X
 14.02.2018 Наука

Техника за помнење што им помага на учениците и на пациентите со Алцхајмерова болест

Кога се обидувате да запомните нешто ново, се претпоставува дека треба да вложите повеќе напор и труд. Но, понекогаш, можеби не треба да направите ништо. Изгаснете ги светлата, седнете и уживајте 10-15 минути во тишина и ќе се уверите дека меморијата за фактите кои тукушто сте ги научиле е многу подобра отколку кога сте се труделе да го правите тоа на продуктивен начин.


Новите истражувања покажуваат дека треба да се стремиме кон „минимално попречување“ за време на тие паузи, намерно да се избегнува секоја активност што може да ја попречи задачата за формирање на меморијата. Затоа, се препорачува да не се проверува електронска пошта, да не се гледа во паметниот телефон. Треба да му се даде на умот шанса за целосно полнење без пречки.

Иако ова звучи како одлична техника за мрзливи ученици, сепак истражувањата откриваат дека ова е добро и за лицата со амнезија и некои форми на деменција. Се вршеле испитувања и за тоа дали оваа техника може да им помогне и на лицата што страдале од невролошка повреда, како на пример мозочен удар. Оние што престојувале во темна соба и спиеле откако им била дадена задача да запомнат зборови имале многу подобри резултати од оние што за време на паузата имале активности. Луѓето со невролошко оштетување бележеле резултати како и сосема здрави луѓе.

Ако сакате да применувате начини за подобрување на меморијата без да вложувате многу напор, експертите советуваат:

-    Тестирајте се себеси. Активно поттикнувајте се да запомните информации.
-    Ако учите за испити, оставете неколку недели простор помеѓу повторното учење и повторувањето на материјалот.
-    Зборувајте сами со себе. Едноставно опишувајте си сегменти од настани во вашата меморија.
-    Додајте различност. Некогаш може да е придобивка ако ги измешате и комбинирате предметите што ги изучувате, наместо да ги учите еден по еден во делови.

Се сметаше дека информациите што ги изучуваме се зацврстуваат во нашата меморија додека спиеме. Затоа и многумина учат пред да заспијат. Но, експертите сега откриле дека тој процес не е ограничен само на спиење, туку слична таква невронска активност се случува и во периоди на одмор додека сте будни. Најверојатно на мозокот му е потребна смиреност и релаксација за да ги складира информациите и да ги запамети.

Научниците сега се обидуваат да го користат овој начин и кај пациентите што имаат Алцхајмерова болест, но сите се согласуваат дека освен клинички придобивки за ваквите пациенти, техниката за одмор без попречување може да ни помогне на сите.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука