X
 09.02.2018 Живот

Мали случки што го смениле текот на историјата

Според „ефектот пеперутка“, дури и најмалите причини можат да доведат до неверојатни последици. Она што ќе го прочитате во продолжение не се толку минорни работи како движењето на крилјата на пеперутката, но неколкумина го предвиделе влијанието што овие работи ќе го имаат врз светот:


1. Кесата за отпад што помогна да се реши грабежот на векот

Во 2003 година крадци го ограбија центарот „Антверп дајмонд“, земајќи над 100 милиони долари во дијаманти, злато и накит. Криминалците успеале да побегнат и покрај низата мерки за безбедност, како радари, детектори и сензори. Но не биле толку внимателни со својот отпад.

Аугуст ван Камп бил пензиониран  продавач трговец. Поседувал мал дел од шума каде што сакал да се шета со своите миленичиња. Бидејќи земјиштето било веднаш до автопатот, луѓето често го оставале својот отпад на неговиот имот. Еден ден по грабежот тој нашол вреќа за отпад на својата земја и, како и секогаш, повикал полиција за да се пожали. Во вреќата имало празни пликови на кои пишувало центар „Антверп дајмонд“. Меѓу другите отпадоци имало и фактура на име Леонардо Нотарбартоло, како и дел од неизеден сендвич, чија ДНК упатувала повторно на истиот човек. Леонардо бил дел од групата позната како „Школата на Турин“. Бил осуден на 10 години, а никогаш не ги издал своите партнери.


2. Исчезнатиот клуч што би го спасил „Титаник“

Дејвид Блер бил морски трговец од Велика Британија кој бил назначен како втор офицер на „Титаник“. Неколку дена пред патувањето бил заменет со поискусниот Хенри Вајлд. Додека брзал да оди, Блер случајно го зел клучот од шкафчето во кое имало двоглед. Некои од преживеаните вработени истакнале дека доколку го имале двогледот, ќе можеле да го видат огромното парче мраз во кое бродот се удрил, па можеби би имале време да ја променат насоката на движење. Постојат многу теории во врска со „Титаник“, но доколку двогледот бил од толку големо значење, екипажот можел и да го искрши шкафчето за да го земе.

3. Печатната грешка што сруши влада

На прв поглед печатната грешка се смета за мала работа. Грешка која може да му се случи секому. Сепак, историски гледано, печатните грешки предизвикувале големи последици. Во 1999 година печатни грешки го срушиле парламентот во Кувајт. Првичниот план бил да се испечати државна верзија на Куранот што ќе биде достапна и бесплатна за сите граѓани. Сепак, светата книга содржела низа погрешно напишани стихови, а некои недостигале. Потоа, ова предизвикало бунт, а гневот најмногу бил насочен кон министерот за исламски работи, кој се соочил со гласање на кое изгубил. Потоа се распуштил и парламентот.

4. Возењето со воз што ја основа молекуларната медицина

Линус Паулинг се смета за еден од најголемите научници на 20 век и добил две Нобелови награди. Тој е еден од основачите на молекуларната биологија, а во 1949 година објавил извештај во кој се обезбедувал првиот доказ за човечките болести предизвикани од абнормални протеини. Подоцна, тој документ се сметал за основата од областа на молекуларната медицина, а изворот е во случајна средба за време на возење со воз. Во 1940 студентот по медицина Ирвинг Шерман набљудувал дека светлината што поминува низ црвените крвни зрнца на српестите клетки се пренесува различно отколку кај обичните клетки. Ги објавил своите откритија, но немал никакво признание. Сепак, тие откритија дошле до професорот Вилијам Касл од „Харвард“, па години подоцна професорот се сретнал со Паулинг во воз и започнале да разговараат за биологија. Касл му зборувал за набљудувањата на Шерман. За тоа време, Паулинг веќе ги изучувал протеините и веќе ја поставил основата за молекуларната медицина.

5. Неажурирањето на софтвер срушило банкарски гигант

Ажурирањата на софтверите се непријатен, но потребен момент во модерниот живот. Неажурирањето на дел од софтвер еднаш предизвикало пад на една од најголемите банкарски групи во светот.

На 19 јуни 2012 година техничкиот персонал во „Ројал банка од шкотска група“ требало да примени одредени промени на софтверот кој го контролирал системот за плаќање. Кога се обиделе да го сторат тоа, наишле на грешка. Кога повторно почнале со процесот, еден од вработените случајно го избришал целиот дел од системот. Тоа создало блокирање на информациите што требало да бидат внесени и процесирани. Шест дена милиони луѓе не можеле да земат пари од своите сметки или да направат онлајн-трансакции.

6. Пиратите што го сопреле метричкиот систем

Џозеф Домби бил ботаничар од Франција кој во 1794 година одел во Филаделфија за да се сретне со првиот американски државен секретар Томас Џеферсон. Домби со себе носел карго – стандарди за мерење наречени метар и килограм. За жал, Домби не стигнал до Филаделфија бидејќи неговиот брод бил заробен од пирати. Се обидел да се претстави како морнар од Шпанија, но неговиот акцент и слабото познавање на јазикот го издале. Пиратите го зеле за да го одведат пред владата во Франција, но тој починал во заробеништво. Потоа, поминува цел еден век пред владата во САД да го присвои метричкиот систем. Сепак, повеќето Американци сега ги користат британските единици мерки.

7. Облаците што ја спасија Кокура и го осудија на пропаст Нагасаки

Утрото на 9 август 1945 година бомбаш на островот Тинијан носел еден од најсмртоносните експлозиви во историјата – нуклеарна бомба. Таа бомба била фрлена во Нагасаки, но тоа место не било првичната мета. САД имале неколку цели, меѓу кои Кјото, Кокура, градот каде што имало огромна фабрика за муниција. Но, на патот кон Кокура требало да се приклучат уште два бомбашки авиони, но работите се искомплицирале, па веќе и видливоста над градот се намалила. Авионите веќе немале гориво, па се упатиле кон најблиската алтернатива – Нагасаки.

8. Селотејпот што му стави крај на едно претседателство

До денес „Вотергејт“ е еден од најголемите политички скандали во историјата на САД. Откритието дека администрацијата на Никсон била вмешана во заговор за шпионирање на политички противници и други официјални лица доведе до оставка на претседателот, а сето тоа почнало со парче селотејп.

Вечерта на 17 јуни 1972 година чуварот Френк Вилс ја надгледувал зградата „Вотергејт“. Забележал парче селотејп на вратата од подрумот. Мислел дека го користел работник за време на работното време, но подоцна забележал уште едно парче селотејп на истото место. Тогаш ја повикал полицијата, па биле откриени 5 провалници во седиштето на „демократскиот национален комитет“. Истражувањето го поврзало Никсон со заговор и тој бил принуден на импичмент.

9. Затемнувањето што довело до раст на хип-хопот

На 13 јули 1977 година поголемиот дел од Њујорк останал без струја. Во многу населби се проширил вандализмот, а меѓу ограбувачите биле и момци што ја искористиле можноста за добивање нова звучна опрема. Дотогаш, хип-хопот постоел веќе неколку години. Диџеј Кул Херц е задолжен за својата иновација на маалска забава во 1973 година, а до 1977 веќе имал сериозна конкуренција. Сепак, еден ден по затемнувањето имало многу нови диџеи бидејќи таа вечер била украдена аудиомиксета.

10. Парчето хартија што ја измени Граѓанската војна

Во 1862 година генералот Ли ја започнал својата прва инвазија на Северот. Владите во Франција и во Велика Британија биле подготвени да ја признаат независноста на јужните држави. Ли ја поделил својата армија на неколку дела и идентификувал повеќе мети. Испратил копија од марширањето на секој од неговите клучни команданти. Некои ги запалиле копиите, а некои ги зачувале. Генералот Стоунвол Џексон напишал уште една копија и му ја испратил на генералот Даниел Харви Хил. Истото го сторил и генералот Ли. На 13 септември армијата на Унијата поставила камп во регион кој претходно бил окупиран од војската на Хил. Додека се одмарале, двајца војници пронашле 3 цигари завиткани во парче хартија. Хартијата била планот за напад. Не е познато кој е одговорен за сето ова, но овие информации ѝ помогнале на армијата на Унијата да ги оттурне конфедератите назад на југ. Неколку месеци подоцна победата му ја овозможила потребната поддршка на Линколн.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот