X
 16.02.2018 Технологија

Што сѐ знае вашиот смартфон за вас? Многу повеќе отколку што мислите...


Момче држи смартфон во раката, а пред себе има лаптоп
(Фото: Pixabay)


Паметните телефони складираат огромна количина податоци. Но, тоа е само врвот од карпата мраз што плови во океанот од податоци кои се создаваат додека го следат нашето однесување и нашите активности.

Смартфоните создаваат дигитални профили со интимни информации за нашите приватни животи, кои подоцна им се продаваат на компаниите, кои, пак, ги користат при донесување на своите деловни одлуки. Тоа обично се случува без наше знаење, дозвола или надзор.

Методите што се користат за следење и надзор стануваат сè пософистицирани, а паметните телефони можат да бидат употребени за собирање огромна количина информации и кога се користат апликациите, но и кога само се вртат во заднината.

Меѓу тие информации можат да се најдат податоци за нашата локација, историјатот на пребарување на интернет, активностите на социјалните мрежи, финансиски и биометриски податоци – кои се добиваат преку читачи на отпечатоци, скенери на рожници или со препознавање лица, но исто така и метаподатоци (информации за податоците).

Секој вид податоци можат да откријат нешто за нашите интереси и преференции, ставови, занимации и социјални интеракции. Истражувањето спроведено на Институтот МИТ покажа дека метаподатоците за нашата електронска пошта можат да се употребат за мапирање на нашите животи, како и следењето на промените во нашите приватни и професионални мрежи.

Така е можно да се добијат лични податоци за нашата историја, религиски убедувања, политички уверувања, сексуална и родова ориентација, здравје, општествени контакти...

Неодамна спроведеното истражување покажа дека седум од десет апликации за паметните телефони ги споделуваат податоците со компаниите и алатките што ги следат корисниците, како што е Google Analytics. Податоците од повеќе апликации можат да се поврзат за да се создаде дифитален профил со повеќе детали, дури и кога на поедини апликации сме им го скратиле пристапот до одреден вид податоци.

Со други зборови, паметните телефони можат да бидат претворени во ефикасни уреди за следење и надзор и можат да стигнат до огромен број податоци кои не сакаме да ги споделуваме со другите.

Така собраните или купени податоци, компаниите обично ги користат за целно огласување и сервиси приспособени на личните потреби и желби на корисниците за да заработат.

Тоа некогаш може да биде и корисно затоа што може да ни го олесни пребарувањето за нешто што сакаме да го купиме. Но, од друга страна, овозможува и компаниите да вршат дискриминација во вид на скратување еднаков пристап до стоките и услугите, но и при вработувањето, доделувањето кредити...

Секогаш е присутен и ризик при користење на апликациите за плаќање. Кинеската влада најави дека планира да ги комбинира податоците за личната потрошувачка со службените податоци, како што се повратот на данок и сообраќајните прекршоци.

Проектот веќе е во пилот-фаза. Кога целосно ќе го активираат, тој ќе стане темел за мерење на степенот на кредибилитет на секој граѓанин поединечно, што исто така ќе има свои последици, како на пример – скратување на кредит, одбиени барања за вработување или исклучување од општествените активности.

Наведените можности не се научна фантастика, туку реалност која е присутна со сите ризици што се закануваат и денес. А тоа би можело да биде само почеток, пишува Next Web.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија