X
 27.02.2018 Технологија

Факултетот за информатика ќе поддржи тим од средношколци и основци за да настапат на меѓународен натпревар

Деканката на Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Цвета Мартиновска-Бенде денеска го прими тимот од основци и средношколци од Кочани кои ќе настапат на меѓународен натпревар во Словенија. Станува збор за натпревар по инженерство, а учество земаат ученици од целиот свет. Факултетот за информатика ќе го поддржи тимот финансиски и менторски.



Факултетот за информатика со задоволство ја прифати иницијативата на Клубот по роботика од средното училиште „Ѓошо Викентиев“ да биде покровител и да помогне во реализација на натпреварот First Lego League, регионален натпревар кој ќе се одржи во Словенија. Можам да истакнам дека ги поддржуваме ваквите воннаставни активности бидејќи сметаме дека на овој начин се продлабочува интересот на учениците и студентите за науката, особено за инженерството и математиката и на овој начин учениците и средношколците стекнуваат вештини кои понатаму можат да им бидат од корист на пазарот на трудот. На тимот „Макбот пионирс“ им ја честитам победата. Тие освоија прво место на државниот натпревар во Србија - изјави деканката проф. д-р Цвета Мартиновска-Бенде.

Деканката изрази надеж дека овие средношколци во иднина ќе бидат студенти на УГД и на Факултетот за информатика. Професорот Гордан Анастасов од средното училиште „Ѓошо Викентиев“ ја истакна благодарноста за поддршката што факултетот им ја дава на учениците.

Голема чест е за нас што една ваква институција ни даде признание и застанува зад она што го почнавме пред неколку месеци и ќе биде наш покровител за регионалниот натпревар кој ќе биде во Словенија. Ние сме прв клуб од Македонија кој учествува на оваа лига и го освоивме првото место - изјави професорот Гордан Анастасов.

Учениците на државниот натпревар во Србија се претставиле со проект за искористување на водите и дале едно инженерско решение за ефикасно одгледување на спирулина со минимални инвестиции.

Дел од учениците истакнаа дека натпреварувањето е многу интересно и корисно за нив и се надеваат дека на натпреварот во Словенија, со поддршка од УГД, ќе можат да донесат уште некој медал.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија