X
 12.02.2018 Наука

Митови поврзани со ГМО и органската храна во кои треба да престанеме да веруваме

gmo
Фото: Unsplash

За некои потрошувачи, самиот чин на пазарење во супермаркет може да биде непријатност проследена со огромни одлуки. Дали да се купат органски домати или оние конвенционалните. Органските се двојно поскапи, така што мора да се подобри, нели?

Но тоа не е толку едноставно. Познатите личности, анти-ГМО групите и трендовите на храна започнаа да шират лажни информации и митови за храната што секој ден избираме да ја јадеме. Дали храната означена со етикетата „органска“ всушност е поздрав избор? Дали оваа храна не содржи пестициди? Дали воопшто треба да се плашиме од пестициди?

Неодамна, актерката Зои Дешанел ги наполни насловните страници на весниците поради нејзината документарна серија за органска храна наречена „Корењата на вашата храна“ - имено, серијата изобилуваше со грешки и дезинформации.

Во неодамнешно видео објавено на „Фејсбук“, Дешанел погрешно тврдеше дека луѓето треба да ги елиминираат 12. овошја и зеленчуци кои најверојатно имаат највисока количина остатоци од пестициди. Сепак, ова тврдење не е во согласност со консензусот на научната заедница. Она што најмногу загрижува е тоа што Дешанел ги поттикнува потрошувачите да купуваат само органска храна за да ги избегнат пестицидите. Тоа е лош совет поддржан од погрешно размислување.

Многу истражувања покажуваат дека само затоа што храната е означена како „органска“, не значи дека таа била одгледувана без пестициди.

Во продолжение се најчестите митови за ГМО и органската храна. Разбирањето на она што го вели науката може да им помогне на потрошувачите да се осигурат дека ја избираат храната што е најздрава за нив.

Мит 1: Органската храна е побезбедна бидејќи не е третирана со пестициди

За производителите на храна да ги означат своите производи како органски, треба да ги исполнат стандардите поставени од организациите и владите.

Американското министерство за земјоделство ја потврдува храната како органска доколку се покаже дека ги штити природните ресурси, ја зачувува биолошката разновидност и користи одобрени супстанции.

Во Америка и во Канада органската храна не смее да содржи ГМО. Исто така, врз органската храна не смее да се користат синтетички ѓубрива или пестициди, три години пред да се изврши бербата. Но само затоа што културата одговара на дефиницијата за органска, не значи дека е целосно ослободена од користење на ѓубрива.

Органската сертификација УСДА овозможува природни супстанции како што се феромоните, вакцините за животни и ограничен број природни пестициди, но во 2011 година УСДА покажала дека во 39 отсто од 571 примерок има остатоци од пестициди, многу од нив под толеранцијата утврдена од ЕПА.

Сепак, истражувањата на трендовите на пазарот од 2005 година, од „Хол Фудс“, покажаа дека повеќе од 70 отсто од потрошувачите купувале органска храна за да избегнат пестициди.

Изложеноста на малку пестициди не е нужно токсична за луѓето. Големото прашање, од токсиколошко гледиште, е колку сме изложени? Првиот принцип на токсикологијата е дека дозата е онаа што го прави отровот.

Додека студиите покажаа дека конвенционалната, неорганска храна навистина доаѓа со поголема веројатност за изложеност на остатоци од пестициди во споредба со органската, ризиците за здравјето на изложеноста често се преувеличени од организации како што се Работната група за животна средина и здруженија за безбедност на храната.

„Нивоата на кои сме изложени се далеку, далеку помали од нивоата што би можеле да предизвикаат штета врз нашето население. Значи, намалувањето на нашата изложеност, во овој случај со купување органска храна - навистина нема да предизвика некоја значителна здравствена корист за нас како потрошувачи“, вели Карл Винтер, токсиколог за храна на Универзитетот во Калифорнија.

Мит 2: Органската храна е поздрава

Кога ќе се споредат органски јаболка со неоргански, доказите не покажуваат дека органските ги прават луѓето поздрави.

По анализирање 240 истражувања за хранливата вредност на органската храна, авторите на истражување објавено во 2012 година заклучиле дека не постојат силни докази дека органската храна е значително похранлива од неорганската храна.

Сепак, истражувачите заклучиле дека јадењето органска храна може да ја намали изложеноста на потрошувачите на остатоци од пестициди и можноста за внесување бактерии отпорни на антибиотици.

Истражување спроведено во 2016 година заклучило дека органските млечни производи и месо имале повисоко ниво на омега-3 киселини кои биле поврзани со пониска стапка на срцеви заболувања и подобра имунолошка функција.

Додека зголемените нивоа на омега-3 се добри за вас, тоа не го оправдува превисокото плаќање на органските млечни производи и месо затоа што и конвенционалното месо и млечни производи содржат омега-3.

Мит 3: Опасно е да се јаде ГМО-храна

Способноста да се смени генскиот состав на културата е тема на дебата со децении.

Генски модифицираните организми - култури со геноми зголемени со ДНК од други организми, засекогаш ја променија земјоделската индустрија. Научниците создадоа генски конструирани видови култури кои содржат гени што ги штитат од штетници, плевели или од одредени растителни вируси.

И покрај тоа што првите ГМО се појавија на пазарот пред 23 години, дебатата околу нивната безбедност и понатаму е популарна и е поттикната од дезинформации за влијанието што го имаат врз здравјето.

Важно е да се знае дека ГМО не се ограничени на неприродни, синтетички изработени намени - и тие можат да ги искористат предностите од природните процеси. На пример, бактеријата Bacillus thuringiensis била откриена како природен инсектицид пред повеќе од 100 години.

Неодамна, биоинженерите ги модифицирале гените на култури како пченка за да го изразат инсектицидниот протеин присутен во овој природен микроорганизам, отфрлајќи ја потребата физички да прскаат култури со неа.

Како резултат на тоа, самата култура е токсична на инсекти, а соседните полиња и екосистеми во голема мера не се засегнати.

Стравот од ГМО и од нивните наводни ефекти врз здравјето е уште една причина зошто потрошувачите купуваат органска храна.

Европската Унија забранува земјоделците да произведуваат ГМО. Во Америка производите што содржат ГМО наскоро ќе треба да бидат етикетирани. Но овие мерки на претпазливост во голема мера се неосновани бидејќи не постојат сигурни докази дека која било ГМО-храна претставува ризик за здравјето на луѓето.

Ако ништо друго, генските модификации ги прават културите побезбедни за земјоделските работници (генските измени ги прават посевите поотпорни на штети од инсекти и вирусни инфекции, така што растенијата имаат потреба од помалку пестициди), па дури и ги прават похранливи, што доведува до здрав вид за повеќе луѓе во светот.

Мит 4: ГМО се лоши за животната средина

Луѓето што се против ГМО често го забележуваат нивниот наводен ефект врз природната средина. Тие стравуваат дека генските модификации би можеле да се пренесат на природната средина или дека ГМО-културите би можеле да ја потиснат природната биолошка разновидност на една област.

Тие забележуваат и дека ГМО-храната бара поголема употреба на хербициди, со што се намалува биолошката разновидност и ги прави растенијата поотпорни на хемикалии. Во ова има вистина. Истражувачите во 2016 година откриле дека фармерите што одгледувале генско модифицирана соја користеле повеќе хербициди отколку земјоделците што не користеле. Истражувачите признаваат дека сè уште имаат многу да научат за тоа како ГМО влијаат врз животната средина.

Но генерално, ГМО не предизвикуваат толку многу штета колку што мислат критичарите. Истото истражување спроведено во 2016 година откри дека ГМО го намалуваат количеството на пестициди.

Научниците сè уште не се целосно сигурни дали ГМО се подобри за природната средина отколку другите видови култури.

На крајот од денот, органската храна не е лоша опција. Не е ниту ГМО-храната. Но потрошувачите ќе мора да направат избор за храната врз основа на науката, а не врз основа на шпекулации.

Многу митови опстојуваат околу ризиците од ГМО и придобивките од органската храна. Но едно е јасно: јадењето овошје и зеленчук е најважно, без оглед на тоа дали се органски или ГМО.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука