X
 21.02.2018 Живот

Бибе Милошевиќ, хуманист: Верувам во свет изграден врз љубов и почит кон човечкото достоинство

Септолете тотал ви ја претставува Бибе Милошевиќ, девојка со големо срце, активистка и хуманитарец што верува во позитивни промени во општеството. 

Бибе самоиницијативно организирала преку 50 хуманитарни акции, користејќи ги предностите на социјалните мрежи за брза и флудина комуникација и организација.



Иако сега е членка на хуманитарната организација Lions International, поточно активист во женскиот клуб LIONS Club – Dunja, Бибе не ги формализира и институционализира своите хумани дела, туку прави и помага секогаш кога е во можност, затоа што силно верува во должноста на сите луѓе да им помагаат на оние на кои им е потребна помош.

Нејзината тројна формула за градење поубав и побезгрижен свет се темели на Вера, Надеж и Љубов – особини кои ги расте и негува во себе, секојдневно.

Што те мотивира да останеш инволвирана во хуманитарните работи?
Љубовта кон луѓето и желбата да помогнам некому. Верувам во свет изграден врз љубов и почит кон човечкото достоинство. За жал, многу луѓе се препуштени сами на себе и нема кој да ги ислуша и да им помогне. Постојано читаме за семејства што им ја исклучиле струјата, семејства што немаат финансиски средства да се прехранат, семејства каде што децата одат голи и боси, и никој не превзема ништо околу тоа. Без разлика како дошло до таа ситуација, се трудам да помогнам каде можам, за некому да му ја вратам надежта за подобар живот и да верува во подобро утре. Најчесто нашите апели за помош се за храна, гардероба и средства за хигиена. Ние ги собираме тие донации од хуманиот народ и ги носиме на семејствата. Секогаш кога носиме донација, разговараме со семејства и се трудиме да им објасниме дека мора да работат за да можат да го издржуваат своето семејство. Се трудиме да им обезбедиме работа, како долгорочно решение, за да немаат повеќе потреба од донации. Како што рекле, не му давај на човекот риба – научи го да ја лови. Се трудиме да им ставиме до знаење колку е важно да си го заработат лебот и нивните деца да имаат безгрижен живот и полни стомачиња. Ние како луѓе, мораме да се потрудиме да бидеме причина за нечија насмевка.

Дали некоја важна личност во твојот живот ја поттикна хуманоста во тебе? Што можеш ти да направиш за да мотивираш повеќе луѓе да помагаат, да делат и да волонтираат?
Јас од мала сум воспитувана да делам се што имам со пријателите и да им помагам на луѓето на кои им е потребно. Моите родители често носеа донации во домот за деца без родители и по центрите за деца со посебни потреби. Многу сум им благодарна што не научија мене и сестра ми Данче на вистинските вредности во животот. Не научија дека се што се купува со пари е безвредно. Не научија дека не е во ред да трошиме пари на храна која не ја јадеме и на гардероба која не ја носиме. Со тие пари можеме да нахраниме некое дете или бездомникот што го гледаме секој ден на учица и го одминуваме. Подобро е да поделиш парче леб со пријател отколку да се гостиш сам на трпеза. Кога го живееш овој начин на живот, ги мотивираш и тие околу тебе да делат и да помагаат. Одлична работа е што денес речиси сите комуницираме преку социјалните мрежи, особено преку Facebook, па на тој начин апелите за помош многу брзо стасуваат до хуманите луѓе и донациите експресно ги реализираме. Прекрасно е чувството кога ќе објавиме апел за помош и за неколку часа ја имаме собрано целата потребна донација. Исто така, благодарение на вмрежувањето на Facebook запознав многу добри и хумани луѓе кои огромен дел од своето слободно време го трошат на волонтерски и хуманитарни акции. Сега имам многу пријатели со кои неизмерно се почитуваме, дружиме и имаме иста цел - да помогнеме онаму каде што е најпотребно.

Секое хумано дело е само по себе за восхит и признание, но дали имаш спомени од некоја хуманитарна акција што ти го променила погледот на светот и животот? Раскажи ни како си се чувствувала во дадени моменти.
Што се однесува до мене, јас посакувам бројот на хуманитарни акции да е сведен на минимум и да немаме потреба да ги организираме. Сите да ги имаат потребните финансиски средства за нормален и достоинствен живот. Да нема болни дечиња и повеќе да не вртиме на мобилните телефони за да донираме 100 денари за да спасиме човечки живот.



Сепак, хуманитарна акција која најмногу допре до мене и ми остави силна трага е акцијата за Никола Докиќ, кој за жал ја изгуби борбата со тешката болест. Никола беше прекрасно 27 годишно момче, секогаш позитивен и насмеан, го сакаше животот и се бореше до крај. Со неговите родители и целиот тим на луѓе што се вклучија во хуманитарните акции за Никола, дадовме се од себе за да ги обезбедиме потребните финансии за тој да се излечи. Станавме семејство, тетка Лиле, чичко Луко, брат му Ивица, другар му Александар, прекрасната Нина и уште многу други луѓе деноноќно молевме за донации по фирми, фејсбук групи, пријатели....баравме спас за нашиот другар тука и во странство. Бевме убедени дека Никола ќе излезе како победник и дека ќе ни се придружи во нашите хуманитарни акции. За жал, не успеавме. Изгубивме голем другар и прекрасен човек, загубата не се опишува со зборови.

Исто така, би ја издвоила и хуманитарната акција за поплавените во скопско. Повторно, преку Facebook групата “Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје”, се собравме тим од 20ина луѓе, што постојано бевме на терен и носевме храна, гардероба, маски и чиста вода за пиење на населението. Тоа беше животно искуство за мене. Глетката беше страшна и се надевам дека никогаш повеќе нема да се повтори.

Твоето грло е твојата моќ, а ти ја користиш за да охрабриш, мотивираш и утешиш многу луѓе. Каква порака би сакала да испратиш до читателите во оваа прилика?
Животот е многу поубав ако подадеме рака. Најдете време во ова невреме и помогнете некому. Застанете и подадете парче леб. Ако видите дека човек има проблем – посоветувајте го како да го надмине. Секој човек води битка за која не сме свесни. Животот е тркало, не знаеме што не чека утре. Ја имате моќта да го направите светот поубаво место за живеење – изборот е Ваш.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот