X
 19.02.2018 Образование

Порака од еден директор на училиште: Не верувајте во сѐ што ќе ви каже детето!


Дечиња-ученици
(Фото: Pixabay)


Еден директор на училиште, кој сакал да остане анонимен, напишал осум совети за родителите што ќе им помогнат растењето и образованието на нивните деца да го изведат на најдобриот можен начин.

Понекогаш однесувањето на детето дома и на училиште може драматично да се разликува. Постојат нешта што учителите ги забележуваат, а родителите не – можеби поради тоа што не сакаат, а можеби и затоа што не можат. Пренесувајќи го моделот на воспитување од своите родители врз сопствените деца, многу често не ги увидуваат грешките што ги прават. Затоа, овој директор одлучил да им помогне со неколку совети од агол на некој што со децении работи со голем број деца.

1. Вашите деца ве сакаат и се угледуваат на вас. Тие ве имитираат, затоа учителите ги гледаат родителите низ однесувањето на децата. Потрудете се да им дадете добар пример. Ако во секојдневниот живот се однесувате агресивно, ако сте нервозни кога возите, кога се шетате, кога купувате, сето тоа ќе се одрази врз однесувањето на вашите деца. На училиште се трудам да им бидам пример за одмерено однесување и внимателно го одбирам речникот на кој се изразувам, но родителскиот пример е сепак на прво место. Ако детето го опцуе другарчето или, како што почесто се случува, наставникот, верувајте дека не го научило тоа од нас.

2. Покажете им на децата дека ви се важни. Тука не мислам на тоа редовно да им зборувате колку ги сакате. Мислам, конкретно, да го тргнете телефонот настрана кога ќе се видите по завршувањето на училишниот ден. Тие сакаат да ви зборуваат за нивниот ден, но само ако видат дека тоа ве интересира повеќе од некоја фотографија од пријателите на „Инстаграм“. Освен тоа, успехот на училиште ќе биде многу поголем ако покажете дека тоа и вам ви е важно.

3. На вашето дете му е неопходен сон, и тоа квалитетен. Важно е да се погрижите детето навечер да си легнува навреме. За основците, тоа значи во 21, најдоцна 22 часот. На телефоните не им е местото во спалната соба. Кога детето ќе си легне, телефоните треба да останат во дневната соба. Истото важи и за родителите (навратете се на првата точка).

4. Водете сметка за исхраната на детето. Обилен и здрав појадок е предуслов детето на почетокот од денот да се наполни со енергија. Многу е важно од мали нозе на децата да им всадите здрави навики. Ако им давате бисквити за да си ги чешаат непцата, да грицкаат грисини додека уште се во количка, да не се чудите кога подоцна за ручек ќе ви побараат чипс и „кока-кола“. На тоа сте ги научиле вие. Наместо тоа – здрави грицки и домашно подготвен ручек за на училиште. Напомена: 100 денари за ужина во пекарница или сендвичарница не е одговорно родителско однесување!

5. Нештата можат да тргнат наопаку. Очекуваме отворено да ни кажете ако имате какви било грижи во врска со вашето дете. Исто така, кога ќе се случи нешто, немојте да го исклучувате телефонот или да ги игнорирате повиците од наставниците. Или, уште полошо, да правите непримерни сцени низ ходниците во училиштето. Таквото однесување јасно ни зборува од кого детето го научило своето несоодветно однесување.

6. Не верувајте во сè што ќе ви каже детето во врска со училиштето – дури и ако другарчињата ја поддржуваат неговата приказна. Кога ќе настане некој проблем, децата многу добро знаат како да ве „допрат“ и внимателно да ја оттргнат вината од себе. Немојте да избувнувате и да ветувате дека другиот ден „ќе го кренете училиштето во воздух“. Мирно обидете се во училиштето да дознаете што се случило. Затоа што во оној момент кога детето ќе сфати дека поскоро ќе им одржите лекција на наставниците отколку нему, ќе ви биде многу потешко да воспоставите дисциплина и доверба.

7. Социјалните мрежи се токсични за децата. Децата помали од 13 години не би смееле да користат „Фејсбук“. Ваша е одговорноста да го спречите детето да се изложи на ризици кои се непотребни, а еден од нив е онлајн-насилството. Врсничкото насилство одамна престана да биде само физичко, а ваша должност е да го заштитите детето од опасностите што демнат во виртуелната реалност.

8. Ако го поддржувате своето дете во тоа дека лекциите што ги учи се непотребни, а домашната задача преобемна, ако не верувате во процените на учителите за тоа колку знае вашето дете, ако пронаоѓате изговори за сè што прави или што не прави, ќе дојде момент кога сето тоа ќе ви се врати како бумеранг. Во даден момент детето ќе почне и дома да се однесува на истиот начин. Верувајте, полесно е да ги поддржите наставниците од самиот почеток, па заедно да пронајдете начин на децата да им всадите добри навики, макар тие притоа и да бидат незадоволни. Бидејќи резултатите ќе покажат дека трудот се исплател.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование