X
 15.02.2018 Образование

Што е потребно за наставникот да биде задоволен од својата работа?

nastavnik

Наставниците имаат витална улога во животот на учениците. Тие им даваат знаење, се грижат за нив, имаат улога на личност на која ќе се огледуваат и, пред сè, создаваат средина погодна за учење. Меѓутоа, наставниците се оптоварени со многу предизвици што можат да доведат до незадоволство, што ги тера да се откажат од професијата.

Тогаш, што го прави наставникот задоволен од неговата работа и покрај предизвиците со кои би можел да се соочи?

Податоците од прашалникот за наставници во рамките на ПИСА од 2015 година даваат интересни докази.

Наставниците по наука кои известиле дека сакаат кариера во наставната професија се позадоволни од нивната работа и професија како целина. Ова се 58 отсто од сите наставници во просек од сите земји. Односот помеѓу овие долгогодишни амбиции и задоволството на наставниците е силен во повеќето земји и економии, а особено во Пекинг-Шангај-Џиангсу-Гуадонг (Кина), Бразил, Доминиканската Република, Перу и Обединетите Арапски Емирати.

Но недостигот на училишно-образовни и физички ресурси и проблемите во однесувањето на учениците во училиштата би можеле да го нарушат задоволството на наставниците. Присуството на соработка и колегијално работно опкружување би можело да го зголеми задоволството на наставниците. Всушност, наставниците што пријавиле честа соработка меѓу нив и колегите се позадоволни од својата работа и професија како целина. Колаборативните активности се почести во Австралија, Пекинг-Шангај-Џиангсу-Гуангдонг (Кина), Колумбија, Доминиканска Република, Кореја, Макао, Перу, Португалија и ОАЕ, а поретко во Бразил, Чиле, Чешка, Германија, Италија и Америка.

ПИСА 2015 година покажува дека наставниците што се инволвирани во повеќе од три типа професионални развојни активности во текот на претходните 12 месеци имаат тенденција да бидат позадоволни од наставничката професија и нивната тековна работа. Во просек во сите земји, 52 отсто од наставниците учествувале на повеќе од три различни вида професионални развојни активности во текот на последните 12 месеци.

Последно, но не и најмалку важно, некои фактори што обично се поврзани со предизвикувачките средини за учење, како што е присуството на големи пропорции на ученици имигранти или ученици што не го зборуваат јазикот на земјата домаќин, не се поврзани со незадоволството на наставниците во нивната работа или професија. Овој наод е особено интересен бидејќи покажува дека на наставниците не им пречи настава со покомплексни студентски популации, сè додека околината е погодна за учење и се достапни соодветни ресурси.

Сумирано, задоволството на наставниците е поврзано со факторите за кои се знае дека ги подобруваа перформансите на учениците, како што се колегијални и позитивни училишни средини. Со други зборови, задоволството на наставниците е и аспект и последица на училишната средина. Како таква, потребно е да се подобри искуството за учење за сите ученици со цел да се зголеми професионалното задоволство на наставниците.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование