепт е потенцирањето на уметничкиот развој кај децата. Човекот отсекогаш имал потреба од уметност, естетика и убавина. Цртал по пештери, изработувал различни орудија. Денес децата се опкружени со модерната технологија, која е неминовна. Ние настојуваме во нив да се роди и чувството за уметност и да бидат во допир со природата. Со децата често ја нарекуваме градинката „мало училиште“ бидејќи така се чувствуваат важни и големи, а и навистина се обидуваме да добијат информации кои се надвор од веќе познатата рамка на предучилишна едукација. Учиме за познати уметници, класична музика, организираме разговори на „Скајп“ со други светски градинки, учиме за нивната култура, ја бараме нивната држава на мапа и уште многу други активности што ги работиме секојдневно. Сè што учат поголемите деца, го учат и малите, се разбира, приспособено за нивната возраст. Сакаме на децата да им ги доближиме уметноста на музиката, сликањето, игрите на отворено, ориентацијата во природа, организираме посети и екскурзии – објаснува Марија.

Здрава храна, основа за добро здравје

Според тие начела е конципирана и програмата. Неколку едукативни елементи се опфатени во целодневниот развоен процес на детето низ индивидуално учење, учење во група и за нив најважното - учење низ игра. Компонентите се воведени во нивниот дневен распоред и се приспособени на возраста на групите. Се состојат од: комуникација и литература, мали уметници во овој голем свет, математика низ игра, нашиот свет, наука и истражување, здраво да се храниме, готвиме и вежбаме, животни вештини и вештини на практични навики.


Наставата во природа - дел од секојдневието

Посебно внимание се посветува на исхраната. Според Марија, основата на здравата и избалансирана исхрана е во користењето свежи и внимателно одбрани намирници, богати со хранливи состојки потребни за растење, развивање и енергија на децата. Освен важноста за нутритивната вредност на оброците, тие се клучен дел од социјализацијата и осамостојувањето на децата. Кога родителите одлучуваат која градинка е вистинска за нивното дете, исхраната е еден од најважните елементи. Бидејќи детето подолго време поминува во градинка, родителите треба да се сигурни дека внесува здрава храна, што е клучно за градењето на имунитетот на детето.
- Нашето мени се базира на многу овошје, варен и свеж зеленчук, житарки од цело зрно, семиња во комбинација со ладно цедени масла и други здрави состојки, кои се совршено искомбинирани за да бидат вкусни и прифатливи за секое дете. Наш партнер во пораката за здрава храна е ресторанот на наша реномирана болница, со кој соработуваме за да имаме секогаш топол и свежо приготвен ручек за децата. Она што е најважно за оброците со другарчињата е дека тие помагаат да се прифатат нови вкусови, да се создаде темел за здрави навики во исхраната и да се јаде самостојно – објаснува Марија.

Што значи пристапот Reggio Emilia?


Секојдневието во CoolKIDS се базира на принципот Reggio Emilia. Преку овој пристап децата се оспособуваат да учат преку искуствата, преку допир, движење, слушање и гледање. Тие мора да се во меѓусебна врска со други деца и со материјални предмети.

 
Настава во Музејот на современата уметност во Скопје

- На децата мора да им биде дозволено да истражуваат и да имаат бескрајно многу начини и можности да се изразуваат. Ние тоа го практикуваме преку проекти, кои ги подготвуваме заедно со децата. Тие со толку голем интерес го прифатија тој метод, што со нетрпение го чекаат секој нареден проект. Во нашите Реџио Емилија-проекти децата го поставуваат пристапот во наставата и се во центарот на својата филозофија, а ние успешно ги приспособуваме со програмата за ран детски развој, која е појавна и искуствена. Децата се насочени кон нивниот природен развој и кон блиските релации и односи во својата општествена околина и животна средина – вели Марија.



Според неа, градењето мрежа на комуникација помеѓу децата, родителите и градинката е клучот за среќа кај секое дете.
- Љубовта да сака да оди во градинката во која ќе осознава нови работи, ќе другарува со другарчиња и ќе се подготвува за новите животни предизвици. Така се создава соработка и коизградба на знаењето кај децата – вели Марија.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование