X
 12.02.2018 Живот

Драган Костовски, дефектолог: Родители, исклучете ги телефоните и таблетите, излезете надвор со децата

Скопјанецот Драган Костовски, покрај тоа што е дефектолог, ја усовршил и биофидбек методата, па работи и како био и неврофидбек терапевт и помага при разни состојби, како аутизам, анксиозност, депресија, епилепсија, дислексија.


Костовски во неговата ординација

Биофидбек методата, која посебен подем има во последната деценија, а помага при разни нарушувања кај деца и возрасни, како контрола на одговорот на стрес, зголемување на внимание, хиперактивност, аутизам, анксиозност, депресија, епилепсија, дислексија, е достапна и во Македонија. Дефектологот Драган Костовски, трагајќи по успешни методи како да им помогне пред сѐ на децата, го открил биофидбекот.
Тоа е научна и медицинска метода, безопасна и без несакани ефекти, која се базира исклучиво на самообучување врз основа на повратна врска од моменталната физиолошка состојба, со можност за саморегулација. Се применува со помош на технологија која вклучува инструменти за мерење на одредени физиолошки процеси (ЕКГ, ЕЕГ, ЕМГ), нивна софтверска обработка и аудио-визуализација на истите.
- Апаратурата што се користи во оваа метода е конструирана со цел да го мери физиолошкиот импулс, преку кој можеме да ги препознаеме различните физиолошки состојби на спокојство, активност, концентрација и готовност – објаснува Костовски.

Биофидбек методата им помага на хиперактивните деца

Костовски објаснува дека неговата професионална определба како дефектолог (специјален едукатор и рехабилитатор) отворила голем број прашања и дилеми во насока на справувањето со одредени невролошки состојби кај децата кои секојдневно се борат да ги надминат.
- Потрагата по нови, но и успешни методи ме донесе до биофидбекот, што создаде еден нов оптимизам во мене дека состојбите како АДД, аутизам, дислексија, афазија итн. сепак може да ги надминеме со помош на биофидбек-методата. Таа е сосема безбедна, неинвазивна и нема несакани ефекти. Може да се примени кај речиси сите лица каде што постои реална можност да седат неподвижни пред монитор во времетраење до 40 минути. Не се практикува пред 6-годишна возраст, а може да биде применувана до длабока старост, сѐ додека постои позитивен одговор на повратната врска – вели тој.


Детето е во седечка позиција додека трае третманот

Биофидбекот се воведува од страна на одреден професионалец (лекар, психолог, дефектолог, физиотерапевт, спортски професионалец) како дополнување на работењето и справувањето со болестите и состојбите што се предмет на негов интерес. Костовски објаснува дека најдобри резултати, кои досега се научно поткрепени, биофидбек методата дава кај контролата на одговорот на стрес, зголемување на вниманието (АДД, АДХД, аутизам), анксиозност, депресија, епилепсија, дислексија.
- Биофидбек методата дејствува по пат на повратна врска и саморегулација. Лицето врз кое се применува биофидбек седи во удобна положба пред монитор. Просторијата каде што се изведува тренингот треба да биде со умерена температура и не многу осветлена, а терапевтот седи веднаш до клиентот на компјутер кој пак е поврзан со уредот. На клиентот му се поставуваат сензори кои вршат мерење на одредената физиолошка функција и ја пренесуваат до биофидбек уредот, кој пак по безжичен пат се поврзува со компјутерот. Преку посебен софтвер се анализираат податоците од уредот и се прикажуваат во вид на слика и звук како информација до клиентот за неговата моментална физиолошка реакција, едноставен пример е срцевата работа која со помош на ЕКГ-сензорот се мери и преку уредот се испраќа до компјутерот на терапевтот на кој се гледа колку отчукувања во минута се регистрирани кај клиентот – објаснува Костовски.

Стресот е најголема причина за АДХД

Тој напоменува дека оваа метода може да ги замени класичните методи на лекување, но треба да му се понуди на пациентот како возможна дополнителна опција за надминување на одредена состојба, а не веднаш и по секоја цена да се посегне по разни анксиолитици, антидепресиви, антиревматици и психостимулатори. Костовски работи со деца кои се соочуваат со нарушувања, како хиперактивност, аутизам, дислексија. Вели дека резултатите се многу индивидуални, но нудат надеж за успешноста на биофидбекот. Особено е успешна метода кај деца со АДХД.



- Само по неколку тренинзи се гледаат резултатите, како преку намалување на бавните мозочни бранови, но и реално преку искази на родителите дека започнува нешто да се случува кај нивните деца – вели тој.
Општ впечаток е дека во Македонија имаме сѐ повеќе деца што се соочуваат со синдромот на недостиг на внимание (АДХД), како и проблеми со концентрација. Костовски објаснува дека стресот како број еден фактор кој произлегува од модерното живеење е најголемиот причинител на сѐ поголемиот број деца со нарушувања од ваква природа.
- Секако, улога имаат и загадувањето и нездравата исхрана. Немањето време на родителите да поразговараат со своите деца и да им помогнат во справувањето со предизвиците честопати знае да биде причина поради која, за жал, имаме сѐ поголем број дечиња што лутаат со своите мисли и се затвораат во сопствениот удобен свет. Исклучете ги телефоните, таблетите и компјутерите, излезете надвор со своите деца, иницирајте заеднички активности низ домот, едноставно живејте го животот заедно со своите деца – вели Костовски.

Проблемите на децата се резултат на стрес

Кога се во прашање хиперактивност и недостиг на внимание кај децата, родителите често се исправени пред дилемата каде грешат, дали го продлабочуваат проблемот со своите постапки или му помагаат. Што советува Костовски?
- Професионално, но и као родител можам да заклучам дека секој за своето дете го сака и му го мисли најдоброто. Родителите, брзајќи да му овозможат на детето што поквалитетен живот, се забораваат во купувањето беспотребни предмети, забораваат да ги научат сопствените деца на ред и дисциплина кога се работи за организираност и среденост во домот. Овие навики подоцна кај детето придонесуваат во развојот на нарушено внимание и хиперактивност– вели тој.
Потенцира дека штетна навика е и да се брза со учење на читање и пишување уште во градинка.
- Со тоа несвесно му кратиме еден цел развоен период на детето кога тоа треба само и само да игра. Изморени од секојдневните обврски, најлесно е на детето да му го дадеме компјутерот или таблетот и проблемот е решен. Да, проблемот краткорочно го решаваме, но долгорочно го продлабочуваме. На нарушеното внимание и хиперактивноста, бидејќи се комплексни по својата природа, треба и комплексно да им пријдеме, со користење на сите расположливи средства да не дозволиме на детето да му создадат дополнителни проблеми кои во неговиот подоцнежен живот ќе имаат далекосежни последици.
Костовски на биофидбек методата ѝ предвидува светла иднина. Вели дека сѐ повеќе ќе се користи при решавањето на најсложените состојби на умот и телото.
- Напоредно со технолошкиот развој ќе бидеме сведоци на сѐ помасовна употреба на оваа метода во лекувањето, но не само во решавањето на сложените психофизиолошки проблеми туку и во постигнувањето врвни резултати кај спортистите.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот