X
 09.02.2018 Култура

Вработен во „Фејсбук“ што го следеше рејтингот на Закерберг по 6 месеци даде отказ


Марк Закерберг
(Фото: Pixabay)



Неодамна беше откриено дека „Фејсбук“ вработил анкетар со полно работно време за да ја следи јавната перцепција за основачот Марк Закерберг и за главната оперативна директорка Шерил Сандберг. Минатата година Тревис Мекџин се вработил во оваа компанија како анкетар, со слични работни обврски кои би ги имал кога би работел за кој било политичар во текот на изборна кампања. Тој ја споделил оваа приказна во своето интервју за The Verge.

„Имав многу необична улога“, објаснил Мекџин во интервјуто. „Мојата задача беше да правам анкети и да испитувам разни фокус-групи низ светот, за да испитам дали луѓето веруваат во Закерберг и дали некогаш чуле за него. Тој факт е многу важен надвор од САД“, истакнал тој. Вели дека користел низа прашања за да ја следи перцепцијата на јавноста.

„Не испитував само што мислат луѓето за него, туку и дали им се допаѓаат неговите говори. Ви се допаѓаат ли неговите интервјуа со новинарите? Ви се допаѓаат ли неговите објави на Фејсбук? Повеќе или помалку, мојата работа личеше на политичка кампања, во смисла на константно следење како некоја информација била перципирана во јавноста“, кажал Мекџин. Тој исто така појаснил дека метриката не се сведувала само на „палецот нагоре“ или „палецот надолу“, туку следел и како биле прифаќани темите што ги отворал Закерберг.

Дополнително, Мекџин бил задолжен и за следење на перцепцијата и за главната шефица за операции во компанијата - Шерил Сандберг. „Фејсбук“ не е единствената компанија што спроведува истражувања за јавното мислење за брендот. Поради договорот кој содржел и клаузула на тајност, Мекџин не можел да ги споделува добиените резултати од анкетирањата.

Тој во интервјуто открил и како одлучил да ја напушти компанијата по само шест месеци, затоа што заклучил дека „Фејсбук“ има негативен ефект врз светот. Можеби од тоа и можеме да претпоставиме какви биле резултатите од неговите истражувања. Откако ја напуштил компанијата, тој спровел независно истражување врз 2.000 Американци за нивното мислење за „Фејсбук“. Меѓу технолошките компании, 32 проценти од Американците сметаат дека „Фејсбук“ е штетен.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура