X
 22.02.2018 Образование

Христијан има IQ 145, чита од нецели 2 години, а множи од 4

Седумгодишниот велешанец наизуст ги знае сите 45 претседатели на САД, обожава астрономија и сака да работи во НАСА

Христијан Арсов има седум години, учи во трето одделение во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, има развиена логика нетипична за своите врсници, коефициент на интелигенција 145! Буквите и бројките кои за неговите врсници знаат да бидат проблем, за него се „веќе видена работа“. Лани тој беше прваче само еден месец, кога педагошката служба во училиштето утврди дека местото му е во погорните одделенија.


Екипата на Факултети.мк дозна за ова дете жедно за знаење при посетата на неговото училиште во Велес, а како дел од серијалот посветен на овој град. Психологот на училиштето, Соња Ристовска, со радост ни раскажа за него, за неговиот развој и за предизвиците пред кои се исправени Христијан, неговите родители и наставниците.
Христијан не е од оние деца што ги интересира само една работа. Математиката ја сака најмногу, ја сака астрономијата, природните науки.
Почнал да чита на нецели две години. Денес веќе множи двоцифрен со троцифрен број без да запишува.



Со неговата мајка Борка Југова-Арсов ги поканивме во нашите простории и го имавме најубавиот работен ден што некој може да си го замисли. На Христијан му годеше вниманието и сакаше да ни покаже што сè знае и умее.
- Уште на година и нешто Кико покажуваше знаци дека е различен. Почна да чита на една година и 10 месеци. Не можеше убаво да ги изговори зборовите, ама ги поврзуваше по слогови. Прво ги научи латиничните букви, се шеташе насекаде со тетратка и молив и со баба си главно пишуваше букви. Уште на две години ни ги знаеше напамет телефонските броеви и датумите на раѓање. На четири години ни се обратија од друго основно училиште („Васил Главинов“) за тој да учи таму. Оттаму предложија да тргне порано на училиште (на нецели пет години), ама не ни одобрија од Министерството за образование. Но, тоа училиште ни е подалеку и затоа се решивме за „Св. Кирил и Методиј“. Имаме одлична соработка со кадарот во училиштето, сите се трудат, ама за Христијан се чини дека е премалку – вели мајката на Христијан.

Христијан со мајка му Борка Југова-Арсов

Не им е лесно ниту на родителите на надарените деца, со оглед на тоа дека во нашиот образовен систем и немаме преголемо искуство со такви деца. Родителите на Христијан се трудат да му овозможат колку што е можно подобро образование.
- Секаде каде што ќе слушнеме дека може да ни биде од корист, го носиме. Од пред точно една година Христијан оди во Детскиот едукативен центар во СЕМОС, каде што веќе посети неколку курсеви. Сега е на курсот за html, кој се воведува по 12 години, но нему му дозволија да го учи. Размислуваме многу како да му помогнеме, кој е најдобриот начин. Размислуваме да го продолжи образованието и надвор од Македонија, но ни требаат вистински насоки. Сакаме да добие образование какво што заслужува за да може да напредува. И трето одделение не му е доволно во моментов. Тие учат латиница, а тој ја знае од две години. Него го интересира наука – објаснува Југова-Арсов.


Христијан сака да се дружи, им помага на другарчињата кога нешто не им е јасно во учењето. Вели дека му е досадно кога на час учат работи што тој веќе ги знае.
- На македонски сега ми е многу досадно оти мора да ги слушам како читаат бавно. Наставничката ми дава да препишувам текстови на латиница додека тие учат некоја нова буква. Многу сум среќен кога правиме експерименти по природни науки. Некогаш правиме жапчиња од хартија, правиме отпечатоци на чевлите, па ги фарбаме, гледаме презентации, а понекогаш и јас правам презентации. Сега се подготвувам за општински натпревар по природни науки за петто одделение. Учам математика и со петтоодделенците и со нив ми е поинтересно – вели малиот Кико.



Во ноември минатата година тој освои второ место на натпреварот за демонстрации по математика на манифестацијата „Ноември – месец на науката“ што го организираа неколку факултети.

Кико многу сака да го пренесува своето знаење

По покана на Институтот за физика при ПМФ, лани настапи на манифестацијата „Денот на астероидот“ во киното „Фросина“, каде што зборуваше за астероидите. Интересно е што многу сака да им пренесува знаење на неговите другарчиња, на членовите на семејството. Со татко му Димитар Арсов работат математика на забавен начин.
- Со татко ми си правиме тестови, кој побрзо ќе пресмета некој производ. Татко ми запишува, јас не, тој може побрзо ќе го реши, ама греши и пак јас победувам – се смее Христијан.
По часовите многу сака да учи за ѕвездите.
- Астрономијата ми е многу забавна. Малку луѓе можат да одат во вселената, тоа е возбудливо. На другарчињата им зборувам за овие работи. Некои од нив не сакаат многу да слушаат, не се многу по учењето. Кога ќе пораснам, сакам да работам во НАСА – вели Христијан.
Коефициентот на интелигенција на Христијан изнесува 145, според последното мерење во јуни 2017 година. Мерењето го правеше психологот Надица Скепароска-Петковска од „Мозаик советувалиште“. На мерењето направено на 18 август 2016, IQ изнесувало 132.
- Забележано е видно зголемување на коефициентот на интелигенцијата во однос на минатогодишното тестирање. Тоа секако се должи на интензивниот процес на учење изминатата година и вклучување во образовен процес. Со ова темпо се очекува коефициентот на интелигенција да оди во нагорна линија, а знаењата да се збогатуваат – стои во извештајот од м-р Скепароска-Петковска.


На настанот School of the future Христијан имал можност да се сретне и со компјутерскиот гениј Марко Чаласан и признава дека сака повторно да го види Марко. Мајка му на Христијан ни објаснува дека разговарале и со приватни училишта во Скопје, од каде што им било ветено дека ќе му обрнат поголемо внимание на Христијан, ама, сепак, без целосна стипендија.
- Се обраќаме секаде каде што ќе чуеме дека се работи со надарени деца. Се обративме и до МЕНСА, ама тие немаат програми за деца под 16 години – додава Борка.
Многу сум возбудена и се радувам за Христијан. Тој чита стихотворба двапати и третиот пат ја кажува без грешка. Сепак, тој е детенце и се трудиме да не биде преоптоварен, вели психологот Соња Ристовска.

Психологот на училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, Соња Ристовска

- Кога дојде во прво одделение со нецели 6 години, читаше како за деветто одделение, покажа брзо помнење, разбирање на работите, течен говор, убав речник, воспитано... По еден месец сфативме дека детето нема што да прави во прво. Законски е дозволено забрзано напредување без полагање испити. Нему и во трето одделение годинава не му е доволен предизвик. Има развиена интелектуална љубопитност и убава логика, а и дома многу работи – вели Ристовска.



Таа додава дека педагошката служба и родителите се трудат да ги почитуваат неговите интереси и одлуката за дополнителни часови по математика е исполнување на неговата желба.
- Сакаме да го извлечеме од неговиот комодитет и да има нови предизвици. Се трудиме и да не го оптoваруваме премногу и доколку родителите увидат знаци на стрес, на умор, да реагираат – ни објасни психологот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование