X
 27.02.2018 Образование

Вторачињата учат македонски јазик од учебник со грешки

Едни сопствени именки напишани со голема буква, други со мала, и тоа во учебникот по македонски јазик за второ одделение, кога децата според програмата учат основни правила - кога и каде се пишуваат големи букви


Некој се вика со голема, а некој со мала буква

Коњчето „Ветрец“ и кокошката „Несилка“, но петлето „ранобудник“ и магаренцето „тврдоглавко“. Едни сопствени именки напишани со голема буква, други со мала, и тоа во учебникот по македонски јазик за второ одделение, кога децата според програмата учат основни правила - кога и каде се пишуваат големи букви. Учебникот, издание на „Просветно дело“, е отпечатен во 2014 година, поминал корекции кај матичниот издавач, меѓу кои и лектура и коректура, сите контроли во Министерството за образование и наука и веќе четврта година децата се описменуваат преку него.


Врабецот „сивко“ и ветерот „Северко“

Како децата да научат правилно да го користат мајчиниот јазик кога вакви основни грешки се отпечатени во учебникот, прашуваат родителите. - Не се само големите букви. Има многу други недоследности. На пример, користењето на самогласката „и“ и истата со апостроф. Во два реда е различно напишана. Реченица почнува со мала буква. Технички грешки, споени интерпункциски знаци... Што да му кажам на детето? Дека тоа што го пишува во книгата не е точно? – објаснува родител.


„Се“ наместо „Сè“

На прашањето што ќе преземат, од Министерството за образование и наука велат дека водејќи се од начелото „квалитетни учебници за учениците“, предложилe измени и дополнување на постојниот Закон за учебници. Целта е да се подобри квалитетот на учебниците, да се даде можност одобрените учебници да се осовременат за употреба во основните и во средните училишта и да се подобрат постапките за одобрување за употреба на учебниците.




Што е точно: „Раскажувач“ или „раскажувач“?

- Предвидена е постапката за исправки и дополнувања на одобрените учебници на барање на самите издавачи или на барање на Педагошката служба. Ќе се формира комисија чие позитивно мислење ќе биде услов за натамошна употреба на одобрениот учебник. Во таков случај, издавачите ќе мора да ги издадат учебниците со исправките и дополнувањата или да испечатат додаток, а на наставниците им се дава можност да ѝ укажат на Педагошката служба за потребата од исправка или дополнување. Вака, ќе се надмине проблемот со правната празнина за постапување во случаите кога имаме учебници кои треба да се коригираат, а воедно се внесуваат и наставниците како важни субјекти кои треба да дадат соодветен придонес за квалитетот на учебниците и наставата – велат од МОН за Факултети.мк.

Тие додаваат дека предложените измени јасно повлекуваат линија меѓу учебниците што се во употреба пет години од оние што се менуваат секоја година - Се задолжува директорот на Педагошката служба тоа да го прецизира за да се избегнат евентуални злоупотреби – велат од МОН.


Нова реченица, со мала буква

Тие очекуваат новите измени да ги подобрат процедурите и постапките за набавка и обезбедување учебници за учениците во основните и во средните училишта, а првенствената цел е да се обезбеди квалитет на содржините низ учебниците, почитувајќи ги начелата на современото живеење, како и можност за „отворен пазар“ за сите засегнати страни инволвирани во процесот на создавање учебници.

- Измените на Законот го потврдуваат правото на издавачите да ги пуштат во продажба учебниците, но се ограничуваат тоа да го вршат по цена по која Министерството ги откупува учебниците. На тој начин се отвора пазарот за учебниците, но од друга страна се ограничуваат издавачите да не ја злоупотребуваат привилегираната позиција на издавач во однос на определувањето на цената – велат од МОН.

Ќе биде дополнета и постапката за набавка на учебници по странски јазици. Така ќе биде олеснето набавувањето на овие учебници кога има нови изданија, земајќи предвид дека практика на странските издавачи е секоја година да издаваат нови изданија.

Продолжува: Која е поуката од приказната „Мара Пепелашка“?
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование