X
 22.02.2018 Живот

Најсрамниот момент од ОИ одржани во Сараево, 1984 година: Како Мате и Фахрудин го ограбиле Кирк Даглас

1

Февруари 1948 година: Затворен ресторанот „Уна“ на сопственикот Фахрудин Шехиќ, кој на глумецот Кирк Даглас и на неговото друштво им ја наплатил вечерата десетпати поскапо, и тоа во долари... Затворени уште три кафулиња поради истиот прекршок.

Сè во Сараево функционирало речиси совршено за време на Олимпијадата, освен неколку приватни системи за празнење џебови. Еден од овие системи се викал „Уна“, приватен угостителски објект чиј сопственик е Фахрудин Шехиќ.

На 11 февруари се појавиле шпекулации дека два дена претходно во „Уна“ вечерал актерот Кирк Даглас со неговото друштво. Наместо да наплати 5.400 динари, сопственикот ја зголемил сметката за десет пати и му наплатил 54.000 динари. Ресторанот веднаш бил затворен.

Приказната на Фахрудин


Ресторанот „Уна“ е познат по добрата храна. На тропањето не отвора никој. Завесата на горниот кат се помести кога сопственикот забележа дека некој слика. Малку подоцна, Фахрудин почна да зборува, но никако да каже што всушност се случило. Направена е грешка, а скандалот ќе падне на него. Порадо би ја покажал книгата со впечатоци од неговиот ресторан во која се запишале многу познати гости.

Во книгата има навистина познати имиња - Видое Жарковиќ, Душан Алимпиќ, Бранко Мамула, Ингемар Стенмарк, група глумци од југословенскиот драмски театар на гостување во Сараево. Сите овие луѓе го фалат местото и уживањето во ресторанот „Уна“ и никој не вели дека сопственикот наплаќа повеќе пари.

„Како беше? Тоа пладне кај мене дојде некој Мате, рече дека е келнер од Риека и дека бара работа. А кај мене имаше работа овие денови, па го зедов да служи. Не го ни пријавив, мислев да биде ден-два, додека трае Олимпијадата. Таа вечер Кирк Даглас навистина дојде во ресторанот со своето друштво. Беа сместени во една просторија на горниот кат. Убаво си поминуваа, јадеа, пиеја“, вели Фахрудин.

Сопственикот ги служел додека ги служел, а потоа...

„А потоа, околу два и пол часот наутро, отидов да купам месо за наредниот ден. Остана да ги служи Мате. Им ја даде сметката што мојата жена ја направи - 5.400 динари. Мате додал уште една нула додека се качувал и им наплатил толку“, вели Фахрудин.

Кога се вратил Фахрудин ги немало ни гостите ни Мате.

Ги ограбил и гостите и Фахрудин, и избегал.

Приказната на инспекторот


Приказната на шефот на пазарната инспекција, Петар Вуковиќ, е многу подетална.

„Во вторник, 10 февруари, добивме писмена пријава од Организацискиот комитет на ЗОИ со приложената сметка од ресторанот „Уна“, од која се виде дека сопственикот на ресторанот ја зголемил цената за десет пати“, вели инспекторот.

Така, општинскиот орган веднаш донел решение ресторанот да се затвори од 1 март.

Хостесата што го следела Кирк Даглас тврди дека цела вечер ги служел Фахрудин Шехиќ, а ова го тврдело и целото друштво. Самиот Фахрудин ја направил сметката и лично наплатил. Всушност, наплатил во долари - вкупно 400 американски долари.

Инспекторатот веќе изрекол одземање на дозволата за работа во траење од пет месеци проследено со кривична пријава поради неоснована добивка поголема од 30.000 динари и поради наплата во девизи.

Кога станува збор за последната мерка, инспекторот вели дека Фахрудин покајнички донел 400 долари во општината, да му се вратат на извесен господин Веис кој таа вечер бил во друштво на Кирк и ја платил сметката.

„Организацискиот комитет на ЗОИ го исконтактира господинот Веис за да му ги врати парите, но тој замоли парите да се искористат во добротворни цели.

„Скандалот и понатаму се поврзува со мене. Зошто ме снајде мене кога јас сум донатор. Дадов десет милиони за оваа Олимпијада“, вели тој.

За време на Олимпијадата уште три локали во Сараево се затворени по ваква итна постапка - кафулето „Стар сат“, „Мотори“ и „Клуб А“ поради наплатување на услугата повеќе отколку што е пропишано.

„Осмица“, 1984 година

Извор: Југопапир
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот