X
 09.02.2018 Здравје

„Политичарите да се стават во улога на родители на деца болни од рак“, реагираат од „Борка“

Здружението за борба против рак „Борка за секој нов ден“ со големо разочарување и гнев, како што велат оттаму, реагира на информацијата дека одделението за хематологија на Клиниката за детски болести е затворено.



Ова одделение беше затворено на еден ден, од понеделникот до вторникот, поради недостиг на медицински сестри кои треба да работат со болните деца. По затворањето на одделението болните деца биле префрлени на други клиники.

- „Борка“, како здружение на пациенти, не може да остане индиферентно кога на ваков груб начин се кршат правата на пациентите, а се загарантирани со Уставот на Република Македонија. Особено сме разочарани што ваква груба пресметка се случува на грбот на една од најранливите категории лица - деца болни од рак. Децата се наша иднина, а политичарите не смеат да бидат изненадени од идејата дека треба да инвестираме во нив, сега и веднаш, со цел да обезбедиме среќна и успешна иднина за нив како идни соработници на нашата заедница. Тие се нашата единствена и најдобра инвестицијата - реагираат од „Борка“.

Од Здружението апелираат до Владата, до претседателот Ѓорге Иванов, до премиерот Зоран Заев и до министерот за здравство Венко Филипче да преземат најсериозна одговорност за, како што велат, ова злодело врз децата кои се борат за живот, а се болни од рак.
- За овие деца, за жал, нема ниту соодветни лекови ниту основни санитетски услови за лекување, се разбира, нема ни „тетки“ кои треба да им помогнат да останат живи.

Затворањето на хематолошкото одделение на Детската клиника не е начин на кој треба „политички“ да се однесуваме кон децата. Тие не се возрасни, а ние во „Борка“ веруваме дека треба да се грижиме за соништата на нашите деца, за иднината - велат од „Борка“. Оттаму објаснуваат дека според Светската здравствена организација, преживувањето на децата заболени од малигни болести, особено во хематологијата, во развиените европски држави изнесува 80 проценти, а во средно или ниско развиените 20 проценти.

- Според наши сознанија, во Македонија овој процент не е ни два отсто. Ги замолуваме политичарите, во кои силно верувавме дека ќе донесат ново, поубаво, посигурно утре за сите граѓани во земјава, денес да се стават во улога на родители чии деца се болни од рак, да замислат какво е чувството кога некој ќе ви каже да се откажете од своето чедо само затоа што на Клиниката нема персонал или лекови. Во спротивно, бараме сите деца што се лекуваат на ова одделение да се упатат на лекување во странство, каде што шансите за преживување се огромни, а Фондот за здравство целосно да ги покрие трошоците - додаваат од „Борка“.

За да се реши проблемот, министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека во најскоро време ќе бидат примени на работа 20 медицински сестри за хематолошкото одделение и за Одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести. Тој рече дека разговарале со директорката на Детската клиника, дале барање до Фондот за здравствено осигурување за вработување медицински сестри.

- Веќе се обезбедени дел од средствата и од Детската клиника, но и екстра средства од Фондот за здравствено осигурување. Направивме анализа заедно со Министерството за труд и социјална политика и идентификувавме огромен број невработени сестри. Верувам дека ќе можеме да најдеме кадар кој ќе работи во овие одделенија. Хематолошкото одделение се затвори за да не дозволиме никаква импровизација додека нема доволен број луѓе - рече Филипче.

Тие 20 медицински сестри, потенцира тој, се екстра од она барање за медицински сестри што редовно го дала директорката на оваа клиника.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје