X
 27.02.2018 Наука

Која е најопасната последица од предолгото гледање телевизија?

Истражување објавено во списанието „Тромбоза и тромболиза“ открива дека ризикот од создавање крвно згрутчување се зголемува кај лицата што повеќе време поминуваат пред телевизиските екрани.


Гледањето телевизија, односно гледање серии една епизода по друга, може да биде опасно за здравјето, па истражувачите предлагаат дека е време да пронајдете друго хоби. Венската тромбоемболија, односно крвното згрутчување кое често се јавува во вените на нозете, е поврзана со долготрајните часови поминати во седење. Со текот на времето може да влијае и врз циркулацијата во белите дробови и да биде смртно опасна.

Во спроведеното истражување на Универзитетот во Минесота учествувале голем број луѓе во период од 24 години, а се работи за прво истражување што го поврзува долготрајното гледање програма и појавата на венска тромбоемболија меѓу популацијата на Западот. Лекарите од студијата објаснуваат дека штетното влијание на долготрајното гледање телевизија во седечка позиција е непроменето дури и ако лицето многу се движи.

Резултатите укажуваат на тоа дека и лицата што имаат редовна телесна активност не би требало да ги игнорираат потенцијалните оштетувања кои се јавуваат поради предолгото седење. Избегнувањето на долгото седење, зголемувањето на телесната активност и контролирањето на телесната тежина се важни фактори во превенцијата за појава на згрутчување на крвта. Интересно е и тоа што истражувањето покажало дека тромбозата е почеста во западните земји отколку во азискиот свет.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука