X
 23.02.2018 Забава

Каде летово: Листа на најдобрите музички фестивали


Музичка журка
(Фото: Pixabay)



Ако сакате во живо да слушнете некои од најголемите музички имиња, ви ги претставуваме фестивалите на кои можете да си го остварите ова задоволство.

1. Primavera Sound


Фестивалот, кој е активен од 2001 година, се одржува во Барселона и привлекува посетители од целиот свет. Минатата година на овој фестивал присуствувале дури 200.000 луѓе затоа што настапуваа имиња како Соланж Ноулс и Грејс Џонс. Оваа година најавени се Лорди, АСАП Роки и Бјорк. Цените за билетот почнуваат од 200 евра нагоре, а фестивалот ќе се одржува од 30 мај до 3 јуни.

2. Sonar Festival

Неколку недели по Primavera, исто така во Барселона се одржува вториот култен фестивал, Sonar. Познат е по широкиот спектар на електронска музика, а годинава слави 25 години постоење. Најавени се Лорен Гарние, Дипло, Бонобо, „Бајсеп“ (Bicep), потоа солистот од „Рејдиохед“, Том Јорк, и феноменалниот бенд „Горилаз“. Билетите може да се набават по цена од 60 евра, а фестивалот ќе се одржува од 15 до 17 јуни.

3. Lollapalooza Paris

Познатиот американски фестивал си доби неколку свои европски верзии, а едната од нив е во Париз. Главните ѕвезди на овој дводневен фестивал се „Депеш мод“, „Д Килерс“, „Горилаз“, потоа Дуа Липа, „Касабиан“, „Паров Стелар“, „Bastille“, „Блек Ребел Мотосајкл“ и многу други... Значи, само во два дена имате можност да ги слушнете некои од најголемите светски музички имиња. Цената на фестивалскиот билет е 150 евра, а ќе се одржи на 21 и 22 јуни.

4. Sziget


Овој е еден од најпристапните фестивали во Европа со најдобра музичка постава. Во годинашното издание ќе можете да ги чуете Кендрик Ламар, Ноел Галагер, „Арктик Манкис“, „Сигаретс афтер секс“, „Ла фем“, „Клин Бандит“, „Д Кукс“ и многу други изведувачи. Цените на влезниците почнуваат од 70 евра, а фестивалот трае од 8 до 15 август.

5. Way out west

Изведувачи што досега го потврдиле својот настап се Лике Ли, „Арктик Манкис“, „Аркејд фајер“ и Кендрик Ламар. Списокот на изведувачи сè уште не е готов, но овој фестивал не разочарува, со оглед на тоа што минатата година настапија Лана дел Реј, Френк Оушн и Реџина Спектор. Постои од 2007 година и има репутација на еден од најдобро организираните фестивали на светот. Се одржува во Гетеборг, Шведска, од 9 до 11 август, а цените на влезниците се движат од 180 евра.   

6. Flow Festival

На овој фестивал во Хелсинки во 2017 година настапија Лана дел Реј, Модерат, Френк Оушн и голем број еминентни имиња од музичкиот свет. Она што го издвојува овој фестивал од другите се импресивните инсталации што за потребите на фестивалот ги направија современи фински уметници. Меѓу изведувачите оваа година се Сент Винсент, Пети Смит, Лике Ли, „Арктик Манкис“ и Кендрик Ламар. Во содржините на фестивалот можете да уживате од 10 до 12 август, а најниската цена на влезницата изнесува 100 евра.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава